Амбасадата на Р. Италија и издавачката куќа „Арс Ламина“ го презентираа македонското издание на најпознатиот италијански прирачник за готвење
Во рамките на годинешното издание на Неделата на италијанската кујна, вчеравечер, 15 ноември, во книжарницата „Литература суперстор“ во „Скопје сити мол“, Амбасадата на Р. Италија и издавачката куќа „Арс Ламина“ го презентираа македонското издание на првиот и најпознат италијански прирачник за готвење, објавен првпат во 1891 година од славниот гастроном и патописец Пелегрино Артузи.
На промоцијата, во присуство на многубројна публика од италијанисти, љубители на италијанската кујна, како и многу пријатели на италијанската култура, се обратија италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри, Јована Каранакиќ – преведувач на делото и Надица Фирфова – уредник на македонското издание.
„Ѝ благодарам на ’Арс Ламина‘ што го организира овој настан, заедно со нас, како дел од Неделата на италијанската кујна низ светот, а оваа година во Скопје по осми пат. Вечерашниов настан е особено значаен затоа што не се зборува само за кујна туку и за други аспекти што ги промовираме, на пример италијанскиот јазик, преводот на италијански книги на македонски јазик и, генерално, за нашата култура“, истакна италијанскиот амбасадор Силвестри во своето обраќање.
„Има една метафора во италијанскиот јазик, па често ќе ги слушнеме Италијанците како велат: ’Es tato una passeggiata‘ (тоа беше прошетка – метафора за лесна работа), од тој аспект ова воопшто не беше прошетка, односно преводот на оваа книга не беше воопшто лесна работа. Од друга страна, беше навистина многу убава прошетка низ вкусови, низ традиции, низ просторот и низ времето, низ италијанските региони, низ нивната флора и фауна и не само на Италија. Артузи бил многу начитан и образуван човек и ни пренесува информации за сите растенија и животни кои се споменати во книгата и нѐ шета исто така и низ Индија, Кина, Бразил, Јужна Америка итн.“, додаде преведувачката на делото Каранакиќ.
Уредничката на македонското издание, Надица Фирфова, се осврна на содржинскиот аспект на делото, потенцирајќи дека, освен обемниот број рецепти (вкупно 790), кои можат да се користат како идеи за готвење и денес, авторот Артузи нуди и повеќе корисни совети за здравјето и начинот на исхрана, како еден вид потсетник и насоки за сите луѓе без оглед на просторот и времето кога живеат. Со тоа, може да се каже дека ова дело е совршена книга за сечиј дом и за секое семејство кое претпочита здрав начин на живот.
Присутните на настанот, освен уживањето во промоцијата на „Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“, најчитаната книга за италијанската кујна, имаа можност и да вкусат закуски приготвени според рецептите од книгата од реномираните готвачи Филип Чаловски и Јовица Сотировски, како и да уживаат во италијански вина.
Модератор и водител на промоцијата беше познатата ТВ-водителка Александра Пановска Илиевска, која е добар познавач на вкусната и квалитетна кујна како долгогодишен водител на едно од најпознатите македонски кулинарски шоуа.
„Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“ од Пелегрино Артузи е книга што се смета за нераскинлив дел од италијанската култура, а во која се содржани многубројни различни рецепти, вклучително и десерти, џемови, ликери, сладоледи итн. Во книгата има и специјален додаток со избор на јадења за оние што имаат послаб желудник, но и предлог-менија за секој месец во годината.
Освен заради изобилството рецепти, оваа книга е значајна затоа што на оригинален начин го отсликува духот на едно изминато време. Артузи на читателите им се обраќа на хумористичен и ноншалантен начин, во духот на пријателски советодавец, вметнувајќи духовити анегдоти кај повеќето рецепти и опишувајќи ги сопствените искуства, но и историската важност на одредени јадења.
Иако е поминато повеќе од еден век од првото појавување на оваа книга, таа и денес се преобјавува и се преведува на повеќе светски јазици, а преводот од италијански на македонски јазик е прв и во нашето соседство.
Македонското издание на првиот и најпознат италијански прирачник за готвење, „Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“ е достапно во поголемите книжарници, како и онлајн преку следниот линк: https://www.literatura.mk/gotvaci/33185-gotvenjeto-kako-nauka-i-umetnosta-na-ubavoto-jadenje
ПР објава