Бев одличен ученик со намалено поведение: Интервју со актерката Весна Гаврил
Весна Гаврил е актерка со долгогодишно искуство. Денес таа е посветена на работата со децата, со цел своето знаење и искуство за актерството да им го пренесе на најдобар можен начин. Тоа го прави со тоа што е дел од Детскиот Алтернативен Театар „Мали, а големи. Покрај, нејзината моментална работа, ја потсетивме и на нејзините почетоци, но и нејзините тинејџерски денови. Што таа ни откри, прочитајте во продолжение.
# Од колку години започна да се занимаваш со глума?
Гледајќи во минатото, тоа беше на мои 12 години, идеална возраст за човек да се навлече кон уметност. Го играв ликот на Султана (Гоцевата мајка), монолог од Ката Мисиркова Руменова, се сеќавам ги расплакав луѓето од публиката, најверојатно пресуден момент кога помислив дека можеби и сум создадена ете баш за таа професија. Подоцна, со мојата посветеност и амбициозност во аматерските води, се стекнав со стипендија од Француската амбасада и ми се отвори патот кон исполнување на мојот сон.
# Кога ќе се навратиш во детството може ли да се сетиш кој ти ја пренесе љубовта кон актерството?
Љубовта кон актерството ми ја пренесе татко ми, кој безрезервно беше мој ментор и голема поддршка.
# Дали твојот идол од детството е променет или се уште се восхитуваш на истата личност?
Идол можеби не, но луѓе на кои им се восхитувам ги има. Се воодушевувам на изведбата на некоја ролја сработена на мајсторски начин, изведена на тој начин што ниту една замена не би можела истото да го изведе.
# Кој ти беше најголема поддршка во почетоците?
Моја подршка отсекогаш биле моите родители, најголеми критичари и поддржувачи. Луѓе кои ми дозволија да го сонувам мојот сон и на тој начин ми ја дадоа слободата во раце.
# Каква тинејџерка беше Весна?
Бунтовник, одличен ученик со намалено поведение.
# Ќе можеш ли да ни споделиш некоја интересна приказна од тие денови?
Ги има многу, се сеќавам на една случка кога позајмив мотор на другар и тоа беше мое прво возење и бегање од полиција, бидејќи возев без кацига. Неумешна во возењето и преплашена бегав, а полицијата со ротационото светло возеше по мене, успеав да избегам во една тесна уличка.
# Каков ученик беше и кој предмет најмногу го сакаше?
Бев одличен ученик, многу сакав да читам, читав и дела што не беа дел од наставата, но посебно ја сакав математиката, сакав да изведувам формули, да решавам задачи итн.
# Дел си од Детскиот Алтернативен Театар „Мали, а големи“, како се снајде во работата со деца?
Денес сум дел и од Детскиот Алтернативен Театар „Мали, а големи“ кој функционира во рамките на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија. Да се работи со деца е благородна работа, тие се предизвик кој ме мотивира да бидам креативна и инспиративна со цел да го извлечам најдоброто од нив.Таа искрена детска насмевка за секој успех и тоа нивно „успеавме“ немаат цена.
# Што е она што оваа работа ја прави магична?
Правевме етиди со членовите од ДАТ и во еден момент на децата им велам: Гледате пред вас пустина, некои ја гледаа и ја доживуваа. Кога таа пустината ќе ја видат сите, тогаш ја гледаме вистината, а кога вистината ќе ја види и публиката тогаш следува громогласен аплауз. Ние ја создадовме пустината, создаваме многу нешта на сцената која е магична, а вистинската реализација не прави да бидеме најдобри.
# На кој проект си особено горда?
Секој проект ми е мил, во секој сум дала дел од себе, горда сум на проектот со УНИЦЕФ, горда сум на секој проект кога ги гледам децата како се забавуваат на сцената и на нивниот професионален видик. Особено горда сум на наградата што ја освоив за најдобра актерка на фестивалот во Фиер и на уште еден куп проекти кои сум ги реализирала, но и на оние кои допрва чекаат да бидат реализирани во соработка со Министерството за култура и Град Скопје, кои се наши поддржувачи од самите почетоци до денес.
# Кој е твојот совет до сите оние млади деца кои се уште се двоумат дали да се впуштат во овие води?
Да пробаат, можеби сцената ќе им биде најкомфорна зона, место каде што тремата ќе ја искористат во позитивна насока и енергијата ќе ја насочат на право место. Младите не треба да ги огранчиме, треба да им дадеме слобода во нивниот избор. Аристотел рекол: „Младоста е во состојба брзо да се разочара, затоа што брзо и се надева“. Сепак ние сме тука да ги насочиме.
Ивана Мисајловска