Бираме евровизиски претставник: Кои се младите музичари кои се најдоа во трката да ги бранат боите на Македонија на евровизиската сцена?
Кој ќе ја претставува Македонија на овогодинешната Евровизија?
Во петокот (на 28.01.2022 година) во емисијата „Стисни плеј“, која се емитува на Македонската радио телевизија, беа претставени шесте селектирани песни и изведувачи, кои се најдоа во трката за овогодишен претставник на најголемото музичко натпреварување во Европа, „Евровизија“.
Шесте изведувачи кои се во оваа трка се млади и талентирани музичари - некои ѝ се повеќе познати за пошироката македонската јавност, додека други за првпат ги покажуваат своите таленти. Сите шест композиции се со светски призвук и се нешто што досега не можело да се слушне од некој македонски изведувач на Евровизиската сцена.
Евровизискиот претставник ќе го одбира публиката, но и меѓународно стручно жири, а истиот ќе биде прогласен овој петок на 04.02.2022 година, кога и ќе биде затворено гласањето за публиката. Од еден уред може да се гласа само еднаш, затоа пред да го дадете својот глас, добро преслушајте ги и запознајте ги сите кандидати.
# Ris Flower - „Flying to Berlin“
Ris Flower е единствениот артист од Македонија кој е застапен на Vevo платформата. Дебитираше со “Translucent” во 2020та, летото во 2021ва беше актуелен со проектот Live Power Sessions, a кон крајот на истата година го објави и видеото за Hearts so cold. Ris Flower е комплетен автор на својата музика, а за нејзино усовршување работи во најреномираното студио „Ари“ во Истанбул, Турција и тоа со музичари кои работат со светски познати имиња како Таркан, Сертeб Еренер, Мустафа Сандал и многу други. Ris Flower на издавање на својата музика работи со професионални издавачки куќи од Турција и Британија, задолжени за дигитална дистрибуција на преку 160 музички платформи.
# Kaly - „Love and Light“
Kaly важи за една од најразноличните вокални интепретаторки во земјата. Во 2006та, како што вели, го доживеала своето музичко „огнено крштевање“ со составот Стил Темпл и тоа како предгрупа на култните Whitesnake. На сцената е присутна повеќе од 15 години, а во нејзиното музичко портфолио ќе најдете кавер и авторски проекти од безброј музички правци – од класика, џез, етно до фанк, поп и рок – од акапела состави до филхармониски концерти. Посебно значење му дава на проектот Kaly’s Music challenge – концептуални музички видеа во домашни услови, со единствена цел обединување на музичарите и создавање музика.
# Лара - „Flower of Sorrow“
Lara за прв пат и се претстави на македонската публика на Макфест 2019та година, кога имаше само 16години, со темата „Кој те учи така“ и остави силен впечаток со својата изведба во живо. Оттогаш разви исклучителна динамика и континуитет во кариерата, па така денес има 8 синглови со видео запис зад себе, а за дел од нив има и препев на англиски јазик. „Некогаш ќе помине“, „Осамена“, „Кој е сега крив“ се само дел од нејзините хитови. На последното издание на Макфест 2021ва година, сосема заслужено, доби награда за најдобра вокална интерпретација.
# Yon Idy - „Dreams“
Yon Idy честопати во јавноста го опишуваат како „странецот од Македонија“ затоа што неговиот музички стил и продукција се многу блиски до најактуелните инди поп артисти од западната сцена. Неговиот деби сингл “Gentle” во 2019та година се искачува на 12то место на топ листите во Албанија, а “Back around” во 2020та година убедливо најмногу допира до македонската публика и радио станиците. Покрај регионалниот успех, Yon Idy се слуша на радио станиците низ повеќе европски земји како Британија, Швајцарија, Германија, Грција, Хрватска, а дури и во САД. За една од неговите песни познатиот европски музички портал Sounds European вели дека е „без сомнеж најдобрата песна од Македонија“.
# Андреа - „Circles“
Andrea e артист и автор од Скопје, чијашто музика за само десет месеци е стримувана повеќе од девет милиони пати на платформата Тик Ток и 2.2 милиони пати на YouTube. Македонската публика ја освои со нејзиното првенче “I know”, а денес веќе ја препознава и Европа. Песните на Андреа се вртат на повеќе до 200 радио станици во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Англија, Канада, Германија, Франција и Италија. По големиот успех на нејзините први две песни, Андреа сними сет од 3 песни со светски познатиот оркестар FAME’s.
# Виктор Апостоловски - „Superman“
Viktor Apostolovski е пејач/автор/мулти-инструменталист од Битола, Македонија кого публиката го запозна во 2011та година како натпреварувач во талент-шоуто Македонски Идол. Во последните десет години има издадено над 50 песни, два албуми на македонски јазик и еден албум со колеги од САД, како и безброј настапи и соработки низ светот. Неговата деби песна “You were mine” во 2011та се пласираше во топ 20 на MTV Adria, во 2020та доби награда на Макфест за најдобар сценски настап, а последна песна “Mine” беше второнаградена на меѓународен натпревар за музика и продукција.
Како што веќе напоменавме, овие млади изведувачи се борат за титулата македонски претставник на „Евровизија 2022“, која ќе се одржува во Торино, Италија. Од Македонската радио телевизија посочија дека победник ќе биде оној кој ќе има најмногу поени, кога ќе се соберат оние на публиката и жирото. Доколку се случи двајца изведувачи да имаат ист број на поени, предноста ќе ја добие оној кој според меѓународното стручно жири има повеќе поени.