Близнаци родени од замрзнати ембриони пред 30 години, го прославија првиот роденден

Близнаци родени од замрзнати ембриони пред 30 години, го прославија првиот роденден

Објавена во: Совети // Семејство

Близнаците кои се родени од замрзнати ембриони пред 30 години прославија прв роденден.

Тимоти и Лидија Риџвеј се родени на 31 октомври 2022 година. Нивните посвоители имале само три и пет години кога ембрионите на бебињата биле замрзнати во 1992 година.

Ембрионите на братот и сестрата ги посвоил брачен пар во Ванкувер, Вашингтон, откако нивните биолошки родители - кои сакаат да останат анонимни - ги донирале своите ембриони на Националниот центар за донација на ембриони, пишува Бизнис инсајдер.

Посвоителите користеле ин витро оплодување за да ги добијат близнаците во 2022 година.

Во текот на процесот, ин витро оплодувањето обично се земаат јајце клетки од јајниците и се оплодуваат со сперма во лабораторија. Овој ембрион потоа се всадува во матката на жената каде што расте и се развива.

Бидејќи ембрионите на близнаците биле замрзнати во април 1992 година, тие ја добија титулата за најстар ембрион користен во процесот на ин витро ополодувањето, што беше успешно спроведено.

Пред близнаците, рекордер беше Моли Гибсон, родена во 2020 година од ембрион кој бил замрзнат речиси 27 години.

Биолошките родители на бебињата ги складирале нивните ембриони во лабораторија за плодност 15 години пред да ги донираат во центар за донации во Ноксвил, Тенеси, кој им дозволува само на хетеросексуалните парови кои се во брак најмалку три години да посвојат ембриони.

Нивните посвоители, Рејчел и Филип Риџвеј, имале само три, односно пет години, кога ембрионите на нивните деца биле замрзнати.

„Неверојатно е кога ќе помислам на тоа. Скоро сите со кои разговаравме имаат проблеми да разберат“, изјавил Филип за Инсајдер по раѓањето на близнаците.

Пред ова посвојување, семејството Риџвеј веќе имале четири деца на возраст од две до осум години, но сакале да продолжат да го прошируваат своето семејство.

Парот ги добил трите најстари деца преку ин витро, додека четвртото по природен пат.

„Секогаш мислевме - да имаме онолку деца колку што сака Господ да ни даде. Мислевме дека се уште не сме готови со проширувањето на семејството, ако тоа е Божја волја“, рекол Филип.

Двојката, инаку побожни католици, вели дека ембрионите во банката на Националниот центар за донација на ембриони често се занемаруваат.

„Овие ембриони често се занемаруваат бидејќи биле донирани од родители кои имале позната историја на одредени генетски нарушувања. Научивме дека овие деца не добиваат внимание затоа што многу родители кои влегуваат во процесот на посвојување ембриони се прашуваат со што би можеле да се родат децата“, рекла Рејчел.

Кога Националниот центар за донација на ембриони им кажале на семејството Риџвеј дека таткото на ембрионот починал од Амиотрофична латерална склероза, позната и како болест на Лу Гериг, тие не се двоумеле да ги изберат.

„Решивме да ги бараме децата кои, во извесна смисла, чекаа најдолго затоа што можеби нема да бидат совршени“, рекла таа.

Близнаците се родени како здрави бебиња.

„Тие имаат потенцијална маана што ни изгледа глупаво бидејќи сите имаме потенцијални недостатоци. Сите имаме можност да развиеме каква било болест, без оглед на тоа“, додала таа.

Нивното најстаро дете, деветгодишната ќерка, има епилепсија и астма, но Рејчел изјавила за Инсајдер дека не ја сакаат помалку само затоа што има здравствен проблем.

Близнаците го прославија првиот роденден на почетокот на оваа недела со чоколадна торта и балони.

„Како луѓе кои веруваат во Бог, сметавме дека на близнаците треба да им се даде шанса да живеат“, заклучила Рејчел.

Фото: Фејсбук
Извор: n1info.rs

Објавена во: Совети // Семејство

Можеби ќе ве интересира: