Бојан Мицев: „Секое утро патував од Штип за Скопје за да стигнам на настава во средното балетско училиште“

Бојан Мицев: „Секое утро патував од Штип за Скопје за да стигнам на настава во средното балетско училиште“

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Талентираниот Бојан Мицев го запознавте во нашата рубрика „Симпатија на неделата“, а неговата интересна прикзна не инспирираше да му поставиме уште неколку прашања, за да може и вие да ја прочитате. За почетоците во танцот, љубовта, како и идолите, 20 годишниот Бојан ни раскажа многу работи, а истите веруваме дека за вас ќе бидат доволна испирација за да не се откажувате од вашите соништа.

# Веќе ни раскажа дека прво имаш почнато да танцуваш,а потоа да зборуваш. Може ли малку подетално да ни ја раскажеш твојата танцувачка приказна?

Откако знам за мене, знам дека танцувам. Уште од мал сум имал огромна пасија кон танцот и мајка ми вели дека сум знаел да си ја пуштам омилената песна на касетофон и да заиграм уште пред да почнам да зборувам. А, кога дознав дека во мојот град постои школа за танци, веднаш се запишав и со нетрпение чекав да дојде секој нареднен час за пак да танцувам. За многу брзо време ја научив и првата кореографија која ја паметам и ден денес и ми дадоа можност да настапувам на завршниот концерт. Покрај сите настапи, натпревари, завршни концерти, фестивали, најомилено искуство со „Get Ready” ми беше учеството на музичкото шоу „Ја имам таленат” во 2010 година Белград. „Get Ready” не беше само место каде учевме да танцуваме, туку исто така беше место за социјализација, место за дружење и забава, место во кое растевме сите заедно и учевме да ги вреднувавме работите правилно, место кое мене ми беше отскошна даска и мотивација за да продолжам и понатаму да се занимавам со танц. Следен момент е студиото „GetFit” кое исто така има значајна улога во мојот развој во сферата на танцот. Таму освен што бев танчер, за прв пат почнав да ги развивам моите педагошки способности, водејќи групи на деца од 8 до 16 години. Заедно со нив почнав да ги создавам и моите први хип хоп кореографии.

# Од каде љубовта за танцот? Дали некој од твоето семејство ти ја пренесе?

Уште од мал сум имал осет за движење, ритам и музика, но никој од моето семејство не се занимава ниту со танц, ниту со музика. Не значи дека талентот секогаш се наследува од некој од семејството, тоа не е правило. Едноставно секој од нас се раѓа со нешто посебно во себе, кое во текот на животното патешествие е благослов да си го пронајде и негува секако. Всушност многу е лесно, треба само да се повикаме на внатрешниот глас, тој секогаш е најискрен со нас и ќе ни го даде вистинскиот одговор, а колку сакаме да го слушаме, зависи од нас самите.

# Кој е твојот идол кога е танцувањето во прашање?

Па не би можел да издвојам идол, бидејќи навистина се инспирирам од многу луѓе. Од областа на танцот ме инспирираат луѓе кои се трудат, работат и се позитивни. Се инспирирам од танчери кои се борат да ги надминат своите можности, се инспирирам од кореографи кои се иновтивнии педагози кои со нивната работа знаат како да ги стимулираат танчерите да напредуваат и кои знаат да извадат од нив различен танцов квалитет.

# На 17 години паралелно си одел на училиште во Штип, и на часови по модерен танц во Скопје. Како успеа во тоа? Дали е тоа напорно за еден тинејџер?

Точно. На 17 години започнав да се занимавам со модерен танц, благодарејќи на сегашниот директор на балетот во ХНК Сплит, Игор Киров, кој исто така е по потекло од Штип, кој виде потенцијал во мене и ме пренасочи во Скопје за да земам часови по модерен танц во средното балетско училиште ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј” во класата на проф. Елена Антонова – Петровиќ. Тогаш бев 4 - та година средно во штипската гимназија СОУ „Славчо Стојменски” и за сето ова да се претвори во реалност, морав да најдам начин паралелно да ги координирам и двете училишта. Па така патував секое сабајле од Штип за Скопје за да стигнам на настава во средното балетско училиште од 8 до 12 часот, и повторно назад за Штип, за да стигнам во 14:00 часот во гимназија.  Не знам ни јас самиот како успевав да постигнам, можеби таа година ми беше најтешка до тогаш, но истата таа година ме израсна најмногу психички и физички, ми беше отскошна даска за многу работи. Жртвував многу и се впуштав максисмум во процесот, а резултатот беше и подобар одколку што очекував. Се променија многу работи од тогаш па натаму. Решив дека сакам танцот да ми биде професија, и тогаш кога целта е поставена, се знае кој е патот. Давам се од себе и ден денес за да научам колку што е можно повеќе и да ги надградам моите танцови способности.

# Освен што си бил член во неколку танцувачки клубови, во некои од нив си бил и инструктор. Што е она што ти се допаѓа повеќе, да примаш знаење или да пренесуваш?

Овде сакам да го споменам и моето искуство како инструктор во „Битрикс” што исто така многу ми значи. Втора сезона сум дел од тимот на „Битрикс” и предавам современ и модерен танцна возрасните над 16 години. Моментално не сум во можност, бидејќи не сум во Македонија, но нашата соработка се уште постои. Слободно можам да кажам за Битрикс дека е дом во буквална смисла на зборот, бидејќи владее љубов и позитивна енергија секогаш. Сите до еден инструктори претставуваат инспирација сами по себе и многу работи научив од сите нив, на страна од тоа што сме многу блиски и приватно. Посебно сум горд и задоволство ми беше што успеав со мојата група да направам и кратка кореографија „(A)part” која беше изведена на 7 - миот роденден на Битрикс, но секако и за останатите проекти како претставата “Тишина”, “Beatrix Specials vol.2” итн. Убаво е да се развиваат педагошките способности, да се наоѓаат начини и методи како да се пренесе одредено знање на луѓе кои се сите различни сами по себе, по возраст, карактер... но, на прашањето ќе одговорам дека сепак себе си се гледам како танчер. Се уште сакам јас да напредувам и да се збогатувам со знаење, да стекнувам нови квалитети, да работам со различни кореографи, да бидам активен на сцената се додека ме служи телото.


# Студент, иснтруктор, учење, вежбање... како успеваш да се искординираш?

Во принцип, колку повеќе обврски имаме во текот на денот, толку поголема е продуктивноста. Не ми претставува тешкотија, бидејќи сето тоа што го правам ме исполнува, а и со тек на време станува рутина и се навикнав. Секако сите тие обврски доаѓаа една по една, но се наоѓа време за се, зависно колку сакаме да вложиме во нештото. Само треба голема желба, пожртвуваност и самодисциплина.

# Моментално си надвор од Македонија, поточно во Мадрид, Шпанија. Што е она што те натера да заминеш?

Желбата. Желбата да станам подобар танчер, да напредувам, да истражувам.Последново лето бев на летен камп што се одржуваше во Мадрид, Шпанија од 16 до 29 јули 2018год, во истата компанија каде што танцувам сега „Elephant in the Black Box”. Работевме интензивно со многу реномирани професории педагози од страна и запознав многу нови пријатели. Уште додека бев таму ја добив понудата да им се придружам од наредната сезона (септември 2018), но бидејќи периодот беше многу краток и не можев толку брзо да ги средам административните работи, се одлучив да одам сега, почнувајќи од јануари 2019. Таму ја надоградувам својата пракса, но паралелно сеуште сум студент 3-та година на Факултетот за музичка уметност, насока балетска педагогија - современ танц во Скопје.

# Како те прифатија таму, дали можеби се чувствуваш поценето отколку кај нас?

Со дел од играчите и професорите се знаев уште од летото од летниот камп, а дел ги запознав сега, така што не дојдов на толку непознат терен. Во принцип се фини приватно и имам воспоставено убав однос, но додека се работи владее натпреварувачки дух, што е нормално, бидејќи сите се дојдени со иста цел, а тоа ми дава плус мотивација да работам и да се борам повеќе.Воодноснатоадалисечувствувампоценето, сегазасеганебирекол, бидејќи сеуште сум нов овде, а има доста луѓе во Македонија кои го поддржуваат и вреднуваат мојот труд. Но, чувствувам дека сум дојден на место каде имам простор да напредувам повеќе и да ја усовршувам танцовата пракса.

# Имаш освоено многу  награди, кои би ги издоил како твои најдраги?

Повеќето од тие награди (пехари, дипломи и медали) ги освојував додека играв хип-хоп. Откако почнав подлабоко да навлегувам во танцот и да се едуцирам, наградата добиена на тие натпревари сега за мене ништо не значи, бидејќи танцот е уметност која има сосема друга цел. Натпреварот како форма создава комплекси кај танчерите мислејќи дека се најдобри доколку освојат награда, или дека не се способни доколку не освојат награда. Така детето создава сосема погрешни вредности за танцот. Тоа што за мене претставува награда е повеќе она внатрешно чувство, за некој убав и успешно завршен процес.На пример, претставите и премиерите на кои што сум добил можност да учествувам, бидејќи нечиво „БРАВО” на крај, значи многу повеќе и мотивира отколку некој медал за 1 - во место. Моментално престојот и вежбањето овде во Мадрид ми се најголема награда што сум ја имал.

# Кој е твојот совет до нашите читатели кои можеби го поминуваат твојот пат?

Никогаш не се откажувајте од својот сон. Создадени сте за да заблескате некаде со вашата енергија, со причина!

# Како за крај, кој hashtag го користиш најчесто?

#dance

Ивана Мисајловска

Објавена во: Интервјуа, Таленти

Можеби ќе ве интересира: