Борбата продолжува – сметаме дека комбинираната настава е најдобро решение: Сојузот на средношколци дециден
Дојде и стартот на новата учебна година. Учениците од прво до трето одделение наставата ќе ја следат во живо од училишните клупи (секако оние чии родителите се сложија), а останатите ќе имаат настава од далечина.
Оние што ќе ја следат настава од далечина тоа ќе го прават преку Националната платформа, која изминатите денови имаше неколку тестирања, кои не поминаа баш најдобро. Во текот на вчерашниот ден, лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи посочи дека дека во оној момент кога ќе се подобри епидемиолошката слика, учениците би сакале да се вратат во училишните клупи, бидејќи во спротивност ќе ја бојкотираат наставата.
Поради тоа, поразговаравме со уште еден претставник од Сојузот на средношколци, кој ни откри нешто повеќе за нивните ставови и идни планови, кога е во прашање онлајн наставата и Националната платформа за учење на далечина.
# Кои се вашите очекувања за новата учебната? Ќе биде ли истата успешна?
Очигледно, ако денот го судиме според утрото, на учебната година не ѝ се пишува добро. Нашите очекувања се да имаме квалитетен образовен процес со заштитено здравје на учениците и превенирање на негативните општествени ефекти. За жал, ова сѐ уште не го гледаме.
#Веќе три дена се тестираа платформите, но ниту еден тест не можеме со сигурност да кажеме дека е успешен. Каков е вашиот став за оваа Националната платформа? Ќе може ли истата да ги замени училниците?
Впрочем, ние уште од март зборувавме дека треба да се изработи Национална платформа, која ќе биде универзална за сите училишта. Ова дело го сметаме за единствена гаранција на квалитетот на наставата од далечина. Оваа Национална платформа го падна првиот тест и ги изневери очекувањата на учениците. Ќе видиме каква ќе биде ситуацијата на први октомври. Сигурно дека нема да може да ги замени училниците, но сепак мора да се запази квалитетот и на наставата од далечина.
#Најавивте дека со текот на времето ќе барате и враќање во училишните клупи. Од што ќе зависи тоа?
Кратко кажано - од ситуацијата и бројот на заразени од КОВИД-19, односно пандемијата. (Не)квалитетот на онлајн наставата може да ги засили овие барања.
#Сметате ли дека со бојкотот кој го планирате, доколку властите не ви овозможат комбинирана настава, ќе успеете да го добиете она што го сакате?
Моментално разгледуваме повеќе опции за покажување на отпор кон одлуките на властите. Сепак, врвен приоритет ни се желбите на средношколците и квалитетот на образовниот процес. Борбата за комбинирана настава продолжува. Сметаме дека ова е најдоброто решение.
И.М.