Буквално имало денови кога со моите сме се крпеле за храна: Стефан Лазаров за Хаштаг откри што го поттикнало да му помогне на Неџат
Деновиве една од најпозитивните вести кои имавме можност да ја прочитаме во повеќе медиуми е онаа за хуманитарната акција која ја спроведе јутјуберот Стефан Лазаров. Имено, тој со помош на своето влијание, му помогна на 18-годишниот Неџат и заедно со неговите пријатели, следбеници и соработници му овозможија нов живот.
Целата оваа акција Стефан ја скоцка во две видеа – во првото Неџат ја раскажа својата животна приказна, а во второто Лазаров ја покажа спроведената акција на дело.
По овој повод, решивме да поразговараме со Стефан, а тој за Хаштаг раскажа како се запознал со момчето, на кое му го промени животот.
„Со Неџат се запознавме така што тој ми доаѓаше на сите мои музички настапи кои ги имав изминатото лето. Ми побара слика и така се запознавме. Потоа снимав видео кога македонската фудбалска репрезентација беше на Европско првенство, а беше поврзано со фудбалски предизвици, па Неџат повторно се појави и таму, а потоа следуваа и нашите неколку заеднички видеа кои ги има на мојот канал.“
Приказната на Неџат го поттикнала да ја спроведе акцијата, а како што ни посочи, ништо од ова немал испланирано сѐ пред 10 дена.
„Искрен да бидам ништо од ова не беше планирано сѐ до пред 10 дена. Неговата приказна ја слушнав вистински пред неколку месеци и од тогаш размислував како би можел да му помогнам, но никако не доаѓав во глава до вистинска идеа. Бидејќи, проблемот на Неџат не можеше да се реши со еднократна помош. Потоа размислувајќи си кажав, зошто да не ја искористам мојата можност и преку мојот канал многу луѓе да дознаат за неговата приказна. Верував дека тоа ќе ни помогне многу во реализирање и решавање на неговите проблеми и токму тоа се случи.“
Она што
Стефан и Неџат го побараа од следбениците на јутјуберот беше топол дом и
работно место за Неџат, но тој доби и многу повеќе. Лазаров не криеше дека сето
ова го направил и повеќе од среќен.
„Од страна делува дека само Неџат доби со ова и само него му се промени животот, но верувајте ми дека така се чувствувам и јас. Нашава работа многу често знае да не направи депресивни и демотивирани, а сега се чувствувам пресреќно и исполнето. Тој можеби доби финансиска помош и му се промени животот, но и јас исто така добив нешто, односно душата ми е полна... Можеби и ова ќе биде правецот во кој што ќе продолжам понатаму.“
Емотивната приказна на Неџат не го оставила рамнодушен ниту јутјуберот, кој како што веќе кажа уште пред неколку месеци ја слушнал за првпат. Тој ни откри дека тоа го спасило од моментот јавно да ги покаже своите емоции, бидејќи на еден малку поинаков начин многу добро ја разбира болката на 18-годишното момче.
„Бидејќи секоја не ја слушнав првпат оваа приказна можев да се исконтролирам. Но, тешко е да се остане имун на тие зборови, бидејќи еве првпат јавно ќе кажам дека сум бил во многу лоша ситуација. Сум преживеал период со моите кога буквално имало денови кога сме се крпеле за храна и кога сум морал да се откажам од многу работи. Кога си дете тоа многу поинаку го доживуваш. Во тој случај имав среќа да имам прекрасни родители кои се изборија тоа време никогаш повеќе да не го живееме со мојата сестра. Но, кој ќе биде тука за Неџат... Ете токму тука доаѓа мотивот мој да му помогнам и сум пресреќен што успеав.“
Секако дека му годат пофалбите за ова дело, но Стефан открива дека ќе биде посреќен ако со ова поттикне многу луѓе да размислуваат во овој правец.
„ Добивам пофалби од сите, нормално, а што би се кажало освен браво на вакво дело. Но, од пофалби и браво во животот немаме ништо. Ќе бидам среќен и уште по горд ако ова поттикне многу луѓе и ги натера да почнат да размислуваат во овој правец. Помош може да биде некогаш и еден збор, мал придонес или момент. Поентата на нашето постоење е да си помагаме. Еве додека го читаат ова интервју читателите, нека се замислат и нека направат утре некое добро дело. Помогнете на некоја бабичка, насмевнете се некому, станете на повозрасен во автобус... Едноставно, помагајте. Доброто со добро се враќа!“
Освен пофалбите, овие денови на адресата на Лазаров пристигнуваат и пораки во кои други луѓе бараат ваква или слична помош од него. Иако би сакал да може да им помогне на сите, вели дека за некое време повторно ќе најде нов човек на кој му е потребна помош и на кој ќе се потруди да му го промени животот, секако на подобро.
„ Секако дека ми пристигнуваат и такви пораки. За жал, јас сум сам и не можам да помогнам на сите. Нека помине малку овој период и верувам дека ќе најдам нов човек на кој што му е потребна помош и ќе го искористиме повторно мојот канал за да го смениме и неговиот живот. Секако, оние кои што се на позиции, мислам на државата, можеби е време да размислат како да најдат начин за да се помогне повеќе, а не да се наоѓа начин како побрзо да заработат. На овој напатен народ му е потребна помош.“
Овие две видеа беа изненадување за следбениците на Стефан, бидејќи сите се навикнати да ги засмејува, едуцира и да им ги разубавува деновите. Тие се нешто ново во неговата архива, но со изненадувањата не застанува тука. На крајот од разговорот ни посочи дека за неколку денови ќе може да очекуваме видео во кое ќе се пофали со нешто сосема ново.
„Очекувајте за неколку дена видео во кое ќе се пофалам со нешто. Што успеа да направи Стефан за 2 години... И време е да ги затворам устите на многу критичари. Секако, со успех, дела и позитивна енергија.“
Ивана Мисајловска