Чудо од дете: Петгодишниот Петар Кукунеш ги знае знамињата и главните градови на сите земји
Петар Кукунеш како и секое петгодишно момче сака да ги гледа анимираните филмови Маша и Медо, Пепа прасето, Елса и Ана, но тој од своите врсници се издвојува по еден необичен талент. Тој ги препознава знамињата на сите земји во светот, а и повеќето главни градови. За неговиот талент поразговаравме со неговиот татко Никола Кукунеш, но го прашавме и Петар која му е омилена земја во светот...
Ќе може ли да ни ја раскажете приказната за Петар,
колку години има, од кога започна да се интересира за
земјите во светот, нивните главни градови и знамињата?
Петар има 5 години и е мошне весело и љубопитно дете. Од моментот кога сфати дека може да држи мобилен телефон, како и сите деца, така и тој ги гледаше неговите омилени цртани јунаци: Маша и Медо, Пепа прасето, Елса и Ана, но во исто време неговото внимание го привлекуваа видеата на кои се изучуваат формите, боите, планетите итн. Иако не зборуваше ништо логично и препознатливо до неговата две и пол годишна возраст, ние, неговите родители, бевме пријатно изненадени кога увидовме дека тој веќе на три години чита и на англиски и на македонски јазик. Некои работи брзо ги надминуваше или му стануваа здодевни, но неговата глад за повеќе знаење не се задоволуваше со неколкуминутно објаснување на Јутјуб. Така почна да пројавува интерес за илустрираните книги и енциклопедии. Покрај тоа што уште на четири години ги препознаваше сите знамиња на државите во светот, ги научи и државите на поголемите федерации, како што се САД, Руската Федерација, Бразил и др. и нивните главни градови. Денес неговото внимание е насочено кон границите, т.е. кои се соседите на одделни држави.
Кој му помага на Петар околу надградувањето на неговите знаења?
Неговите афинитети брзо беа препознаени и во градинката од страна на неговите воспитувачки и негувателки, така што добар дел од времето таму имаше можност да учи со нив, во неговата омилена игротека со тетка Сузе, но дома и двајцата сме ангажирани околку него затоа што и двајцата имаме долгогодишно искуство како просветни работници.
Колку време во текот на денот поминува пред географските карти?
Порано тоа траеше и по неколку часа, а сега најчесто ги користи само за да расчисти одредена дилема или да си го потврди знаењето.
Како најчесто Петар ги учи имињата на градовите и земјите, преку Интернет или на оној познат страошколки начин со глобус и географска карта?
Ги користи сите можни начини и модерните и традиционалните, а во случај кога не може да дојде до бараната информација се крева узбуна и сите сме мобилизирани во барање на истата.
Го прашавме и Петар што сака да биде кога ќе порасне, но и кои му се омилени земји и од каде желбата да патува по светот преку географската карта.
Која е твојата омилена земја на картата?
Русија - затоа што е голема.
Имаш ли омилен град во светот?
Санкт Петербург
Кое знаме најмногу ти се допаѓа?
Знамето на Гибралтар.
Која земја или главен град ти беше најтешко да ги запомниш?
Јужна Тарава, главниот град на Кирибати.
Од каде желбата да ги научиш главните градови на сите земји и нивните знамиња?
За да научам што е можно повеќе географија.
Што сакаш да станеш кога ќе пораснеш?
Научник.
Во продолжение погледнете го видеото на кое Петер го открива неговиот неверојатен талент.