Дајте гласови за „Дајте музика“ на Детска Евровизија

Дајте гласови за „Дајте музика“ на Детска Евровизија

Објавена во: Stars // Музика

На изборот можеме да гласаме за нашиот претставник на веб-платформата JuniorEurovision.tv. Првата фаза на гласање почнува денеска во 20 часот и ќе трае до недела, до 16 часот. Втората, ќе се одвива по завршувањето на шоуто.

Првата техничка проба на македонските претставници „Дајте музика“ на детскиот Евросонг, кој се одржува во Париз, Франција помина одлично. Мери Попова, шефица на нашата делегација вели дека продуцентскиот тим на Францускиот национален бродкастер и ЕБУ одлично соработуваат со нашиот тим, а тоа дава надеж дека во финалето настапот ќе биде уште подобар.

- Тоа што е најважно е што нашите претставници на пробата беа извонредни. Едно големо браво за нив. По бројните и напорни претходни подготовки, одлично ја донесоа песната и во однос на пеење и во сигурноста во изведбата на сценскиот настап, со кореографија која воопшто не е лесна. Децата буквално пленат насекаде, со секое нивно појавување, на интервјуа, на интерни проби, снимања. Нашата песна е општо прифатена и од другите евровизиски претставници, и често се случува да ја слушаме во хотелот како ја пеат и другите деца. Генерално, сметам дека имаме одлична песна, универзална порака, прекрасен сценски настап, кои очекуваме ќе дадат добар одзив кај гласачите насекаде во светот. Интимно, секој од нас има големи очекувања, добар пласман за нашата земја. Но, најважно е да оставиме белег по кој ќе не препознаваат идните генерации – посочува Попова.

Кристина Мукаетова, Анастасија Џабирски, Миха Гигов и Филип Поповски, актерите и пејачи од популарната серија „Дајте музика“ ќе ја изведат темата „Green Forces“. Автор на музиката и аранжманот е Роберт Билбилов, а на текстот Робин Зимбаков.

Натпреварот започнува во недела, 19 декември, во 16 часот. Ќе се натпреваруваат изведувачи од 19 земји, а нашите „Дајте музика“ настапуваат претпоследни. Победникот и оваа година, како и претходните, ќе го изберат публиката и стручното жири.

Гласот на публиката ќе важи исклучиво преку наменската веб-платформа (апликација) на официјалната веб-страница JuniorEurovision.tv. Нема телефонски гласови и смс пораки.

На изборот можеме да гласаме за нашиот претставник и за уште две песни. Онлајн гласањето ќе се одвива во две фази. Првата фаза започнува во петок на 17 декември во 20 часот и ќе трае до недела, 19 декември до 15.59 часот – една минута пред почетокот на Детскиот Евросонг.

Втората фаза од гласањето ќе започне за време на шоуто, откако сите претставници ќе ги изведат своите песни и ќе трае 15 минути. Собраните гласови од двата круга ќе сочинуваат 50% од бодовите, додека другата половина ќе ја додели жирито.

Секоја земја учесничка има делегирано пет членови на жирито: тројца музички професионалци и две деца.

Количината на поени што публиката може да ги додели се заснова на количината на поени кои ги дава националното жири. Оваа година жирито ќе додели вкупно 1.102 поени (1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 10, 12 поени x 19 земји учеснички). Поените на публиката се одредуваат според процентот на добиени онлајн гласови. На пример, ако некоја песна добила 20% од гласовите, тогаш таа добива 20% од достапните поени - поточно 20% од вкупно 1.102 поени, односно добива 220 поени. Значи, таа песна ќе добие 220 поени од публиката. 

Тоа јавно гласање ќе вреди 50% од вкупните поени. Останатите 50% доаѓаат од стручните жири комисии.

Значи, сѐ што треба да направите е да го резервирате викендот од 17 до 19 декември за онлајн гласање и да им помогнете на нашите претставници да се пласираат што подобро.

С.А.Н

Фото: Eurovision Macedonia


Објавена во: Stars // Музика

Можеби ќе ве интересира: