Десет милиони за 7 песни: Ова е најдоброто од Елена Ристеска
Елена Ристеска на пошироката македонска јавност ѝ стана позната пред скоро 20 години, кога победи на аудицијата на „М2 продукција“. Нејзиниот прв сингл „Она другото“ во 2000-тите беше апсолутен хит, а оттогаш слободно можеме да кажеме дека секоја нејзина песна е хит.
Како еден од најголемите настапи во нејзината кариерата може да се издвои учеството на најголемото музичко натпреварување во Европа, Евровизија. Имено, во 2006 година, Елена ги бранеше боите на Македонија во Атина, Грција, каде ја отпеа „Нинанајна“ - песна со навистина заразен ритам.
За нејзината популарност во нашата држава нема потреба да се дискустира и иако неколку години нема објавено нова песна, сепак е актуелна помеѓу поддржувачите на македонската забавна музика. Дека се пробива и надвор од границите говорат и нејзините со соработки со звучни имиња од регионот, како групата Регина, потоа Хари Мата Хари, Данијела Кариќ...
Од „Она другото“ до „Доживотно“, секоја една песна на Елена е хит, но знаете кои од нив имаат милионски прегледи на платформата Јутјуб? Доколку ве интересира овој податок, одговорот ви го даваме во продолжение:
# А, можевме
Баладата која Елена ја отпеа во склоп на проектот „Тоше и пријателите“ и балада зад чија музика е потпишан незаменливиот Тоше. На јутјуб ова музичко парче има нешто повеќе од еден милион прегледи.
# Текила и лимон
Песната со која Елена покажа дека добро плива и малку поразлични води. За излезот од комфорната, пејачката има повеќе од 1.1 милион прегледи.
# Дури бев мома при мама
Кога сме кај другите жанрови, во оваа листа се најде и изведбата на оваа народна песна, која Елена ја отпеа во емисијата на маестро Зоран Џорлев. Истата има 1.2 милиони прегледи.
# Немаш право ти да ми судиш
Оваа песна е дел од последниот студиски албум на пејачката, а интересно е тоа што Елена самата го има напишано текстот. Не може, а да не напоменеме дека во овој албум, пејачката си ја разголи душата, па затоа и не се изненадувачки оние 1.2 милиони прегледи.
# Заспана убавица
Со ист број на прегледи е и дуетската „Заспана убавица“, која ја отпеа заедно со Раде Врчаковски - Врчак. Оваа песна и ден денес се слуша, а тоа е уште еден доказ дека станува збор за евергрин.
# Милионер
1.5 милиони прегледи за песната која во времето кога беше објавена буквално можеше да ви излезе и до фрижидер. Оваа песна на Елена слободно може да се издвои како една од оние кои ја издвоија од другите пејачки.
# Срца се погреше
На прво место се најде соработката со нејзината колешка од Србија, Данијела Кариќ. „Срца се погреше“ е песна која Јутјуб има нешто повеќе од 2.6 милиони прегледи и која воедно е последно музичко парче кое го објави нашата Елена.
Р.Х.