Доколку бидам избрана ќе се обидам да го одвојам зборот ЈАС и да го заменам со НИЕ: Ива Наскова за кандидатурата за Млад европски амбасадор
Ива Наскова е 20-годишна студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Студира Политички студии на Англиски јазик, а за време на студирањето била претставник во Факултетското Студентско Собрание на Правниот факултет, а и член во Комисијата за наука при Универзитетското Студентско Собрание. Во моментов е на пракса во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - ИДСЦС (Центар за парламентарна поддршка), а сега е во трката за Млад европски амбасадор (YEA).
„J.Р.Р. Толкеин во својата трилогија „Господар на прстените“ изјави дека „Дури и најмалиот човек може да го промени текот на иднината“, за што сметам дека е точно и дека секој млад поединец, како мене, можат да ја скројат иднината во сопстевната држава. Без разлика дали ефектите се големи или мали, секој човек има влијание во својата заедница, и преку својата заедница, до светот. Иако секој може да направи разлика, верувам дека она што младите можат, токму тоа ќе остави најголем отпечаток за подобра иднина.“ - за својата кандидатура ни посочи Ива, а потоа додаде:
„Верувам дека ако не можеме да замислиме подобар свет, подобар свет не е возможен и оттука, со оглед на фактот дека секоја генерација носи уникатни луѓе кои се стремат да го променат светот. Она што го сонуваа минатите генерации, го остварија подоцнежните генерации, како што е денешната младина. Од сите иновативни луѓе во светот, верувам дека младите биле највлијателни. Од таа причина и сум една од повеќето кандидати за млад европски амбасадор бидејќи лично, верувам дека младите во целост имаат доволно знаење и способности што нè прави способни да направиме разлика и тоа е доволна причина зошто не треба токму младите да бидат затворени во себе и да не земат активно учество во општеството затоа што треба да се зборува за она во што се верува.“
Како што ни откри Ива, иницијативата YEA е европска мрежа формирана со една цел, а тоа е да ги поврзе младите активни луѓе од Западен Балкан, со што ќе се поттикне младинска сорбаотка во нивните локални заедни, каде ќе разговараат за важни теми поврзани за ЕУ.
„Она што е важно да се напомене за YEA е тоа дека покрај тоа што се постигнува одредена младинска соработка, во исто време Младите амбасадори воедно се пример за своите врсници кои го споделуваат својот глас и градат меѓусебно разбирање и помагаат во обликувањето на ставовите на ЕУ и енјзините односи со соседството“ - посочува Ива.
Регионалната програма за комуникација на ЕУ за Западен Балкан започнала во јануари 2020 година. Програмата е финансирана од Инструментот за претпристапна помош со цел да се информира разновидна целна публика за вредностите, политиките и програмите на ЕУ.
Оваа млада и пред сè девојка со големи амбиции ни откри и за што би се стремела доколку таа биде избрана за Млад европски амбасадор.
„Искрено верувам дека без разлика дали е тоа дело или идеа, јас како и сите останати млади, секој со различна позадина, сме способни да направиме разлика и тоа обединети во нашите сопствени различности. Она што не треба да го заборавиме е дека секој поединец е еднакво важен и припаѓа во секоја свера во општеството, а доколку јас бидам избрана за иден Млад европски амбасадор ќе се обидам да го одвојам зборот Јас, и да го заменам со зборот Ние. Има премногу работи кои што се во мене неискажани, но она што би сакала сега да го кажам е дека се грижам за поубава иднина, и тоа не само за мојата лично.“
Доколку сакате да ја поддржите Ива, тоа може да го направате со тоа што ќе гласате за неа на овој ЛИНК.
И.М.