Доколку не ги направиш сега, подоцна ќе жалиш: 10 работи кои треба да ги искусиш пред крајот на средното образование
Забавни, луди, но и корисни работи кои ќе ги паметиш...
Средното образование треба да го сфатиш сериозно и да се дадеш сѐ од себе за да имаш подобри оценки, но воедно треба да пронајдеш време и за правење на глупости. Во спротивно за 10 години ќе зажалиш што не си бил/а луд/а тогаш кога си можел/а и кога сѐ уште не си возрасна личност.
Иако оваа година наставата е малку поинаква од вообичаено поради коронавирусот и сите мерки на кои треба да внимаваш и понатаму треба да го искористиш времето од средношколските денови, особено доколку оваа година си матурант/ка. Тоа е време кое никогаш повеќе нема да се повтори и затоа сега до крајот на ова полугодие и следното, освен на учење, одвој време и за шеги, забави и создавање на спомени кои никогаш нема да ги заборавиш. Направи си листа на работи кои треба да ги направиш до завршувањето на средното училиште, а ние ќе ти помогнеме во тоа со нашата.
# Еден ден биди „болен/болна“
Сите заслужуваат одмор. Еден ден изостанувај од училиште, бидејќи си „болен/болна“, но искористи го најдобриот начин. Дружење со брат/сестра, најдобрите пријатели, што и да те радува. Преправањето дека си болен е нешто што треба сите да го направат, а кое нема никакви последици. Но, внимавај, никако не дозволувај да ти стане навика!
# Другарувај со соученикот со кој вообичаено не се дружиш
Иако си во добри односи со целиот клас, има групи на соученици со кои не другаруваш и со кои секогаш одиш на кафе. Еден ден по наставата договори дружење со оние со кои во последните 3 или 4 години најмалку се имаш дружено. Можеби се кул, а ти не знаеш.
# Еден ден појди на училиште не средена
Наместо наутро да се разбудиш половина час порано за да си ја средиш фирзурата, да ставиш шминка, да пронајдеш совршена комбинација, едноставно прескокни го сето тоа. Кога ќе ти дојде тој ден кога ќе се чувствуваш дека не ти се прави ништо, едноставно немој со сила да ги правиш работите.
# Признај ѝ на симпатијата дека ти се допаѓа
Момчето на кое не можеш да престанеш да мислиш го знаеш од училиште или е од твојот клас, а воедно и постојано го „манијачиш“ на Инстаграм? Ако не на првиот, тогаш на последниот училишен ден, собери храброст и признај му дека ти се допаѓа. Што можеш да изгубиш?
# Прочитај барем една лектира
Толку луѓе излегуваат од средно, а немаат прочитано ниту една единствена лектира. Немој таа личност да бидеш и ти. Читањето е супер, а иако лектирите најчесто не се супер, одбери една и навистина прочитај ја. Можеби ќе пукнеш од здодевност, но кој знае, можеби и ќе ти се допадне. Ако ништо друго, барем ќе имаш добра оценка.
# Прочитај една книга како забава
Освен лектирите, кои често се ужас, на светот постојат многу различни книги, со различни тематики. Без разлика дали си обожавател на хорор или љубовни приказни, пронајди книга и еден викенд резервирај си за читање.
# Почни да ги запишуваш обврските и плановите во потсетник
Една корисна работа која можеш да стекнеш сега, а која ќе ти го олесни животот е да си ги запишуваш сите обврски и планови во свој планер или потсетник. Од тестови до дружење со пријатели, почни запишуваш сѐ и почни да работиш на тоа да станеш што поорганизирана личност. Подоцна во животот тоа ќе ти дојде многу добро, а нема да биде на одмет ниту сега. Освен што знаеш кога имаш некој план, доколку ги чуваш старите потсетници, истите ќе ти бидат еден драг спомен.
# Вработи се за време на летниот распуст
Летото е тука да го искористиш за одмор и забава, но едно лето или еден месец, жртвувај и пронајди си некоја работа. Ќе добиеш работно искуство, ќе видиш како е да се работи и ќе имаш џепарлак. Наместо да ги молиш родителите за пари, сам/а ќе си заработиш.
# Оди на матура
Најлошата одлука која можеш да ја донесеш е да не одиш на матура. Дури и да не го сакаш твојот клас премногу или да не си личност која оди на такви настани или да ти е глупаво да трошиш толку пари за една вечер. Одењето на матура е спомен кој сигурно ќе го паметиш. На сите кои не биле и велат дека не пропуштиле ништо, не треба да им веруваш, бидејќи не знаат што пропуштиле и колку убаво можеле да си поминат доколку биле.
# Организирај „sleepover“ со омилете соученици
Моментите од средно училиште кои ќе ги паметиш не се само оние кои се случиле во училиште, бидејќи некои од најубавите спомени ќе бидат оние кои се создале надвор од училишниот двор. „Sleepover“-от е вистински извор на забава и сигурно засекогаш ќе ти остане во сеќавање, дури и подоцна да престанеш да се дружиш со тие луѓе.