Доколку се пронајдеш во овие 7 работи си подготвена: Како да знаеш дека е време за првиот секс?
Ако не се пронаоѓаш во сите, подобро почекај уште малку...
Никако не би требало да се согласиш на нешто затоа што се чувствуваш како да би требало, зошто тоа е нормално за луѓето во твои години или затоа што чувствуваш притисок од момчето или пријателите. Твојот првпат може да се случи и на 18 години, но и на 25, а мора да знаеш дека и едното и другото се сосема во ред.
Постојат неколку работи кои може да ти покажат дали си навистина толку подготвена колку што мислиш дека си или всушност се согласуваш на секс од погрешна причина. Оние кои ќе се пронајдат во овие 7 работи се сигурно подготвени, остантите можеби не е лошо да почекаат малку.
# Не чувствуваш дека таа одлука си ја донела поради притисок од момчето или друштвото
Најголемата причина зошто младите се согласуваат на секс е бидејќи им изгледа дека сите други веќе го направиле тоа. Погрешно! Тоа никогаш не би требало да биде причина за да се согласиш на било што. Споредбата со другите во некои ситуации може да биде добра за тебе за да те мотивира да се потрудиш повеќе, но ова не е еден од таквите случаи. На одлуката за првиот секс не би требало да влијае никој, ниту твоето момче, ниту твоите пријателки, кои веќе имаат искуство.
# Оваа одлука ја имаш донесено по подолго размислување
Спонтаноста во врската е слатка, но ова не е нешто околу што сакаш да бидеш спонтана, особено ако ти е првпат. Нема целиот свет да ти се промени по првиот секс, но сакаш тоа да биде посебно, а не нешто за што ќе имаш грозни сеќавања. Доколку не си размислила добро за тоа, подобро почекај и дозволи да помине уште некое време. Ако за еден месец или два и понатаму си еднакво сигурна во таа одлука како и сега, тогаш е во ред.
# Во врска си веќе некое време
И му веруваш на момчето, знаеш дека се грижи за тебе и дека не е со тебе само за секс. Бидејќи колку и некој да ти биде драг, доколку не го познаваш добро, не можеш да знаеш какви му се намерите. Сите секогаш ќе бидат драги и мили додека не го добијат она што го сакаат, а потоа работите ќе се променат. Најдобро ќе биде сама да процениш колку си блиска со момчето. Секогаш можеш да си дадеш уште време за да се запознаете подобро, а ако навистина си му важна, нема да му пречи да почека уште малку.
# Знаеш сѐ за заштитата
Заштитата е неверојатно важна, бидејќи не сакаш на последниот ден од средното образование додека сите се на матура, ти да бидеш дома и да го успиваш бебето. Освен што заштитата е важна поради непосакуваната бременост, исто така е важна и за да те заштити од полово преносливи болести. Информирај се за тоа која контрацепција е најдобра за вас и не препуштај ништо на случајот.
# Не чувствуваш потреба дека треба да се опуштиш со помош на алкохол
Сите се малку нервозни пред својот првпат и тоа е очекувано и нормално, но ако си толку нервозна што ти треба алкохол за да се опуштиш, тоа само ти покажува дека не си подготвена. Малку нервоза е добредојдена, многу нервоза е начинот на кој телото ти кажува дека уште не е време. Доколку си пиела, тоа не е време за носење на оваа одлука, бидејќи освен што можеш да донесеш погрешна и подоцна да се покаеш, може да се случи и поради алкохолот да не одлучите да кориситите заштита или да не ја наместите добро.
# Не си загрижена околу тоа дали некој ќе те види гола
Ова може да биде уште еден начин на кој твојата потсвест може да ти кажува дека не си подготвена. Ако не се чувствуваш удобно кога ќе помислиш дека момчето ќе те види гола и не се чувствуваш удобно во сопствената кожа, поработи на тоа пред да се согласиш на секс. Од друга страна, ако се чувствуваш топ и воопшто не си загрижена околу тоа какво ти е телото, бидејќи знаеш дека на момчето му се допаѓаш таква каква што си, тоа може да биде уште едне знак дека си подготвена.
# Едноставно знаеш дека си подготвена
Не се двоумиш и немаш грижи од типот дека еден ден сметаш дека си подготвена, а друг дека можеби сепак не си? Тогаш си подготвена. Со досега наведеното, едноставно ќе бидеш сигурна во својот избор и ќе знаеш дека тоа е она што го сакаш.
фото: Dmytro Kapitonenko / Shutterstock