Доколку станам наставник, главна цел ќе ми биде воведувањето на нов концепт за изучување на историјата: Интервју Јане Киров од Струмица
Новинарот и студент по историја Јане Киров од Струмица е страствен љубител на историјата. Оние што го познаваат, за него велат дека во скоро секоја комуникација ја спомнува оваа општествена наука или барем дел од неа. Во овој наш разговор, тој со голема жар зборува за раѓањето на неговата љубов кон историјата, за тоа колку таа е важна за сите нас, но и каде тој се гледа себеси во иднина.
# Зошто од толку многу факултети, одбра да се запишеш токму на историја?
Отсекогаш сакав да истражувам нешто ново, а историјата како наука тоа го овозможува бесконечно. Сигурен сум дека главната причина што се одлучив за овој факултет беше токму тоа. Знаете, кога ќе отворите една врата во историјата, по неа се отвора и друга, па трета и така постојано откривате нови нешта кои се од големо значење за нас историчарите. Затоа и велиме дека историјата е мајката на животот.
# Дали долго мислешe во која насока да го продолжиш образованието?
Искрено, не. Сѐ што чекав е само да завршам со средното образование и да започнам со реализацијата на мојот сон.
# Дали пред да поченеш да студираш историја, помисли што потоа, откако ќе дипломираш, каде и што ќе работиш?
Малку пред почетокот на студентските денови добив понуда за работа како во просперитетен медиум. Прифаќањето на понудата значеше нова одговорност, но и можност да не се оптеретувам со прашањето „Дали со ова еден ден ќе можам да си обезбедам егзистенција?“, прашање што ги притиска поголемиот дел од студентите кога прават избор за упис. Така што, во ова влегов од чиста љубов и со огромна самодоверба. Не ми беше важно што потоа, едноставно се препуштив на Историјата и се фокусирав на мојата едукација, без разлика каде ќе бидам еден ден и што ќе правам.
# Колку историјата е важна за тебе?
Не само за мене, историјата е важна за сите нас, за сите нации, за целиот свет. Историјата дава одговори на прашања кои отсекогаш претставувале и ќе претставуваат интерес за човекот, зошто таа се повторува. Преку неа дознаваме кои сме ние и од каде доаѓаме, на неа ја темелиме колективната меморија и од неа земаме поука при носењето нови одлуки.
Затоа, доколку добијам можност да влезам во улогата на наставник, мојата основна цел ќе биде да им презентирам на учениците еден нов концепт за изучување на Историјата. Доста е од долгите и здодевни лекции натрупани со готови факти, коишто за кратко се запомнуваат и потоа брзо се забораваат. Децата треба да развијат критичко размислување, да изградат сопствени ставови за случувањата што ги одбележале соодветните временски епохи и најважно од сѐ – самите да стигнуваат до фактите, преку градење на причинско-последична врска.
# Дали најблиските пробаа да те оттргнат од таа идеја, дали ти сугерираа да запишеш нешто друго?
Оние кои вистински ме познаваат, знаат дека за Историјата зборувам уште од мал. Првите книги и енциклопедии поврзани со Египет и Рим ги добив на подарок токму од нив. Како што минуваа годините, тие сфатија дека Историјата за мене не претставува минлив интерес, туку е вистинска пасија. Така што, сите беа на јасно дека нема сила којашто ќе ме оддалечи од идејата за студии по историски науки. Бескрајно сум им благодарен за поддршката во континуитет.
# Што имаш завршено средно образование?
Се насочив кон средното стручно образование и како ученик од винаро-лозарската струка во СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица стекнав завидни познавања за виното – производството, продажбата, служењето и дегустацијата. Вистина е дека одбраната струка нема допирна точка со Историјата, но во текот на средношколските денови ја имав слободата да го зголемам опсегот на истражување и дополнително да се насочам кон појавите и настаните што кај мене будеа интерес.
# Колку колеги имаш од твојот роден град?
Од мојата генерација сум само јас, а ако информациите со коишто располагам се точни, тогаш се вкупно тројца засега и сите сме од различни генерации.
# Колку студенти се запишавте, а колку сте при крај, т.е подготвувате дипломска работа?
На Факултетот за образовни науки во Штип, отсек Историја-Наставна насока, најпрвин започнавме 7-8 студенти. Од нас, само четворица ќе браниме дипломска работа во јуни. За жал, бројот на студенти коишто избираат да се занимаваат со изучување на историја прогресивно намалува и ова е појава не само во УГД, а во сите државни универзитети ширум земјава. Ова е актуелен проблем којшто бара брза разрешница, мора да се пронајдат начини за будење на интересот кај помладите, мора да се бара грешката во системот на којашто се должи ваквото, ајде да речам, игнорирање на историјата.
Јас искрено се надевам дека новата генерација историчари активно ќе се залага за создавање генерации кои ќе бидат свесни за својата богата историја и ќе сакаат да ја изучуваат, но мора да има некаква стимулација и од Министерството за образование, во облик којшто ќе биде доволно привлечен.
# Како мал, што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?
Како мал тренирав фудбал, па подоцна скоро шест години одбојка, но никогаш доволно не се приврзав за нив за да можам да речам „кога ќе пораснам сакам да бидам фудбалер или одбојкар“. Сликовито го паметам првиот час по Историја во петто одделение - уште од првиот час знаев дека еден ден ќе го работам тоа, односно дека Историјата ќе биде мојата животна професија.
# Каде се гледаш во иднина?
Најпрвин да дипломирам, потоа ќе се подготвам за магистратура, па здравје еден ден и докторат. Се гледам меѓу учениците, ќе дадам сѐ од себе да им ја претставам историјата во вистинско светло, зошто историјата е мостот кон иднината.
Н.Миланова
Фото: Приватна архива/Јане Киров