Дреновци се дел од проектот „ART IS IN SCIENCE SCIENCE IS IN ART WITH STEM“: Учениците ќе учат за важноста на обновливите, алтернативни извори на енергија
Пет ученици до СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, во придружба на директорот на училиштето м-р Тања Јовановска, координаторот на проектот Ива Стојановски Јакимовски и Ангела Китаноска Динева професор по правни предмети од 21 до 27 ноември беа во посета на Истанбул, Турција. Причината за оваа посета е првата мобилност во рамки на проектот „ ART IS IN SCIENCE SCIENCE IS IN ART WITH STEM“, кој е поддржан од програмата ЕРАЗМУС + и Националнаагенција за европски образовни програми и мобилност.
На овој проект ќе се работи во следните две години, заедно со училишта од Италија, Турција, Латвија и Шпанија. На посетата во Истанбул тимот на училиштето го претставуваа учениците Миа Настев 4-1, Марија Трајаноска 4-6, Иван Јорданов 4-9, Тамара Марковска 4-14 и Бојан Бундалевски 4-14.
Учениците од овие 5 земји учеснички во овој проект го создадоа ова партнерство со цел да се подигне свеста на учениците за неопходноста од зголемување на искористеноста на обновливите извори на енергија, која се очекува да се зголеми за 7 отсто во следните 10 години низ цела Европа (според ревидираната Директива за обновлива енергија).
„Сакаме учениците да стекнат подлабоко знаење за тоа како се користат овие извори на енергија. Активностите предвидени во овој проект ќе ги поттикнат учениците да експериментираат, да истражуваат како може да се искористат овие извори на енергија, ќе ги откријат недостатоците на сите извори на енергија и ќе се обезбеди контекст за критичко и креативно размислување“ – ни посочи координаторот на проектот Ива Стојановски Јакимовски, а потоа ни ја откри и главната цел на истиот:
„Главната цел на проектот е да постави основа за 5-те земји партнери да соработуваат и да споделуваат практики во областа на обновливите извори на енергија, да ги откријат енергетски ресурси и одржливото производство и потрошувачка преку активности наменети за нив.
Во текот на наредните две години учениците ќе развијат разбирање за научните концепти и процеси во производството на одржлива енергија, ќе ја развијат нивната севкупна свест за алтернативните извори на енергија и како може да се подобри нивното користење, ќе ги подобрат вештините и компетенциите преку интердисциплинарни пристапи во областа на STEM, ќе се подобри тимската работа и комуникациските вештини на учениците и наставниците, ќе се развиваат меки вештини – критичко и аналитичко размислување, креативност – со цел да се поттикне вработливоста на студентите, ќе се подобри самосвеста и интеркултурната свест на младите.“
Во Турција домаќин им било средното училиште „Јахја Кемал“ од Бакиркој дистрикт, а темата на мобилност била обновливите, алтернативни извори на енергија, како да се искористат природните ресурси со кои располага една земја и да придонесат кон намалување на глобалното загадување на животната средина.
„Во текот на работната недела нашиот тим се сретна со претставници од сите 4 европски училишта, учесници во проектот. Се разменија идеи, се креираа постери за подигнување на еколошката свест, се одбра официјалното лого на проектот и секоја земја ги престави статистичките податоци за тоа до каде се искористени алтернативните извори на енергија и како може да се влијае за поголема искористеност.
Учениците и наставниот кадар имаа можност да посетет една од поголемите индустрии за производство на електрична енергија од секаков отпад, кој дирекно од домаќинаствата во Истанбул се носи во ЕНЕРЏИ ИСТАНБУЛ, се обработува преку високо софистицирана технологија и машинерија и се произведува електрична енергија, гас и биоразградливо гориво за жителите на Истанбул и воопшто Турција.“ – откри координаторот на проектот.
Оваа мобилност завршила со екскурзија, преку која на сите учесници им била претставена историско културната значајност на прекрасниот Истанбул. Учениците преку личното искуство научиле многу за историјата на Турција и градот Истанбул, но и за нивната традиција и култура.