„Дубиоза Колектив“ настапи во Советот на Европа во Стразбур: Седницата се претвори во рок концерт
На Светскиот форум на демократијата во Советот на Европа во Стразбур, чија тема се глобалните еколошки предизвици, настапи познатиот бенд од Босна и Херцеговина, „Дубиоза колектив“, по што собраа големи симпатии со пораките што ги испратија. Во таа прилика членовите на бендот саркастично побараа работни визи за да можат да ја напуштат Босна и Херцеговина.
Фронтменот на бендот Брано Јакубовиќ изјави дека во последните неколку години 20 % од луѓето ја напуштиле БиХ и ги повика претставниците да им помогнат да добијат работни дозволи, пишува Н1.
Со весела атмосфера фронтменот Брано Јакубовиќ ја искористи приликата и им одржа лекција на бирократите во Европа.
- Она што сакам да го истакнам е дека во последните неколку години 20 отсто од луѓето ја напуштиле БиХ. Треба да направиме нешто околу тоа. Можете да ни помогнете да добиеме работни дозволи за ние седуммина да ја напуштиме земјата и да останеме овде. Можеби во Стразбур, на пример. Можеме да пееме за вас помеѓу заседанијата, за да можете да се опуштите, како денес. Всушност, имаме добри песни со кои можете да се опуштите за да можете да работите во подобар заеднички интерес. Ако има овде некој премиер или некој што може да ни помогне, би оставиле контакти - рече Јакубовиќ, по што следеше голем аплауз.
Седницата се претвори во концерт и сите заиграа и запеаја со нив:
ВИДЕО: