Двегодишно момче го спаси семејството од пожар: Ги разбудило родителите кои останале без мирис поради корона
Кога успешно успеале да побегнат од куќата, можеле само да гледаат како нивниот дом и автомобили ги проголтува оган...
Двегодишниот Брандон го спасил своето семејство откако избил пожар во нивниот семеен дом во градот Алворд во Тексас. Ги разбудил своите родители кои не почувствувале дека нешто гори, бидејќи и двајцата го избуле сетилото за мирис поради коронавирусот.
Брандон, кој спиел во дневната соба се разбудил во чад и пламен и ја разбудил својата мајка.
„Ме потапка по стапалото кашлајќи. Ми кажа: Топло, мама, топло“ - раскажа 28-годишната Кајла Дахл и додаде: „Се свртев и ја видов вратата во пламен“.
Рдоители брзо станале и ги извлекле петте свои деца од куќата која горела.
„Врескаше: Оган, оган, оган“. Мојата прва мисла беше: „Ок, ќе станам и ќе одам на работа“ - кажа 33-годишниот Нејтан, кој инаку волонтира како пожарникар, пренесува „Метро“.
„Имавме секунди. Ова не е ништо помалку од чудо“ - смета тој. Со оглед на тоа што волонтира како пожарникар, Нејтан ги научил своите деца во случај на пожар да не допираат ништо додека се обидуваат да побегнат.
Таткото на пет деца истакна дека ниту еден аларм за чад во нивниот дом не се огласил: „Сите беа нови. Ги поставивме пред помалку од една година и ниту еден од нив не се огласи“.
Откако успешно побегнале од куќата, можеле само да гледаат како нивниот дом и автомобили ги проголтува оган.
„Брандон нѐ спаси. Го спаси целото наше семејство. Тој е нашиот мал херој“ - кажа Кајла.
фото: Фејсбук