Елена Ристеска: Не можам да им одолеам на слатките

Елена Ристеска: Не можам да им одолеам на слатките

Објавена во: Мода // Moj стил

Елена Ристеска ни раскажа која е тајната за убаво негувано лице, како ја негува косата и колку се шминка. Но, исто така ни откри и дека нејзината најголема борба е како да им одолее на слатките. 

# Каков е твојот дневен козметички ритуал? Со какви препарати го негуваш лицето?

- Моите ритуали кога се во прашање лицето и телото секогаш ги правам навечер пред да си легнам. Откако ќе ја извадам шминката со специјални марамици со пилинг, обавезно ставам крема “Ботокс“ , кремата од Бигорски манастир. Понекогаш по снимања и по концерти, кога мојот шминкер и фризер Даниел Николовски ми става потешка пудра,ставам маска за лице и темелно го чистам со тоник, а некогаш и со домашна ракија. Пудра подолго време не ставам за дневните излегувања, единствено користам крема со пигмент и заштитен фактор на „Хелиокеар“,  која ја нарачувам од Германија бидејќи ја нема кај нас. Сосема малку се шминкам, ставам само маскара и руменило, но затоа секогаш имам кармин во интензивна боја. За разлика од порано кога се шминкав понападно. 

# Посетуваш ли козметички салони?

- Еднаш месечно одам на класичен третман за лице и охси третман, но и пилинг за тело. И секако за основните негувања како нокти, педикир, маникир, депилација. Не сум од оние кои секој ден одат во салон за убавина, бидејќи навистина немам премногу време за тоа, не стигнувам дури ни редовно да одам на масажа која е важна за физичкото и психичкото здравје. 

# Кои производи ги употребуваш за нега на коса?

- Тоа треба да го прашате Даниел . Откако редовно одам во неговиот салон, тој и неговиот тим се грижат за мојата коса. Сѐ додека косата ми е квалитетно одржана,  навистина не ми е ни важно што ми ставаат како третман. Секако веќе докажан салон и стилист ја користи само најквалитетната козметика за коса. Всушност, мојата коса е многу густа и специфична, и бидејќи тешко ја одржувам сама, полесно ми е да му ја препуштам грижата на Даниел. Откако ми е скратена, многу полесно но и почесто се случува да ја средувам и јас самата. 

# Што сакаш да прикриеш, а што да истакнеш со шминка?

- Најчесто ја истакнувам за нијанса повеќе устата од другите делови на лицето. На трепките морам да ставам маскара бидејќи ми се навистина многу мали. А кога Даниел ме шминка секогаш успева да ми го истакне исклучиво најубавото на лицето. Тој дури умешно ми го смалува и стеснува носот. 

# Кои се твоите омилени козметички производи?

- Без млеката за тело на „Викторијас Сикрет“ не можам. Од секаде набавувам добри залихи за секогаш да имам. Бидејќи имам сува кожа, по туширање секогаш морам да ставам млеко за тело, но најмногу ја омекнувам кожата со „Павловичева маст“. Обожавам парфеми и млека за тело. А гел за туширање секогаш настојувам да е од „Ив Рошер“. Некако останав верна на брендот кога се геловите за туширање во прашање.

# Што носиш секогаш во твојот несесер?

- Порано ги носев сите шминки со себе, но сега единствено кога одам на пат носам несесер во кој секогаш има пудра, руменило, две-три бои кармини. Всушност вљубена сум во црвениот кармин од „Мек“. Носам и маскара, сенки за очи и за веѓи, и секако стандардни козметички препарати како креми за лице и тело, гел за туширање, шампон и маска за коса. Од шминки и препарати секојдневно во чантата носам кармин и крема за раце.

# Омилен парфем?

- „Givenchy Very Irresistible“ го користам повеќе од 10 години, всушност од моментот кога е произведен. Се обидов низ годините да го сменам со друг, но не успеав. Секогаш верно му се враќам на истиот парфем, веројатно затоа што најмногу одговара на мојата кожа и стил. 


# Како ја одржуваш линијата?

- Навистина многу голема битка водам со килограмите. Тежината постојано ми варира, особено по 25 година. А и биковите во хороскоп како мене се големи гурмани. Голем хедонист сум, вљубеник во убавото, убава вечера и храна, убави места, убава атмосфера. Се трудам едноставно да вежбам повеќе, да не јадам слатки и леб што е најголемата борба, бидејќи обожавам торти, колачи и чоколади. И да бидам искрена, имам предност што не морам да готвам, веднаш до мојата зграда имам одличен ресторан, „Еквилибриум“, каде што сум најредовен гостин, и секогаш ми готват здрава храна, како риба, месо, разни салати, посни работи итн. Наскоро ќе имаат и мени за оние кои се вечно на диета како мене. 

М.Џ.


Објавена во: Мода // Moj стил

Можеби ќе ве интересира: