(ФОТО+ВИДЕО) Момчето кое иновираше џип за чистење снег: Го возам секој ден и го подготвувам за трки
Младиот Христијан Котески од селото Боротино, по професија механичар, создаде возило за расчистување на снег во зимски услови.
Се работи за offroad buggy dzip за возење по нерамни терени, при што има и додаток нож за расчистување на снег. Котески вели дека од мали нозе ги сакал овие возила, и решил да создаде возило кое тој самиот ќе го користи.
„На возилото работев две години и беше многу тешко додека да се направи целосно, имаше многу мислење, премногу работа затоа што целото го создадов сам. Првично имаше поинаков изглед, па го преправив затоа што не ми се допадна за да го има посакуваниот изглед. Јас го возам скоро секој ден, а во иднина ќе се користи за офроуд трки, додека во зимски услови ќе се расчистува снег. Со него чистам снег во Боротино“, вели Котески.
Сите кои го виделе пронајдокот велат дека е одличен и практичен.
„Секој што го видел изумот, вели браво, ова не може секој да го направи, треба да ти дадат награда за тоа. Снегот добро се расчистува со ова возило“, додава Котески.
Тој сака ова возило да го усоврши за да може со него да учествува на трки, но вели дека засега нема финансии за овој свој план да го реализира.
Ова 19 годишно момче вели дека тука нема да застане, и понатаму сигурно ќе има и други пронајдоци.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, деновиве се сретна со Котески, и му честитал.
Со него разговарал за процесот на креирање на возилото. Вицепремиерот укажал на некои од можностите што им се достапни на младите иновативни лица, како што се грантовите за самовработување преку Агенцијата за вработување со кои се дава неповратна финансиска поддршка од 5.000 евра, пари кои би можело да се искористат за регистрирање фирма и опремување на механичарска работилница.
Подоцна, со развојот на компанијата, Анѓушев објаснил дека се нудат можности и за аплицирање на инструментите за поддршка на мали и средни претпријатија од Фондот за иновации и технолошки развој и се овозможува поддршка во форма на поврат до 30% од инвестирани средства за технолошки развој на компаниите.
Сања Атанасовска