Ги враќа насмевките на децата од ранливите семејства: Д-р Ѓорѓиевски го прави тоа без пари
Тој е редок човек во ова наше општество. И како да се сѐ поретки таквите како него. Неговата мисија е да изнуди широка насмевка онаму каде што најчесто ја нема или истото тоа општество заборавило дека постои. Д-р Жикица Ѓорѓиевски е стоматолог, годинешен добитник на наградата 13 Ноември на Град Скопје за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик. Токму нив, бесплатно им ги нуди своите стоматолошки услуги. До сега успеал да насмее десетици дечиња и возрасни, да им помогне да имаат убави заби, да им ги реши забните проблеми. Кога ќе се погледнат во огледало после интервенцијата се смеат, а тоа е нешто возвишено! Тој е среќен кога среќата е споделена, а тие среќни кога знаат дека некој безрезервно им ја создал!
„Од денешен аспект, може да кажам дека мојата приказна е „производ“ на една Аристотелова изрека која вели дека „За нештата кои треба да ги научиме пред да почнеме да ги правиме, учиме правејќи ги“... Така и мојата приказна која ја нарекуваат хумана, се „испишува“ повеќе од три години, и тоа сосема спонтано, од една средба со пациент (сега веќе мој пријател). Бидејќи потекнува од семејство со социјален ризик, на таа средба сакав меѓу другото да направам нешто повеќе за него, што ќе биде подолгорочно и ќе влијае на неговата самодоверба. Тој беше во периодот на животен крстопат, низ кој сите сме поминувале и кога секоја поддршка е добредојдена, било да е морална или финансиска.. Тогаш му понудив да направиме комплетен стоматолошки преглед, како еден мал придонес за подготовките за матура, по што следуваа неколку ортодонтски интервеции и третмани со кои ја вративме насмевката кај него. Задоволството беше поголемо кога забележав дека со тој мал чекор, кај него се зајакна самодовербата. Тоа е нешто што се губи многу брзо а треба време за да се врати, а јас и мојот тим успеавме да му ја вратиме насмевката.“ - вака за Фактор го раскажа почетокот на неговата хумана мисија.
Д-р Жикица не обрнува внимание дали помага на деца без родители или родителска грижа, поранешни штитеници на Дом за деца без родители, едноставно тој вели дека тие се негови пациенти и добиваат бесплатни стоматолошки прегледи и контроли затоа што тоа го заслужуваат. Тој и неговиот тим се трудат само да им помогнат колку што можат.
„Со оваа мисија ние сакаме да ја споделиме насмевката со сите, да ги трансформираме животите на овие лица. Задоволен човек е со убава насмевка, а ние тоа се обидуваме да го поттикнеме преку бесплатните стоматолошки услуги за социјално ранливите категории на лица. Моето задоволство е најголемо кога ќе ја видам таа среќна насмевка кај сите пациенти, без исклучок.“ - нескромно истакнува овој хуман стоматолог.
Честитките за заложбите, за ентузијазмот да ги поттикне другите колеги да се приклучат на оваа мисија не престануваат, а истите му даваат уште повеќе „ветар во грб“ за да продолжи да продолжи со својата хумана мисија.
Н.Т.