Голема привилегија е да се учи од најдобрата меѓу најдобрите: Струмичанката Драгана Костова за учеството во „Ѕвездите на Гранд“
Драгана Костова е 16-годишна тинејџерка, која доаѓа од Струмица. Ученичка е втора година во средното музичко училиште ДМУЏ „Сергеј Михајлов“ во Штип, инструментален отсек пијано, во класата на професорката Марија Максимова.
Драгана за Хаштаг раскажа дека својот талент за музика првенствено го има наследно од нејзиниот татко, а потоа и од останатите членови на нејзиното семејството.
„Музиката е моја најголема љубов, мое секојдневие. Талентот за музика го наследив од мојот татко кој е професор по хармоника и работи во основното музичко училиште ООМУ „Боро Џони“во Струмица, но морам да кажам дека јас потекнувам од музичко семејство. Исто така и чичко ми е наставник по музичка теорија и педагогија, а мојот дедо е пензиониран наставник по музичка теорија и педагогија.“
Вели уште откако знае за себе го сака пеењето, а еден од првите настапи и бил оној во прво одделение, кога пеела на новогодишната приредба.
„Јас уште кога знам за себе обожавам да пеам, а со оглед на тоа дека сум опкружена со образовани музичари секогаш знаеја да ми кажат дека сум многу талентирана за музика. Уште во основно образование, поотчно кога бев прво одделение пеев на новогодишната приредба, каде тоа ми беше прво претставување пред повеќе публика, а потоа почнав да учествувам на повеќе културни манифестации. И еве до денес сакам да пеам и свирам и да се натпреварувам.“
Македонската јавност најпрво имаше можност да ја запознае на музичкото натпреварување „Неки нови клинци“, каде се натпреваруваше во две сезони. За тоа искуство, Драгана ја поврзуваат само убави спомени.
„Кога имав 10 години учествував во првата сезона на музичкото натпреварување „Неки нови клинци“ во 2015/2016 година организирано од Гранд продукција во Белград и тогаш стигнав до полуфинале. Но, потоа во третата сезона 2017/2018 година се пријавив повторно во истото музичко натпреварување и стигнав до финале каде го освоив второто место.
Натпреварувањето во „Неки нови клинци“ за мене е едно убаво искуство. Има многу моменти на кои се сеќавам со многу радост и гордост, но моментот кога се прогласуваше победникот помеѓу мене и другата натпрварувачка засекогаш ќе остане како највозбудлив момент кој ќе остане во моето сеќавање засекогаш.“
Ова натпреварување слободно може да се каже дека претставувало подготовка за големата сцена. Имено, Драгана оваа сезона се натпреварува во музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“. Вели дека искуството во „Неки нови клинци“ имало големо значење за она што следува.
„Се разбира дека во некоја мера искуството од „Неки нови клинци“ имаше големо значење, но сепак, сега пеам пред докажани музички имиња и големи ѕвезди кои многу допринеле за развојот на музичката како уметност.“
Нејзин ментор во натпреварувањето е евровизиската победничка Марија Шерифовиќ, а еве зошто младата струмичанка ја одбра токму неа:
„Многу сум среќна што Марија Шерифовиќ е моја менторака , затоа што уште од мала ги слушам нејзините песни. Јас сум една од нејзините најголеми фанови, нејзините песни ги обожавам и секогаш сакам да ги пеам.“
Но, доколку не успееше да биде дел од тимот на Марија, откри кој член од жирито бил нејзин следен избор.
„Уште кога се пријавив за натпреварувањето некако имав чувство дека ќе ги добијам гласовите на сите од жирито и ќе имам можност да бирам ментор, не размислував за друга опција. Но, еве ако би требало да бирам друг ментор тогаш би го избрала Давид Николиќ.“
За можноста да учи од најдобрата меѓу најдобрите, Драгана вели дека тоа е привилегија.
„Тоа навистина е голема привилегија. Изборот на песни го правиме така што јас пеам повеќе песни, а потоа од сите тие избираме нешто што во тој момент мислиме дека е најдобро. Нејзините совети се од големо значење за мене, а тие се поврзани за интонацијата на песната, емоцијата и енергијата која треба да бидат соодветни на песната што се изведува.“
Ни откри дека секој коментар од жирито има своја тежина и посочи дека секој го памети добро, а како и секој натпреварувач се надева дека ќе може да гласаме за неа во финалето.
„Секогаш сакам да размислувам позитивно, пред сѐ сакам да се претставам најдобро што знам и умеам, очекувам моето пеење и музички израз да и се допадне и на пошироката публика и да ја добијам нивната поддршка. Се надевам и многу би сакала да ме гледате и поддржите во финалето.“
Освен што се натпреварува на музички натпреварување каде ги покажува своите вокални способности, оваа 16-годишна девојка учествува на натревари во свирење на класична музика пијано.
„Освен што учествувам на натпревари по пеење, јас свирам пијано уште од седум години. Завршив основно музичко училиште во ООМУ „Боро Џони“, Струмица инструмент пијано во класата на професорката Ана Цунева.
Од осум години па до денес активно учествувам на натпревари во свирење на класична музика на пијано. Имам учествувано на многу домашни и меѓународни натпревари организирани од многу држави како што се Франција, Словенија, Канада, Албанија , Србија, Италија, Америка ... и имам освоено околу 30 први награди по пијано и две втори награди.“
Има желба да сними дуети со Марија Шерифовиќ и Калиопи, а за 10 години се гледа како пејачка која има многу песни зад себе.
„По десет години ќе бидам среќна ако бидам успешна дипломирана пијанистка, но исто така и успешна пејачка со многу песни кои ќе допрат до сите генерации...“
И. Мисајловска
фото: Принтскрин / Инстаграм / Youtube