Готвењето е нејзина љубов, а наградите мотивација: Изабела Спасовска е најмладиот гастроном!
Кулинарството е хоби, кое не секој може да го работи. За тоа треба многу време, трпение, но најважна од се е љубовта кон истото. Ретко кога можеме да стретнеме млад човек, пред се тинејџер кој ова хоби го преточува во идна професија, но ние се потрудивме и пронајдовме еден таков талент и кај нас.
Имено, станува збор за средношколката Изабела Спасовска. Според темата логичен е и нејзиниот избор за школување, па така таа поради големата љубов кон готвењето е средношколка во СУГС „Лазар Танев“.
Изабела вели дека љубовта кон готвењето и` ја пренела нејзината тетка, а како најголема поддршка освен тетка и`, е и нејзината мајка. Дека ова не е само детски сон, говори и фактот дека таа успешно се враќа од многу натпревари поврзани со гастрономијата.
Првиот натпревар на кој земала учество е „Натпреварот на Гастромак“, каде што земала 3 - то место, за подоцна во Босна и Херцеговина заедно со својата тетка Светлана Димовска да го освојат првото место. Како што вели Изабела, жиритo не можело да остане рамнодушно на една македонска традиционална трпеза.
Следно во низата награди и признанија и е признанието за најдобра композија на Тортилијадата оваа година, 2 - ро место за најдобра торта во Ниш, како и 1 – во место за ресторантски десерт.
Ова се само дел од нејзините многубројни награди, а за нea се голема мотивација да продолжи понатму со уште повеќе енергија и желба за да научи повеќе. За секој натпревар вели дека е огромно искуство, а ние не се сомневаме во истото.
Редакцијата на Hashtag.mk и посакува многу успеси во кариерата и искрено се надеваме дека сите соништа ќе и исполнат на оваа млада и талентирана девојка!
И.М.