Хедонист, авантурист, голем човек и вистински џентлмен: Д-р Угриновски беше посебен

Хедонист, авантурист, голем човек и вистински џентлмен: Д-р Угриновски беше посебен

Објавена во: После „Школо“ // PR

„За да ја засакаш планината и да стане дел од твојот живот, доволно е еднаш да отидеш. Кој еднаш отишол на планина, гарантирам дека секогаш ќе ѝ се враќа“, рече познатиот неврохирург проф. д-р Јовица Угриновски кога беше претседател на Федерацијата на планинарски спортови. 

А денес замина малку повисоко, во облаците. Почина на 77 годишна возраст. 

За овој човек може роман да се напише. Истакнат доктор, голем авантурист, џентлмен и грижлив татко и дедо. Неговата посебност не можеше, а да не се забележи. Нему му успеа да стане првиот Македонец кој закачи знаме на Антарктикот, а неретко се искачуваше и  по Хималаите. Во 2018 година доби и трет мандат на чело на Федерацијата на планинарски спортови.

„ Престојот во природа има големи здравствени придобивки. Што се однесува до спортската активност, тоа значи искачување на највисоките планини и искачување на сите планини низ различни континенти, со што Македонија може да се пофали во последните десетина години.“, во една пригода потенцираше докторот.

Инаку, Доктор Јовица Угриновски три пати се женеше. Од секој брак има по две деца. Со последната сопруга имаат дете кое го доби во неговото трето доба. 

,,Живеј го денешниот ден, вчерашниот е неповратен, утрешниот е неизвесен … Качувај се кон врвот, но гледај никогаш да не го достигнеш! После Врвот има само една насока – надолу! Сублиматот е … уживај во тоа што во моментот го имаш и не пати по тоа што го немаш. Оти не е силен оној кој има многу, туку оној кој може без многу“, рече еднаш за интервју во Капитал.

Во истото списание, зборуваше и за Масонството на кое беше член:

„Морам да кажам дека како и сите обични луѓе од профаниот свет, така и јас, за масонеријата имав многу оскудно знаење добиено од прочитани две-три книги со журналистичко – авантуристичка содржина. Не знаев ништо за суштината и содржината на масонеријата. Знаев дека е некакво ,,тајно – мистично“ здружение на луѓе кои го ,,тресат и раководат светот“

Дознав дека е тоа ,,братство на зрели мажи на добар глас! Луѓе со слободни мисли! Луѓе кои веруваат и тежнеат кон вистината! И луѓе кои ја негуваат братската љубов! Веднаш потоа, ме прашаа дали би сакал да се придружам на таква група луѓе. Секако, веднаш прифатив и така станав деветтиот или десеттиот ,,припадник“ на таа група“

Има издадено голем број на научни трудови, има излекувано огромен број на пациенти, а награда за животно дело му беше доделена за неговата идеја, реализација и посветеност кон развојот на Неуромедика.

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: