И да имав можност да бирам, ќе го одберев Мили: Благица Ѕунзуровска за новото искуство во „Ѕвездите на Гранд“
Благица Ѕунзуровска е 19 - годишна девојка која е победничка на втората сезона од музичкото натпреварување „Неки нови клинци“, а сега е пред нов предизвик. Имено, сега почна да се натпреварува во музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“ и е дел од тимот на Мили.
За старото искуство, за она што допрва следува, но и за периодот помеѓу двете натпреварувања, Благица, која моментално е студент на Факултетот за музичка уметност, раскажа интересни детали.
# Пред неколку години победи во музичкото натпреварување „Неки нови клинци“. Какво искуство беше тоа за тебе?
За мене искуството во „Неки нови клинци“ додека се натпреварував беше феноменално. Нема зборови со кои може да го опишам тоа, затоа што јас се натпреварував две години – првата година стигнав до топ 20, а наредната година победив. Значи имаше многу вежбање во текот на тие две години. Искрено мислам дека го постигнав максимумот што може да се постигне во тие две години, со вежбање, со мојата појава на сцената, со совладувањето на тремата и со сѐ. Најубав дел во натпреварувањето ми беше дружбата позади сцената со сите кандидати, зошто ние едноставно бевме деца, да кажам невини и се дружевме премногу.
# Твојот талент, а и успех те одведоа едно скалило погоре. Овој пат те повикаа да се натпреваруваш во „Ѕвездите на Гранд“. Која беше твојата прва мисла кога ја доби оваа понуда?
Кога ми се јавија од „Ѕвездите на Гранд“ и ја добив таа понуда да влезам во натпреварувањето како и сите нови кандидати, да се натпреваруваме директно од трети / четврти круг, јас искрено се почувствував многу убаво. Тоа беше така, затоа што знаев дека штом тие самите ме бараат сум им оставила впечаток и едноставно не ме бараат без причина. Таа беше мојата прва мисла и ја прифатив понудата да одам, затоа што знаев дека ќе биде уште едно убаво искуство, ќе има повторно многу вежбање, работа...
# За подготовки, во кои е вклучено и патувањето имаше само два / три дена. Како успеа за толку кратко време да се подготвиш?
Да, имав само два дена за одлучам што ќе пеам, како ќе изгледам и што ќе носам на сцена, да се спакувам и да направам тест за корона, затоа што во тој период на граница за да поминеш во Србија бараа тест. Искрено и покрај тие два дена, сум задоволна и се надминав себеси, затоа што јас сум човек кој што кога ќе науми нешто, го прави тоа и оди до крај. Тие два дена беа хаотични, не викам не, но постигнав се и се беше во најдобар ред. Песните ги одбрав вечерта пред настапот и едноставно мислам дека поминав добро, на пробата беше супер – ние имаме проби пред главното снимање, бев задоволна. На самиот настап, тремата си го направи своето, имав многу треба, затоа што одамна немав настапувано на таа сцена, но пак ќе кажам задоволна сум од себеси, а за наредното снимање секако работев повеќе.
# Со оглед на околностите под кои се најде, сигурно не успеа да се претставиш најдобро што знаеш, а со тоа не успеа да освош 6 гласа и можност да бираш ментор. Доколку дојдеше до таа ситуација, во чиј тим би сакала да бидеш и зошто?
Секако, во рок од два дена, искрено беше феноменално тоа што го изведов. Со повеќе време секако ќе се постигне поголем резултат и искрено и да добиев шест гласа, да имав право да бирам ментор, јас повторно ќе го изберев Мили, затоа што човекот е феноменален, мене ми се допаѓа како работи тој - работи и со поп пејачи, а јас сум тоа. Би останала секако кај него, иако не знаев како е да се работи со него, затоа што јас пред да настапувам, не се видов ниту еднаш со него, ниту пак знаев реално какво е правилото, дека тој ми е всушност ментор од почетокот. Едноставно, енергијата ме поврза подоцна со него.
# Кои се твоите очекувања? Ќе има ли Македонија шанса да гласа за тебе во финалето? Кои се твоите прогнози?
Искрено, јас сум на самиот почеток на ова натпреварување и немам некои посебни очекувања дали ќе одам далеку во натпреварувањето, дали ќе заврши сето тоа набрзо, не знам. Се надевам дека Македонија ќе има шанса да гласа мене во финалето, но ете така да кажеме сѐ уште сум на самиот почеток и не знам како ќе се одвиваат работите.
# Што правеше во меѓувреме (помеѓу двете натпреварувања)?
Откако победив на „Неки нови клинци“ досега, јас си обрнав повеќе внимание на својот живот. Почнав да живеам, да кажеме. Создавав многу моменти за паметење и воедно започнав и свој Јутјуб канал, како што реално бев многу успешна. Дојдов до број 1 женски јутјубер во Македонија со најмногу следбеници. Едноставно, бев презадоволна од себеси. Имав голема гледаност, но за жал, тоа го завршив, престанав со Јутјубот, затоа што мојата цел е создавање на моменти и живеење во моментот. Поради Јутјубот цело време бев со камера пред мене и едноставно не можев да го постигнам тоа. Покрај Јутјубот, се надоградував себеси и своето пеење, имав премногу настапи во Скопје и реално низ цела Македонија. Постигнав голем публицитет преку натпреварувањето, па едноставно почнав да имам повеќе настапи, ме бараа секаде, имав доста спонзори. Едноставно помеѓу двете натпреварувања се надоградував, работев на себеси и создавав нови моменти.
# Од колку години се занимаваш со музика и кој го препозна твојот талент?
Уште од многу мала се занимавам со музика, но во прво одделение дојде моментот за да се запишам во нижото музичко. Почнав да свирам виолина и така едноставно почнаа да се движат работите. Цело време пеев и се дружев со виолината. На сцената првпат застанав на концертот на моето фолклорно друштво, каде што мојот кореограф, Жаклина Богдановска го препозна мојот талент за сцена и пеење и едноставно вежбав со неа и хармоникашот од друштвото и тогаш за првпат застанав на сцена со народна изворна музика. Со тоа едноставно продолжи мојот живот на сцена, па поради тоа сакам во оваа прилика да се заблагодарам на мојот кореограф Жаклина, која што едноставно го скрши со мене тој мраз за да излезам на сцена.
# Кога ќе ја тргнеме музиката настрана, што е она што сакаш да го правиш во слободно време?
Едноставно сакам да ужива, да шетам, да создавам моменти, да се дружам со пријатели, роднини и со сите најблиски. Секако, тука е присутна и музиката, без неа не можеме да уживаме, да се радуваме, да славиме било што. Имам некои замисли за други хобија, еве сега растеме, се развиваме и сакаме сѐ и сешто да пробаме, но сѐ уште немам ништо официјално испробано. Здравје Боже во некое наредно интервју ќе можам повеќе да ви откријам, доколку ми успее она што го сакам и планирам да го изучам како хоби.
# До каде си со образованието и колку ти е тешко сега паралелно да се подготвуваш за натпреварувањето и да учиш?
Моментално сум прва година на Факултетот за музичка уметност и реално не е толку лесно колку што сите кажуваат – „Учи си, пеј си, тоа е тоа“. Не е се толку едноставно и розово, тешко е да се постигне, да се вежба, да се учи и се друго, сепак не се само факултетот и пеењето обврски. Така да, реално е малку тешко, но сѐ што се сака се може, што би рекла јас и успеавам да постигнам сѐ.
# Каде се гледаш за 10 години?
За десет години се гледам како успешна жена, без разлика на професијата, можеби ќе станам популарна и позната пејачка, можеби нема, можеби ќе станам тоа што го учам – професорка по музика, можеби нема, сѐ уште не знаеме што ќе донесе времето.
# Кој хаштаг најчесто го користиш?
Во зависност од фотографија. Доколку зборуваме конкретно за Инстаграм, во зависност од она што се случува на фотографијата и видеото, така ги одбирам и хаштаговите. Но, ете еден што моите фанови кои ме следат подолго време го знаат е #b. Истиот го користам во моите видеа на Јутјуб, каде што беше еден од условите за да добијат поздрав во моите видеа и едноставно тој беше реално најкористен хаштаг во мојот живот.
Ивана Мисајловска