Иако училиштата ќе се затворени до јуни, матурантите во САД организираат необични матурски церемонии
Основните и средните училишта во десетици сојузни држави на САД најверојатно остануваат затворени до крајот на школската година, трауматична одлука пред се за матурантите и нивните родители, но некои школи во Пенсилванија посегнаа по креативни решенија за оддржување дипломска церемонија и во услови на ширење на новиот коронавирус.
Иако одлуката беше очекувана, и градоначалникот на Њујорк, Бил Де Бласио, денеска официјално објави дека државните училишта во градот остануваат затворени до крајот на школската година, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Пандемијата на коронавирус зеде катастрофални димензии, училиштата мора да бидат затворени, изјави тој.
-Тешка одлука за носење… да не се отворат школите до крајот на годината. Но можам да ви кажам е исправна, бидејќи ќе зачува мноу животи, изјави Де Бласио на редовниот брифинг денеска.
Во Њујорк, од почетокот на пандемијата во градот, затворени се околу 1.800 училишта и 1.1 милион ученици продолжуваат со настава од дома. Нормалната посета на наставата најверојатно ќе започне при крај на август, со почетокот на новата школската година.
Ист е случајот и со десетици милиони ученици во повеќе сојузни држави на САД
Досега, државните основни и средни ушлишта во десеттина држави најавија дека може да останат затворени за настава до јуни кога школската година завршува, со измена на одлуката ако се надмине кризата со вирусот. Училиштата се затворени речиси цел месец и карантинот посебно ги погоди американските матуранти и нивните родители, кои уште од јануари започнаа да се спремат за матурски забави.
Но, некои школски окрузи како Хановер во североисточна Пенсилванија, посегнаа по креативни решенија, јави „Вашингтон пост“.
Родителите и наставниците од тој округ одлучија најважниот настан на нивните најмили, матурска забава, да го одбележат во драјв-тру кино. Во вакви кина-паркинзи, популаризирани уште од 1950-те и сеуште се голема атракција во САД, посетителите ја гледаат филмската претстава од своите коли.
Средните училишта во школски округ Хановер се подготвуваат за необична матурска, со снимање на церемонијата на доделување дипломи на секој матурант, но и на нивните говори. Потоа, во јуни родителите и матурантите ќе можат да го гледаат целиот снимен материјал од своите коли, додека звукот ќе се слуша во аудио системот на секој автомобил.
Матурантите ќе ги носат традиционалните капи со квадратен оквир, а едно семејство најави да дојде со лимузина, соопшти изданието.