„Игравме били (џамлии) на сликички од стари албуми“ - Лозано се присетува на детството!
Пејачот Влатко Лозановски – Лозано на 23 март во ВИП Арената ќе го одржи својот прв солистички концер. Своите песни ќеги отпее пред својата публика, која искрено нема возрасна граница.
Но, настрана овој преубав настан, на кој Влатко на својата публика ќе и го подари најдоброто од себе, а тоа се неговите песни, тој во интервју за порталот zenskimagazin.mk откри нешто повеќе за своето детство. Еве што одговори пејачот кога го прашаа за неговото детство поминато во родното Кичево:
Имав прекрасно и безгрижно детство, во моето родно Кичево. Бев опколен со прекрасни луѓе, моето семејство, моите соседи, имаше тогаш многу дечиња, мои врсници. Правевме најразлични будалаштини, од сѐ правевме игра, измислувавме игри, се радувавме на обични работи, си правевме засолништа и куќи од делови, врати, хауби, гуми од коли. Бевме махери за сѐ, трки со бицикли низ маало (така во Кичево ги викаме велосипедите). Играње со топка од утро до мрак, па во текот на денот мајка ми или баба ми ќе ми викнат од дома: "Влаткоооо ајде да јадеш", затоа што мене не ми текнуваше на тоа и ќе појдев ќе си скршев краишник од леб и пак се враќав. Се качувавме на црешни, кајсии, сливи, па ќе излезеше газдата па ќе не брка. Игравме били (џамлии) на сликички од стари албуми, тогаш беа популарни албумите со Тарзан, Нинџа Желки, Краш, Штрумфови, па Турбо мастиките со сликички со автомобили, болиди..
Често одевме на село кај баба и дедо, па таму си игравме со сестра ми со најразлични животни, имаше крави кои сите до една си имаа име, па зајачиња, се храневме исклучиво со здрава храна набрана од градина. Уште се сеќавам на вкусот на храната, на мирисот од тоа време. Па навечер кога ќе се стемнеше немаше струја, ќе вклучеше баба ми фенер... Прекрасно детство во секој случај.