Има 12 години и неверојатен талент: Интервју со најуспешниот млад шахист Антон
Доколку сте љубител на шахот, 12 – годишниот Антон Златков може да го најдете пред таблата со 64 црно – бели полиња. Од својата 7 – ма година, овој млад ученик во 7 одделение се натпреварува на домашни и меѓународни турнири, каде има освоено многу награди. Учи во ПОУ „Јахја Кемал“, а освен наградите и признанијата веќе втора година е стипендист на Агенцијата за млади и спорт на Македонија. Тој за нишиот портал откри кој го открил неговиот талент, но и неколку интересни работи кои можеби ќе ве поттикнат ако ништо друго, барем рекреативно да играте по една партија шах.
# Што е она што поттикна еден млад човек како тебе да се занива со овој спорт?
Како мал многу сакав да играм игри како што се: Сложувалка, Меморија, Логички Задачи итн. Шахот го засакав затоа што е спој на сите тие игри.
# Од колку години се занимаваш со шахот?
На 6 години дедо ми Ѓорги ме научи се за шаховските фигури и по кои правилата се игра шахот, а на 7 години татко миДимитар ме зачлени во шаховскиот клуб Гамбит Ассеко-СЕЕ, каде што почнав да тренирам под менторство на наставниците и интернационални мајстори Орце Данчевски и Марјан Митков.
# Кој ти ја пренесе љубовта кон шахот?
Татко ми ја забележа мојата желба и умешност да играм логички и мемориски игри, а таква игра е и шахот. Тој сфати дека супер брзо ги решавам игрите сложувалки, меморија, па дури и поедноставните математички операции – собирање, одземање, множење и делење уште од многу мала возраст. Почнав најпрво да играм со дедо ми, па потоа и со татко ми, па потоа на компјутер. Но кога наставниците ми ги објаснија првите мајсторски потези и кога почнав да ги применувам при играње најпрво со моите другарчиња во клубот, а потоа и на турнирите против моите противници, тогаш вистински ја засакав таа древна игра. Но, морам да ја спомнам и големата подршка и љубов на моето семејство, мојата мајка Милица и мојот татко Димитар, со кои многу често патуваме заедно во блиски и далечни земји за да играм јас и мојата сестра близначка Ана. Таа исто така се натпреварува на шаховските турнири и е младински државен првак до 10 години и во два наврати вице-првак до 12 години во конкуренција на девојчиња.
# Колку време професионално се
занимаваш со шахот?
Веќе 5 години се натпреварувам на домашни и меѓународни турнири каде што имам освоено голем број на дипломи, плакети, медали и трофеи, но и парични награди. Веќе втора година сум стипендист на Агенцијата за млади и спорт на Македонија.
# По колку часа на ден посветуваш во вежбање?
Два пати неделно тренирам во клубот по 2 часа. Додека дома работам во просек помеѓу 1 и 2 часа секојдневно. Пред позначајните натпревари тренирам и по повеќе од 4 часа дневно. Тренинзите ги одржувам најчесто под надзор на наставникот Орце Данчевски.
# Имаш освоено многу награди и признанија, но можеш ли да издвоиш една како најзначајна?
Најважните натпревари за еден млад шахист се поидинечните младински државни првенства. Јас сум четирикратен државен првак и тоа, два пати во категорија до 10 години и два пати до 12 години. Но, мој најзначаен и најмил трофеј е трофејот за првак на училишниот натпревар на Општина Карпош во месец Април 2016 година, бидејќи тој е мојот прв трофеј - пехар, а што е многу интересно, тој е по димензии и најголемиот пехар во мојата витрина.
# Како реагираат твоите другарчиња на твојата пасија?
Моите другарчиња се гордеат со мене и воедно многу се радуваат кога ќе забележам победа на некој турнир. Бидејќи голем дел од моите другарчиња се шахисти и јас се радувам на нивните успеси. Ние заедно тренираме и често учествуваме заедно на поединачни, но и на екипни натпревари каде доаѓа до израз и тимскиот дух. Се разбира, покрај победите неминовни се и поразите. По секој пораз тука се најблиските другарчиња да ме утешат.
# Ги учиш ли твоите другарчиња да играат шах?
Секако. Не само што ги учам и им ги покажувам шаховските мајстории, туку и често им укажувам на големите придобивки од шахот. Кој игра шах, таа или тој подобро ќе размислува, помни, пресметува, побргу ќе донесува добри и правилни одлуки, полесно ќе ги претрпува поразите, поскромно ќе ги прославува победите и најважно од се ќе биде верна другарка или другар.
# Дали најомилена играчка ти беше шахот?
Не. Најомилени играчки кога бев многу мал ми беа колички од разни познати марки.Втора најомилена играчка ми беше шахот.
# Каде се гледаш за 10 години?
Што и да бидам по професија, за 10 години шахот ќе остане моја многу голема љубов и секако ќе се наоѓам често на таблата со 64 црно-бели полиња наспроти моите противници кои воедно ќе бидат и мои другарки и другари.
Ивана Мисајловска