Инфлуенсерка тајна снимила, па исмеа непозната девојка на улица: Нејзината објава и однесување ги згрози луѓето (ВИДЕО)
Ова е класичен пример за интернет насилство и „body shaming“ и никој не би требало да го прави тоа...
Инфлуенсерите се личности кои секако влијаат на своите следбеници, од она баналното како избор на стил на облекување, па сѐ до влијанието на моделите на однесување.
Така и српската инфлуенсерка Нина Михас, која на Инстаграм ја следат повеќе од 18.000 следбеници, без сомнеж влијае на ставовите и однесувањето на нејзините следбеници.
Затоа, видеото кое го објави на стори на својот Инстаграм профил наиде на критики од јавноста и тоа со добра причина. Имено, додека се шетала низ град, Нина здогледала една девојка, која ѝ го привлекла вниманието. Го земала телефонот во раце и почнала да ја снима, за подоцна да ја објави на споменатата социјална мрежа каде ја исмеа девојката поради изгледот.
„Ѝ благодарам на непознатата девојка која ме насмеа денес“ - стоеше во нејзината објава.
Но, таквиот потег не наиде на позитивни реакции кај луѓето. Поради тоа на Твитер започна расправа, а многу корисници се прашаа од каде му е правото на некој да снима и исмејува и зошто има потреба да ги понижи другите за да се возвиши себе.
За жал, последните години сме сведоци на безброј насилства на Интернет, а неовластеното објавување на нечии фотографии и исмејувањето на нечиј изглед секако влегува во таа категорија. Особено е лошо кога тоа го промовира личност која на социјалните мрежи има голем број следбеници и со тоа всушност кажува дека таквото однесување е сосема оправдано. Едноставно ги поттикнува и другите да го направат истото.
Но, изгледа дека Нина ја научи својата лекција. Откако ја прозваа поради непримерното однесување, повторно се огласи на Инстаграм и им се извини на сите кои се најдоа навредени од нејзината објава.
„Девојката има апсолутно право да се облече како сака и моето смеење всушност требаше да биде поддршка за нејзината храброст. Знам дека не звучеше така“ - напиша Нина, додавајќи дека и самата, по бременоста и пораѓајот, била жртва на „body shaming“.
„И јас научив нешто од тоа и ви благодарам на тоа“ - им се заблагодари инфлуенсерката на сите кои ја критикуваа и ѝ ги отворија очите дека тоа што го направила, не било во ред.
фото: Принтскрин / Инстаграм