Интересите на децата треба да бидат пред сите други: Денес е Светски ден на детето

Интересите на децата треба да бидат пред сите други: Денес е Светски ден на детето

Објавена во: Совети // School zone

Овој ден се одбележува со цел да се насочи вниманието на јавноста на сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и на најважните проблеми со кои децата се соочуваат.

Светскиот ден на детето е прогласен на 20 ноември 1954 година на Генералното собрание на Обединетите нации, а пет години подоцна е усвоени и Декларацијата за правата на децата.

Генералното собрание на ОН на 20 ноември 1989 година ја усвоило Конвенцијата за правата на децата, првиот меѓународен документ од областа на човековите права кој посебно се занимава со децата.

Конвенцијата ја ратификувале 193 држави, а нејзините основни принципи се правото на живот, опстанок и развој, најдобриот интерес на детето, правото на партиципација, како и правото на недискриминација.

Сите деца ги имаат правата од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што работат нивните родители, дали се сиромашни или богати, кој јазик го зборуваат, на која религија или култура припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.

Сепак, покрај одредбите на Конвенцијата и напредокот кој е постигнат, статистиката покажува дека децата и понатаму се соочуваат со големи предизвици.

Најголемиот предизвик од сите набројани е сиромаштвото кое предизвикува и други проблеми со кои децата во 21 век не би требало да се соочуваат.

Покрај сиромаштвото голем проблем на децата е и невакцинацијата, но и неадекватната исхрана, како и недоволната социјализација и образование кои се многу важни за развојот на детето.

Децата, за жал се често изложени на насилство и насилни методи на воспитување дома, што допринесува за нивниот негативен развој.

Последните години многу повеќе е зачестено и врсничкото насилство и тоа најчесто помеѓу децата во основните, но и средните училишта.

Некои работи се менуваат и стануваат подобри, но и понатаму е неопходно да се вложува сила и да се работи на што подобро остварување на сите права на детето на глобално ниво.

Во нашата држава Конвенцијата е ратификувана дури во 2003 година, како и ратификација на двата факултативни протоколи. Со ратификацијата, Владата се обврза да обезбеди исполнување и заштита на правата на децата.

Во знак на одбележување на Светскиот ден на детето, минатата година, зградите и обележјата во Скопје беа осветлени во сина боја, како симболичен гест на заложбата за унапредување на правата на децата. 


Оваа година младите преземаат владин состанок на високо ниво на кој ќе ги презентираат нивните ставови и визија за иднината на образованието по КОВИД-19.  Сите заинтересирани настанот ќе може да го следат во живо со почеток во 11:00 часот, но и да се вклучат на истиот со прашања и коментари.


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: