Испраќаат јасна порака: Зошто кучињата ги лижат своите усни?
Кога ќе го видите вашето куче како ги лиже усните со јазикот, инстинктивно ќе помислите дека е гладно.
Меѓутоа, што ако штотуку го завршил својот оброк и во близина нема храна што го примамува? Она што можеби не сте го знаеле е дека лижењето усни е вид на комуникација кај кучињата. Кучето што ги лиже усните користи говор на телото за да ви каже што чувствува во моментов. Ако забележите дека вашето куче ги лиже усните кога нема храна во близина, веројатно се обидува да ви испрати порака. Но, каков вид?
Што значи тоа кога кучето ги лиже усните?
Лижењето на усните припаѓа на групата смирувачки дејства кај кучињата. Оваа форма на однесување се нарекува и гест на смиреност. Кучињата го покажуваат ова однесување кога се под стрес или се чувствуваат непријатно за нешто. Ако кучето перцепира нешто што се случува околу него како закана, тој ќе ги лиже усните за да ви испрати порака за загриженост. Ако кучето во куќата направи нешто што не му беше дозволено додека вие не сте таму и реагира бурно кога се вративте, многу е веројатно дека ќе ги лиже усните за да ја смири ситуацијата.
Исто така, за време на тренингот, кучињата имаат навика да ги лижат усните, со што се обидуваат да испратат порака до тренерот дека не разбираат што се бара од нив. Ако ја забележите оваа форма на однесување при тренирање на вашето куче, најдобро би било да престанете со тренингот. Кога не разбира нешто, кучето е вознемирено и не е во состојба да ги следи вашите упатства.
Третата потенцијална причина за лижење на усните може да има здравствена основа. Ако кучето има гадење, или има проблеми со забите и непцата, многу е веројатно дека ќе ги лиже усните. Ако се сомневате во здравјето на вашето домашно милениче, препорачливо е да се консултирате со ветеринар.
Лижењето на усните се смета за гест што спречува агресија. Тоа е знак дека кучето е под стрес и овој начин на однесување е неговиот прв обид да ја отстрани заканата. Ако неговите обиди не успеат (и вие сè уште му викате) кучето може да пренасочи кон агресивно однесување. Ако видите дека вашето куче ги лиже усните и знаете дека не е гладно, најдобро би било да се оддалечите од него и да му дадете простор да се смири. Исто така, би било добро да се обидете да ја дознаете и отстраните причината за неговата вознемиреност. Ова може да ве спаси од потенцијален напад.
фото: pexels.com/cory-de-vega