Исто, ама не е исто: Во новата учебна година, учениците поради маските нема да си ги видат насмевките
Први септември за некој е само прв ден од месецот, за друг враќање во училишните клупи, а за трет овој ден е започнување на една нова етапа во животот. Како и да е, овој ден за секој ученик и наставник или професор е поврзан со училиштето и новите згоди и незгоди, но и новиот материјал кој ќе треба да се совлада.
Пандемијата во голема мера го погоди и образовниот систем - учебната 2019/2020 се заврши со онлајн настава, 2020/2021 во целост се одржуваше со настава од далечина, со тоа што истата започна малку подоцна, а оваа 2021/2022 ќе стартува навреме и речиси ќе наликува како оние пред пандемијата.
Заштитните маски, задолжителната физичка дистанца и почитувањето на сите останати мерки, кои се пропишуваат со цел спречување на ширење на вирусот се она што оваа година ќе ја направат поинаква, но учениците сепак ќе се вратат во училишните клупи, а наставниците и професорите пред своите катедри.
По повод новата учебна година, на својот Фејсбук профил се огласи и министерот за здравство Венко Филипче, кој помеѓу другото истакна дека доколку се влоши епидемиолошката состојба има две резервни сценирија со кои ќе се заштити здравјето на учениците и наставниот кадар.
„Наставата ќе се одвива под јасно утврдени здравствени протоколи. Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, МОН по проценка на Комисијата за заразни болести, за реализација на наставата има две резервни сценарија со кои ќе се заштити и зачува здравјето на учениците и наставниот кадар.“
За заштитата и безбедноста во училиштата се огласи и министерката за образование и наука, Мила Царовска, која на својот Фејсбук профил сподели видео под називиот „Ги следиме препораките, за да бидеме безбедни и на училиште“.
Ученици со среќа во новата учебна година, почитувајте ги безбедносните мерки, уживајте во секој миг поминат на училиште, бидејќи тоа се најубавите денови од животот и не заборавајте да се заштитите себе, но и луѓето околу вас.