Издавачката куќа „Арс Ламина“ со шест награди од Македонската асоцијација на издавачи
Издавачката куќа „Арс Ламина“ ги освои првите места во категориите „Најдобра едиција“ и „Најдобро ликовно-графичко уредено издание“ за едицијата „Македонски книжевни класици“, додека кампањата „Читањето е супермоќ“ беше наградена со специјално признание за промоција на читачката култура. Наградите ги доделува Македонската асоцијација на издавачи и се однесуваат на периодот помеѓу два саема на книга. Годинава во комисијата беа: новинарот Тони Димков, писателот Иван Шопов и претставничката од МАИ, Наташа Атанасова.
„Арс Ламина“ дополнително се најде и на второто место за признанијата за општествено-одговорните проекти, како и за иновативност. Сликовницата „Девојчето и градот“ од Ване Костуранов во издание на „Арс Ламина“, пак, е на третото место во категоријата „Најдобро ликовно-графичко уредено издание“ за која комисијата посочи дека илустрациите на корицата и на внатрешните страници се впечатливи.
Стручната комисија истакна дека едицијата „Македонски книжевни класици“ – Петре М. Андреевски на издавачката куќа „Арс Ламина“ е најдобра, врз основа на унифицираниот изглед на едицијата, нејзиното врвно ликовно-графичко уредување, илустрациите во внатрешноста на книгите и воедно промоцијата на големиот македонски писател на еден нов и свеж начин пред денешната читателска публика. За наградата „Најдобро ликовно-графичко уредено издание“ на едицијата е посочено дека има врвно ликовно-графичко уредување, со уметничкиот печат на младата ликовна уметница Воскресија Андреевска. Илустрациите на кориците и во внатрешноста на книгите даваат модерно толкување на делата на Петре М. Андреевски.
„Читањето е супермоќ“ беше издвоена како најсилна и највлијателна кампања за поттикнување на читањето со влијание во општеството.
Второто место за признанието за иновативност ’отиде‘ во рацете на „Арс Ламина“ поради брзото приспособување во новонастанатата ситуација на почетокот од кризата со Ковид-19 и пренесување на активностите онлајн. Додека, втората позиција за специјалното признание за поттикнување на општествена одговорност беше доделена поради бројноста на донации со книги и излегување во пресрет на социјално-загрозени групи во нашето општество.