Ја доби првата битка: Бритни Спирс конечно ја започна борбата со родениот татко
Обожавателите ширум светот ѝ испраќаат поддршка...
Бритни Спирс однесе мала победа во борбата да се спаси од старателството кое го има татко ѝ над неа или од „заробништвото“ како што велат нејзините обожаватели кое го започнаа движењето „Free Britney“, бидејќи судот и одобри да го прошири својот правен тим. Имено, поп ѕвездата која веќе со години има проблеми со психичката состојба, реши да ја ангажира адвокатската канцеларија „Loeb & Loeb“, за да го замени својот татко Џејми во старателскиот дел и на независната компанија „Bessemer Trust“ да ѝ ги довери своите пари.
Во овој ангажман се спротивстави нејзиниот татко, 68 - годишниот Џејми Спирс, кој скоро 12 години одлучува за богатството и животот на својата 38 - годишна ќерка. Тој тврди дека огромните адвокатски трошоци го „топат“ богатството на поп ѕвездата, кое се проценува на 57 милиони американски долари и дека се непотребни. Имено, саатницата на таа адвокатска канцеларија изнесува 945 долари, а бидејќи Бритни воопшто не настапува, а изгледа дека не ни сака да го прави тоа, Џејми наведе дека тој скап ангажман не е во интерес на неговата ќерка. Меѓутоа, судот имаше поинакво мислење и овој пат застана на страната на Бритни Спирс и го одобри ставот на нејзиниот адвокат Семјуел Ингам, кој ѝ го додели судот, а кој тврди дека тоа е единствен начин да се слушне гласот на неговата клиентка, поточно донекаде да биде рамноправна како нејзиниот татко.
Пејачката на донесената судска одлука не се појави. Инаку со татко ѝ не можеше да се сложи ниту дали рочиштата поврзани со нејзината борба да се спаси од старателството ќе бидат отворени или затворени за јавноста. Џејми беше против, но ставот на Бритни е дека оваа постапка треба да биде што е можно потранспарентна.