ЈАС СУМ МИА (Епизода 5.)
Епизода 5
Ни сабајлето не им кажав дека ми пишал Стефан. А како да кажам, кога едвај се разбудивме (после „Сексот и градот” гледавме уште еден филм, некој црно-бел од пред милион години, со Елизабет Тејлор, ама му го пропуштивме насловот), особено пред Тамара која стана целата отечена од плачење и сигурно не и се слушаше дека сега па мене ми тргнало во љубовта?
Всушност, како тоа јас си замислив дека ми тргнало во љубовта? Којзнае што сака Стефан.
Од некоја причина - не му ни одговорив на пораките.
Станавме нешто пред пладне. Точно на пладне, Марко беше нацртан пред врата со појадок. Сега стварно веќе почнувам да мислам дека можеби ја сака Тамара.
„Сакаш да го тепам?” се шегуваше додека ја гушкаше.
А кога ти се потонати сите бродови и некој те теши, одма те тера на плачење. Па така, Тамара почна да лее крокодилски солзи на рамото на Марко, додека тој ја молеше да престане и се обидуваше да сврти на шега.
Какво депресивно утро!
„Кој плаче?!” влета Јована во кујната.
„Оливер во исто време имал друга девојка,” објасни Сара.
„Кој Оливер, оној Оливер?” ме погледна мене.
„Да, Јована,” реков јас, и веќе се нервирав од предавањето што сигурно следуваше.
„Ах,” преврте Јована со очи, како да сакаше да каже вие дечишта со вашите проблеми. Знам дека тоа сакаше да каже мојата занесена сестра со глуп дечко со глупа брада. „Тамара. Знаеш што?”
Тамара не одговори одма.
„Тамара. Слушни ме,” ја потапка Јована по рамото. Тамара се сврте кон неа. „Можеш ти и многу подобро од тоа детиште.”
„Леле, Јована, фала што не просветли, мислам, без твоето решение немаше да преживееме!” почнав јас саркастично.
„Ај ќе видите,” продолжи Јована незаинтересирано, вадејќи јогурт од фрижидерот. Пред да тргне нагоре по скалите подзастана. „Тамара. Знам дека ти е тешко сега. Ама верувај ми дека со секој ден ќе ти биде се полесно. Прво ќе си легнуваш и ќе стануваш мислејќи на него и колку те повредил. Па после само ќе си легнуваш со таа мисла. Па после ќе ти текнува само неколку пати во текот на денот. Па после еднаш. И ќе дојде еден ден кога ниеднаш нема да помислиш на него. И нема да ти се верува, ама така ќе биде.” И си отиде.
Тамара трепна. Како да се разбуди од кошмар. Ги протри очите и се загледа кон кујната.
„Што ќе јадеме?” праша, насмевнувајќи се малку, прв пат после непријатниот настан претходната вечер.
Океј, не била толку бескорисна Јована.
Додека јадевме и Марко ни раскажуваше за девојчето со кое се допишува на Инстаграм, мене ми светна.
Вчера ми пиша Стефан.
Ги отворив пораките, глумејќи дека скролам по Фејсбук.
Еј :)
Што правиш? :)
Што сака?
Отидов кај него на Инстаграм. Уште стојат сликите со девојка му Тијана.
Има и нова.
Пак со Тијана. Која многу сакав да е грда, за да ми биде полесно, ама не беше. Убава беше.
Што сега, му требаат прашања математика?
Задачи физика?
Сигурно не ми пишува заради мене.
Еј, му вратив.
Одговор стигна за неполни десет секунди.
Не ме виде вчера?
Кај да го видам?
Каде?
Па, пред Pillow Talk. Јас сакав да влезам, ама вие излетавте надвор и отидовте во спротивен правец.
Стефан бил пред Pillow Talk вчера, а ние бевме толку шокирани и вознемирени, што не сум ни забележала. Колку можеше да биде поинаква вечерта, да не беше тој глупак Оливер!
Отидовме на друго место, му пишав јас. Не можам сега да му објаснувам.
А вечер? пиша тој.
А што е толку упорен?!
Ми беше бескрајно интересно што ми пишува, едвај се воздржував да не скокнам до таван од среќа, да се развикам МИ ПИШУВА Стефан, ДЕЧКИ!, ама не можев, не во таа ситуација, затоа што целото внимание беше на Тамара и како да биде расположена. И истовремено, се обидував да го задушам непријатното чувство дека упорно ми пишува, а има девојка.
Вечер не знам, вратив.
Сигурно ќе пише, ‘да се најдеме, да ми дадеш да препишам за Едгар Алан По.’ Нешто такво, глупаво, сто посто. Сега откако му станав ‘другарка за школски работи’, сигурно само за тоа ќе ме бара.
Па пиши :)
и уште една порака:
Да се видиме :)
Престанав да дишам.
„Дааа… се… ви-ди-ме,” слушнав еден иритантен глас позади мене, на некој што се обидува на глас да ги прочита пораките. Инстантно збеснав.
„Стефан,” мирољубиво си прочита гласот. „Кој ти е Стефан, ма?”
Го мразам Јаков.
Го мразам, го мразам.
Не ни забележав кога влегол. Ниту некој друг му обрна внимание. Сите беа замуабетени. И престанаа кога Јаков на глас ми ги прочита последните пораки преку рамо.
„Јаков, МАРШ!” му се развикав. Не му беше проблем да си отиде, со кикотење за бељата што ја направи.
А сите други (прашални) погледи беа упатени кон мене.
„Објасни,” побара Сара.
И сите ги доближија главите.
Ах.
by
Четвртата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Третата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.
Втората епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте јатука.
Првата епизода од „ЈАС СУМ МИА“ прочитајте ја тука.