Јован Андоновски: Чест ми е што учениците ОУ „Лазо Ангеловски“ и СУ „Васил Антевски-Дрен“ ќе учат за реториката од моите книги
Заменик народниот правобранител д-р Јован Андоновски деновиве одржа предавања и промоции на своите книги во училиштата каде што завршил основно и средно образование: ООУ „Лазо Ангеловски“, односно СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, во Скопје. Во присуство на многубројни ученици и наставници, тој ги претстави своите дела: „Реторика“, „Реторика: историски и современи аспекти“ и „Македонско енергетско право“, кои се во издание на „Арс Ламина“. Издавачката куќа донира четириесетина примероци од овие книги за потребите на училишните библиотеки, за да можат учениците да ги прочитаат и да учат од нив.
На двата настана, покрај д-р Јован Андоновски и претставник од издавачката куќа „Арс Ламина“, се обратија и директорките на училиштата: м-р Магдалена Петреска (в.д. директорка на ООУ „Лазо Ангеловски“) и м-р Тања Јовановска (директорка на СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“). На свечените промотивни настани, каде што авторот беше пречекан со високи почести, со пригодна програма, активно учество земаа и учениците, кои на авторот му поставуваа прашања. Основците се интересираа која му е омилена книга, што најчесто чита, како се пишува книга, која му било најтешко да ја напише и друго. Средношколците, пак, имаа постручни прашања од областа на реториката и енергетското право. Тие се претставија со дел од своите ораторски говори.По гостувањето во ООУ „Лазо Ангеловски“, кое се одржа на 12 мај 2022 година, Андоновски го истакна значењето на инвестирањето во квалитетно образование на децата и поттикнување на нивните читачки навики, уште во најраните години.
– Инвестирањето во образованието значи инвестирање во потенцијал на луѓе, кои ќе знаат како да креираат подобар живот за себе, ќе бидат способни за донесување на правилни одлуки и ќе бидат љубопитни да дознаат повеќе за она што ги интересира. Денешното дружење во ООУ „Лазо Ангеловски“ – училиште во кое учев и јас, уште еднаш ми ја потврди познатата теорија дека „навиките се создаваат во мали години“. Горд сум што во нивната библиотека сега ќе бидат достапни и моите дела – рече тој.По настанот во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“, кој се одржа на 13 мај, не криејќи го задоволството и среќата што се вратил во своето средно училиште, авторот изјави:
– Кога би можел, би сакал да го вратам времето и повторно да бидам ученик во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ – училиште во кое стекнав знаење, кое ме мотивираше да го изучувам и да го истражувам правото и реториката во годините што следуваа. Голема благодарност за топлиот пречек на учениците и раководството на училиштето. Чест ми е што моите книги ќе бидат дел од нивната училишна библиотека. Ова дружење беше одлична можност за честитање и на нивниот успех со „Имам став“ – рече Андоновски.
Инаку, учениците од „Имам став“ неодамна го освоија првото место во македонското собрание, под менторство на наставниците Снежана Бриндевска, Лилјана Поповска и Радмила Куцуловска. Тие на средбата со Андоновски го претставија победничкиот настап, заедно со членовите на ораторски клуб „Гарда на мудроста“, менториран од Анета Стефановска.
– Ни беше чест да организираме настан на кој наш поранешен ученик, а сега заменик народен правобранител, д-р Јован Андоновски, ги промовираше и ги донираше книгите „Реторика“ и „Македонско енергетско право“. Споделивме заеднички моменти и ја потенциравме важноста на реториката во правничката и економската професија. Голема благодарност до „Арс Ламина“, кои заедно со гостинот и директорот на училиштето најдоа интерес во унапредување на понатамошната соработка со цел организирање на идни настани во насока на едукација, творење и култура на читање – се вели во објавата на СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“.
Книгите од Јован Андоновски, во издание на „Арс Ламина“, се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk,, на следните линкови:
„Реторика“ https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=14422
„Реторика: историски и современи аспекти“ https://www.literatura.mk/BookDetails.aspx?Pr=13468
* ПР - објава