Јован Јованов ми кажа дека ми треба уметничко име: Благица Ѕунзуровска за Хаштаг открива како стана „Блеа“
Благица Ѕунзвуровска, сега попозната како Блеа е ново име на македонската музичка сцена. На јавноста ѝ е позната како победничка на втората сезона од музичкото натпреварување „Неки нови клинци“, но и музичкото „Ѕвездите на Гранд“, во кое се појави минатата сезона.
Оваа млада и талентирана пејачка е решена да ѝ се посвети на својата кариера, па така се откажа од тоа да се појавувања во музички натпреварувања. Еден од поголемите чекори кои ги направи беше учеството на овогодинешното издание на фестивалот „МакФест“, каде ја освои и единствената награда која беше доделена – наградата за дебитант.
Сега, за Хаштаг, раскажа повеќе детали поврзани со нејзиното појавување на „Макфест“, за своите идни планови, но се осврна и на своето образование.
# Единствена награда која се додели на овогодинешното издание на „МакФест“ беше наградата за дебитант, која заврши во твои раце. Колку си горда што оваа награда ти припадна токму тебе, бидејќи мора да признаеме дека конкуренцијата не беше мала?
Бев премногу среќна и задоволна од себе, затоа што сепак единствената награда ми припадна на мене таа вечер. Бев позитивно изненадена и благодарна на сите, сепак зад мојот настап и мојата песна стои група на луѓе со кои што заедно работевме и сум премногу благодарна и горда на сите со кои што успеавме песната и настапот да изгледаат светски.
# На јавноста ѝ се престави под уметничко име „Блеа“. Како дојде до идеја токму ова да биде твоето уметничко име?
Со оглед на тоа дека досега поголемиот дел ме познаваа по моето име и презиме, сметав дека треба нешто да се смени, да биде нешто пократко и не толку комплицирано, затоа што најпрвин, ретко кој може да ми го погоди презимето. Мојот username на социјалните мрежи е „dzunzurovska“ и поголемиот дел го читаат погрешно. Ѕунзуровска е всушност моето презиме. Со Јован Јованов уште не се знаевме лично, но одма ми кажа дека ми треба уметничко име, па тоа беше пресудно за да се претставам со моето уметничко име. Сепак мислам дека е убаво и уникатно да се има уметничко име кое што нема да е далеку од реалното име па затоа „Блеа“ мислам дека ги исполнува тие услови. Со тоа што и за првпат се појавува ова уметничко име кое што ме претставува мене, „Блеа“.
# Текстот за песната „Рај“ е твое дело. Ја создаде специјално за фестивалот или подолго време ти стоеше во фиока?
Песната е создадена специјално за фестивалот, со тоа што тој период одлучив повеќе да се посветам на музиката. Напишаниот текст од моја страна многу му се допадна на Јован Јованов, потоа тој ме спои со останатиот авторски тим за да го комплетираме делото. Според мене, „РАЈ“ е моќна песна.
# Какви се реакциите од
публиката? Кои се твоите очекувања - има ли шанси „Рај“ да ја добие и наградата
најслушана песна помеѓу двата фестивали?
Реакциите од публиката се позитивни со тоа што и песната е подинамична, певлива. Ја слушаат прилично секаде. Наградата за најслушана песна помеѓу двата фестивали ќе се додели следната година со тоа што на нас ни останува да ги слушаме сите песни од овогодинешниот МакФест.
# Фестивалот помина, но кои се твоите планови за во иднина? Имаш ли веќе јасно зацртани цели?
Планирам повеќе да се посветам на пеењето и на мојата музичка кариера, да работам на нови песни, проекти и да се надоградувам.
# Минатата година беше дел од музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“. Какво искуство беше тоа за тебе?
Секое музичко натпреварување е убаво искуство за секого, со тоа што запознаваш нови луѓе, напредуваш. За мене тоа претставуваше голем чекор за понатаму. Нова публика, голема сцена... Сето тоа, како што кажав е убаво искуство за градење на една кариера и успех.
# Дали може да очекуваме да се појавиш на уште некое натпреварување или сега се насочена кон својата кариера?
Сега сум тотално посветена и насочена кон својата кариера.
# Настрана музиката, до каде си со студиите? Те попречуваат ли во тоа активно да ѝ се посветиш на кариерата?
Сега сум втора година на Европскиот Универзитет, студирам Бизнис Менаџмент. Студирањето воопшто не ми пречи за активно да сум посветена на својата кариера, си го организирам времето и обврските и постигнувам сѐ.
# И како за крај, ќе може ли да ни откриеш во какви односи си со ГП, бидејќи на социјалните мрежи изгледате многу блиски?
Нашиот однос бил секогаш пријателски и така ќе остане. Тој е добра, амбициозна личност и верен пријател.
И. Мисајловска