Каде е најдобро да се обратите ако сте жртва на сексуално вознемирување: Совети од психолог Зорица Николова

Каде е најдобро да се обратите ако сте жртва на сексуално вознемирување: Совети од психолог Зорица Николова

Објавена во: Stars // Интервјуа

„Јавна соба“ е затворена, но траумата, стравот и срамот кај жртвите остануваат.

Неодобрени од жртвите, експлицитните содржини објавени во „Јавна соба“, повторно потврдија дека секој може да биде жртва, дури и кога не е свесен за тоа. Некои од девојките и девојчиња кои неволно се најдоа во таа група, иако истрауматизирани се охрабрија да зборуваат јавно за тоа. Но што е со оние кои не можат да соберат храброст и ги чуват емоциите во себе?

Сексуалното вознемирување и злоупотреба на жените не се нови „теми“, но се табу теми.
Неказнивоста, нереагирањето на надлежните институции, стравот на жртвите, но и технологијата придонесоа само повеќе да се развиваат во нови облици, а траумите остануваат исти за цел живот.

Важно е жртвите да соберат храброст и да зборуваат, важно е да пријавуваат, важно е да се зборува на тие теми и најважно е да добијат поддршка.

Токму за сите девојки чија доверба беше злоупотребена од членовите на групата "Јавна Соба", но и сите жртви на било каков вид насилство разговараме со лиценциран психолог, Зорица Николова, која вели:

Јавна Соба е само една од страшните случувања која е актуелна периодов на нашите простори и која за жал е само една капка во морето на трауматични искуства кои ги слушаме децении наназад. Тоа што можеме да увидиме за сексуалното вознемирување од овие случувања е дека предизвикува комплетен хаос кај жртвите, и не зборуваме само за состојби на нарушено ментално здравје туку за физички ефекти, а и социјално негативни последици кај жртвите.

Едно е јасно, не постои еден начин на кој жртвите на сексуално вознемирување ќе се справат со своето искуство и последиците од истото, затоа што секоја жртва сексуалното вознемирување го доживува на различен и индивидуален начин. Ќе се јават различни интерпреатации на траума и тоа е во ред. Тоа што е важно е да се валидираат чувствата и потребите на жртвите од страна на тој што го потпомага процесот на заздравување. Процесот на заздравување односно процесот на враќање и јакнење на резилиентните сили на жртвата, нејзиното оснажнување, може да се одвива на повеќе начини, некој/а може да го канализира својот страв во активизам за поткревање свесност во својата околина, друг/а може својата нелагодност да ја трансформира во текст, комедија или пораки на социјални медиуми. За некој/а за да го стави тоа искуство позади себе ќе помогне класично советување, односно емоционално процесирање на искуството.

Токму затоа е неизмерно важно што побрзо да се интервенира, односно да се обезбеди една средина со безусловна емпатија, разбирање и поддршка, која ќе ги заштити од секундарна вктимизација тие што веќе се искажале, а со тоа воедно и да се охрабрат останатите да се доверат.

# Дали овие случувања можат да остават вечни трауми кај жртвите, како тоа ќе се одразува кај нив понатаму во животот? Какви можат да бидат последиците?

Помеѓу жените кои искусиле сексуално вознемирување, скоро 90% веднаш пројавуваат симптоми на акутен стрес. За голем број од жртвите овие симптоми ќе се намалат со тек на време преку социјална поддршка и механизми на справување, многу од нив целосно ќе закрепнат и ќе продолжат понатаму. Но многу од нив ќе бидат во состојба на пролонгиран стрес, кој ќе навлезе во сите сегменти од животот и работата.

Најчестите дијагнози кај жртвите на сексуално вознемирување се состојба на депресија, анксиозност, нарушувања во исхраната, злоупотреба на супстанци и посттрауматстко стресно растројство. Негативно искуство како сексуално вознемирување може да предизвика симптоми на депресија и анксиозност кои ќе се нови за една индивидуа, но исто така може да предизвика појава на претходни симптоми и состојби кои веќе биле ставени под контрола или разрешени. За жал голем број на истражувања говорат дека сексуалното вознемирување на помлади години доведува и до подолготрајни депресивни симптоми и епизоди, а доколку сексуалното вознемирување доведе до сексуално насилство или напад, симптомите на посттрауматстко стресно растројство се во иста мера како и тие на жртвите од конфликт ни и воени подрачја. Во тој момент кога сексуалното вознемирување се регистрира како траума ќе дојде до преплавување, доаѓа до соматизација или нарушено физичко здравје, а најчести симптоми се, мускулни болки, главоболки, и хронични состојби како висок притисок или висок шеќер.

Негативните последици од сексуално вознемирување не застануваат само кај оваа нарушена слика на ментално и физичко здравје. Јасно се видливи и огромен број на негативни последици кај жртвите од социјален аспект, како намалена продуктивност, губење на работа, намален финансиски приход, намалена социјална интеракција и слично.

# Што е со девојките и девојчиња кои сами се обвинуваат, чувствуваат вина, срам, „можеби не требаше да објавувам вакви фотографии“, „можеби не требаше да испраќам вакви фотографии“... како да се ослободат од тие чувства и мисли?

Точно така најчесто првата реакција е обвинување на самите себеси. Огромен број жртви на сексуално вознемирување и насилство носат чувство на вина, верување дека тие на некој начин придонеле за самиот чин – со нивното однесување и личност. Конкретно во случајот сами објавиле своја слика.

Ова ја ослабнува жртвата на секој можен начин, оневозможувајќи ѝ да носи рационални одлуки и да преземе нешто. Постои страв и срам од исходот доколку се проговори. Можеби нема да им веруваат, можеби некој ќе биде повреден. Жртвата може да си мисли дека тие некои луѓе ќе се откажат од неа, дека ќе навлече огромен срам и осуда на себе и на другите.

Чувствувањето на вина после трауматско искуство е сериозна појава со многу негативни последици како социјална анксиозност, намалена самодоверба и самоубиствени мисли.

За ослободување од овие чувства и мисли исклучително важно е побрзо да се постави соодветен третман. Когнитивно-бихејвиоралната терапија наменета за вина од трауматично искуство им помага на жртвите да станат свесни за мислите и верувањата кои се во позадина на чувството на вина и да дојдат до пореалистични интерпретации на ситуацијата. Кога ќе се намали вината ќе се зголеми чувството на себеприфаќање. Психодинамската и психоаналитичната терапија помагаат во истражување на искуства како односи со родители и партнери, детски стравови кои може да идентификуваат фактори кои ќе покажат зошто некои жртви повеќе доживуваат вина и срам.

Од позначајни механизми за справување би издвоила, вештини за смирување на телото, како јога, мускулна релаксација, вештини за менаџирање на своите мисли, како да се трансформираат нападните мисли, флашбекови и негативните претпоставки, за да не ја нарушат психолошката добросостојба како и вештини за соочување со стравот.

# Во моменти кога некој ќе се почувствува како жртва, каде е најдобро да се обрати? Како треба да се однесуваат семејствата и блиските на жртвите во овие моменти, како да ги охрабрат, насочат?

Споделувањето на искуствата на жртвите на сексуално вознемирување на социјалните медиуми усшешно ги предизвика нормативните скриптови кои диригираат како сексуалното вознемирување и траумата изгледаат. Онлине кампањите, како движењето #мeтoo и сличните на него #нисамтражила, #сегакажувам покажаа дека сексуалното насилство е толку широко распространето, дека не е секогаш насилно и дека одговорите на траума варираат. Повеќе од јасно е дека овие социјални кампањи отворија простор за продуктивен и суштински разговор за сексуалното вознемирување, за нови концепти на образование и најважно враќање на довербата во институциите. Ова е од особено значење бидејќи искуството на терен и истражувањата укажуваат на фактот дека еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што е најчесто резултат на недовербата во институциите, односно недоволната сензибилизираност на службените лица кои постапуваат во случаите на насилство.

Новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство има клучна карактеристика, дека за прв пат се воведува принципот на постапување со должно внимание на интересите и потребите на жртвата од страна на институциите при преземањето на мерки за превенција и заштита од родово базирано насилство, Имајки го ова предвид жртвата треба да се обрати до надлежната институција, но за да дојде до тоа од есенцијално значење е длабокото разбирање и бесусловната поддршка која ќе дојде најпрво од дома и од најблиските. Една од најважните задачи на родителството после вербата, поддршката и грижата е да ги едуцира децата/младите за постоењето на предаторите од најразличен вид, начините на заштита од нив, и дека секој може да стане жртва, и тоа нема никаква врска со сила / слабост, ниво на образование, интелигенција, возраст.

Многу е важно и дека комуникација со младите треба да е отворена, поддржувачка и стимулативна. Да нема осудувачки коментари, да нема притисок за пријавување и да се охрабруваат жртвите за советување и враќање на нормални секојдневни активности.

# Што ако не добие поддршка од блиските, семејството? Зошто за овие жртвите се важни раговорите со психолог?

Иако веќе спомнавме дека безусловната поддршка, разбирање и љубов од семејството и најблиските се особено значајани, од најразлични причини таа може да изостанува. Во тој случај останува да надлежните институции имаат поголем увид во проценката на потребите на жртвите. На пример, едукаторот да биде информиран и сензитивизиран за препознавање на промени кај децата и младите, со цел да помогне во процесот на заздравување, а до тоа ќе дојде доколку имаме соодветни програми кои адекватно ќе го подготват едукативниот кадар за ситуации од ваков вид. Доколку ова не е случај веднаш ќе забележиме пад во училишниот успех, намалување на социјални активности, тешкотии во менаџирање на стрес, зголемен ризик од себеповредување и низа други специфични потешкотии, особено кај адолесцентите кои се една од најранливите категории.

Процесот на задравување не е едноставен и советувањето е една од најважните алки во тој процес. Некои жртви брзо ќе се вратат во секојдневниот живот со помош на веќе постоечки механизми за справување, но кај некои и тоа како ќе е потребна порофесионална помош. Разговорите со советник, психолог, терапевт се важни затоа што овозможуваат сигурен и неосудувачки простор за искажување на чувства и мисли, овозможуваат помагање во трансформирање на себеобвинувачките мисли, поддршка во враќање на секојдневната рутина и градење на позитивни механизми за справување. Советувањето го намалува стравот, анксиозноста, срамот и дригите негативни емоции.

# Онлајн платформата за анонимно советување со лиценцирани психолози, разговор.мк, нуди и овозможува бесплатно советување и психолошка поддршка на сите девојки чија доверба била злоупотребена од членовите на групата "Јавна Соба", дали веќе добивате повици, работите ли и со колку девојки кои се нашле во групата?

Токму така платформата нуди бесплатно советување и психолошка поддршка за сите виктимизирани во групата Јавна Соба. Тоа што е загарантирано е анонимноста, дискрецијата и тајноста, етиката по која секој психолог, советник или терапевт се води.

Во моментов се уште нема јавувања, со оглед на свежоста на настаните и последиците кои би ги имале жртвите. Токму затоа допираме до пошироката јавност преку вашиот магазин со цел да ги охрабриме на чекор кој ќе им помогне побрзо да закрепнат и да се вратат во нивното секојдневно функционирање.

Разговор.мк - онлајн платформата за анонимно советување со лиценцирани психолози, со мрежа од над 30 лиценцирани психолози се понуди да овозможи
бесплатно советување и психолошка поддршка на сите девојки чија доверба
била злоупотребена од членовите на групата "Јавна Соба", за да знаат
дека има безбедно место на кое може да добијат поддршка.

Љ.Иванова

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: