Како некому да му покажеш дека ти се допаѓа
Веќе подолго време ти се допаѓа, но не знаеш како да му/ѝ пријдеш... Се вцрвенуваш, срцето забрзано ти лупа и ти е страв дека и да кажеш едно обично „здраво“ може да се случи катастрофа од невидени размери. Од самата помисла дека некому сакаш да му кажеш дека ти се допѓа те полазуваат морници и се препотуваш. Те разбираме и знаме колку е тешко некому да му кажеш в лице дека ти се допаѓа, токму затоа постојат неколку начини како емоциите да ги изразиш поразлично.
Смисли различни стратегии
Секој има своја стратегија за покажување симпатии спрема некого. Некои тоа го прават така што постојано коментираат на објавите на Инстаграм, некои само се насмевнуваат додека се во негова или нејзина близина. Некои пак и понатаму се надеваат дека симпатијата може да им ги чита мислите и дека еден ден ќе ги дознае нивните чувства. Спонтаните и неочекувани начини на покажување наклоност секогаш се поинтересни и покажуваат оригиналност. Она обичното „Ми се допаѓаш“ воопшто не е обично кога треба се изговори пред некој што ти се допаѓа, но постојат начини и дела што можат да го докажат истото.
Дозволи да ѕирне во твојата глава
Можеби ќе ти звучи премногу ретро или тотално непривлечно, но ако на симпатијата ѝ подариш веќе прочитана книга, тоа е интимен начин да ѝ покажеш дека ти значи. Овде зборуваме за твојата омилена книга во која ќе ги подвлечеш омилените цитати. А ако ги подвлечеш љубовните цитати, на тој начин ќе ѝ овозможиш на симпатијата со читање на книгата барем малку да ѕирне во твојата глава.
Гифови и инспиративни цитати
Кога знаеш дека најмалку очекува во приватана порака на симпатијата испрати ѝ некој симпатичен гиф или инспитативна порака. Доколку собереш храброст истото може да го направиш и јавано, односно да објавиш нешто на Инстаграм во што би се пронашла личноста што ти се допаѓа.
Плеј-листа од омилени песни
Плеј-листата можеш да ја направиш на Јутјуб, и потоа одбраните линкови да ѝ ги пратиш на твојата симпатија во приватна порака.На овој начин момчето или девојката што ти се допаѓа ќе го види твојот вкус за музика и ќе може да почувствува каква личност си. Освен тоа, ова е идеален начин да испратиш неколку скриени пораки. Љубовните песни се задолжителни. На листата задолжително стави и песна која ѝ е омилена на твојата симпатија.
На голем одмор
Ако личноста што ти се допаѓа е дел од твоето друштво или можеби сте најдобри другари, тогаш сигурно поголемиот дел од времето го поминувате заедно. Веројатно и на одморите јадете заедно. Ова е добра можност да ја изненадиш со омиленото за јадење. Ако знаеш дека на големиот одмор ќе ја сретнеш симпатијата, со себе имај да речемечоколада што ќе ја споделиш со симпатијата. Ова е важен гест. На симпатијата тоа многу ќе ѝ значи, така покажуваш дека се грижиш за неа и ги покажуваш своите емоции.
Кажи дека ти се допаѓа
Од сите овие совети, ова можеби и најнеочекуваниот начин некому да му покажеш дека ти се допаѓа. Веројатно и од самата помисла те фати паника. Но, ретко кој очекува дека некој директно ќе му каже „Ми се допаѓаш“. Ова е најискрен начин да ги покажеш своите чувства, а и го скратува времето. Всушност, со ова докажуваш дека не си од оние што за сè велат „гајле ми е“ и ќе покажеш дека стануваш зрела личност.