Кастинг талент шоуто беше вистинска прилика која ја искористив максимално: Интервју со Ристе Гавровски
Ристе Гавровски е 20 – годишно момче, кое е студент на универзитетот ФОН. Се занимава со музика, а доколку го следевте музичкото натпреварување Кастинг талент шоу сигурно неговото лице ви е познато. Со својот неверојатен талент ќе ве освои уште од првите неколку стихови, а од каде потекнува неговата љубов кон музиката, како и каков е тој приватно прочитајте во продолжение.
# Како започна да се занимаваш со музика? Од каде љубовта кон оваа професија?
Кога сме кај љубовта, уште не познавам личност која не ја обожава музиката од мали нозе и на којa не му е неопходна во секојдневието па така и јас, а моите први искуства со музиката односно пеењето беа во средното училиште каде што бев примен како вокал во средношколскиот бенд со кој што почнавме да настапувавме и по локали. Тоа тогаш воедно беше и клучниот момент кога сфатив дека тоа е професијата со која сакам и ќе сакам да се занимавам во иднина.
# Имаш ли некој од семејството кој се занимава со музика и од кој ти го наследи талентот?
Да, тоа е мојот татко кој во неговите тинејџерски години исто така се занимавал со музика, бил гитарист, а воедно и вокал, па еве можам слободно да кажам дека талентот што го поседувам е дефинитивно наследен од него.
# Имаш бенд со кој заедно настапуваш, но дали размислуваш за соло кариера?
Член сум на групата Легато Бенд од Струмица и најмногу што можам да кажам е дека во моментот прекрасно се држиме и соработуваме меѓусебно, воедно и работиме со полна пареа на многу проекти, односно кавери, а во најблиска иднина очекувајте и наши авторски дела.
# Се појави и на Кастинг талент шоуто. Какво е твоето искуство од музичко натпреварување? Задоволен ли си од постигнатиот резултат?
Едно од моите најубави искуства, едни од моите најубави денови, едно од моите најдобри калења, едни од моите пријателства кој мислев дека никогаш нема да ги стекнам, но тоа беше вистинската прилика која ја искористив максимално и се што мислев дека никогаш нема да се оствари се оствари таму. Од резултатот бев презадоволен бидејќи бев избран да учествувам во финалниот производ на кастингот, а тоа беше претставата ‘’Тајно Моја’’ во која пеевме, глумевме и делевме иста сцена со најголемите ѕвезди и уметници на македонската естрада.
# Можеш ли да одвоиш некоја награда или признание на кое си горд што го имаш?
Една од наградите која многу ми значи и ме поттикна да работам уште повеќе е учеството на средношколското натпреварување МАССУМ, каде бев награден со сребрен медал за Соло пеење на државно ниво, потоа Кастинг талент шоуто со учество во финале и финалниот производ претставата ‘’Тајно Моја’’ и уште неколку каде се здобив со прекрасни искуства и награди.
# Каде се гледаш за 10 години? За што сонуваш како музичар?
Се гледам во истата професија се надевам неколку скалила погоре, побаруван, прифатен од публиката и се разбира настапувајќи со моменталните мои идоли од естрадата.
# Настрана музиката и работата каков е Ристе приватно?
Не многу различен од тој на бината. Секогаш со позитивна енергија, секогаш жеден за дружба со пријателите, буден до сабајле, неприбирлив, сонлив, но на сето тоа работлив и секогаш достапен за било кој и било што.