Kиро Јорданов: Книгата „Од компетентност до комплетност“ е корисен водич за сите идни и сегашни наставници
Стручната образовна книга „Од компетентност до комплетност: водич за преживување на наставници“ од Kиро Јорданов, која е во издание на „Арс Ламина“, беше претставена вчеравечер (24 август), со онлајн-промоција.
Во онлајн-разговорот, кој го водеше уредникот на книгата Филип Видиновски, покрај авторот Јорданов, се вклучија и проф. м-р Александра Поповски Голубовиќ, претседателка на ЕЛТАМ МК, проф. д-р Снежана Мирасчиева, м-р Дејан Здравков, дефектолог, Мет Мури (автор на книгата „Што ако...“), проф. Шпенд Латифи (професор по англиски јазик), Драгица Петрова (авторка на трудови поврзани со образованието), Гоце Бумбаровски (наставник и образовен иноватор) и проф. д-р Кирил Барбареев.
Авторот м-р Киро Јорданов рече дека „Од компетентност до комплетност“ е корисен водич за сите идни и сегашни наставници.
– Насловот на книгата го симболизира патот на секој едукатор, наставник и професор. По завршувањето на соодветното формално образование, секој иден наставник/професор треба да се стреми кон комплетност, иако тоа е невозможно докрај, бидејќи образованието е отворен процес. Во книгата се обработени теми и се дадени насоки што можат да им помогнат на наставниците во нивната секојдневна работа. Често се соочуваме со проблеми што изгледаат нерешливи, но лесно можат да се надминат ако се имаат потребните алатки, методи и методологии. Сите насоки што ги дадов во книгата се од моето лично искуство или од она што сум го научил и прочитал. Оваа книга се разликува од другите книги од овој тип затоа што е сеопфатна, ги содржи сите аспекти на образованието, од почетните фази, па сè до теми што ги имам проучувано или видено во странство. На некој начин, оваа книга се создаваше сама, се градеше и се дополнуваше изминативе 13 години, со секој нов час, со секој нов образовен предизвик, секоја конференција, истражување и секој мој напишан труд. Книгата е интерактивна, со прашања за интроспекција, за размислување на читателот. Поставувам одредени прашања на почетокот на книгата и се навраќам на нив на крајот, за да согледа читателот дали нешто се променило во неговите размислувања откако ја прочитал книгата – изјави Јорданов.
Книгата има девет поглавја, во кои обработува клучни теми од образованието: инклузија, развивање вештини на 21 век, технологија во образованието, професионален развој на наставниците, начини и видови на развој, нови, други форми на предавање/настава. Книгата ќе им помогне на наставниците со тоа што им дава нови алатки, технологии и методи, што можат да ги употребат во наставата, ги тера да размислуваат за тоа како предаваат и како да ги надминат сите предизвици и проблеми.
– И во водичот велам дека посакувам да ја имав оваа книга кога бев наставник-почетник. Многу лесно ќе можев да ги препознам проблемите со кои се соочуваат моите ученици. Посакувам да ја имав оваа книга и кога студирав за наставничкиот факултет по англиски јазик и книжевност – така работите во образованието ќе ми беа појасни, а ќе знаев и што да очекувам од мојата професија. И конечно, посакувам книгава да постоеше уште пред да се запишам на студии – така ќе знаев дека ја одбирам најблагородната и најзначајната професија во светот. Значи, оваа книга е и за студенти и за наставници-почетници, но и за искусни наставници – рече Јорданов.
За проф. м-р Александра Поповски Голубовиќ, претседателка на ЕЛТАМ МК, „книгата на Киро Јорданов е основна литература за секој наставник и секој што сака да дознае и да разбере што значи да се биде наставник“.
– Наставник е многу повеќе од она што го замислуваат луѓето. Тоа е професија што бара многу посветеност, многу време, многу труд и многу вложување во сопствениот професионален развој. Книгата на Јорданов ја отсликува таа вистинска професија, што е тоа што треба да го знаеме, кои се проблемите со кои се соочуваме секојдневно, што можеме да направиме за да си помогнеме самите на себе и на другите околу нас. Досега, почесто читав ваква литература, но на англиски јазик, не само затоа што сум професор по англиски туку и затоа што недостигаше ваква литература на македонски јазик. Оваа книга е дефинитивно нешто што треба да го има секој наставник и секој студент – рече Поповски Голубовиќ.
Проф. д-р Снежана Мирасчиева истакна дека „оваа книга е синтеза на поучувањето и учењето, со голем акцент на учењето, што ја прави верен следбеник на насоките на активно учење како интенција на современата настава“.
– „Од компетентност до комплетност“ е модел на современ наставен практикум, а хрестоматскиот пристап што е застапен во книгата со право дава можност за силна препорака на сите што сакаат да бидат активни и иновативни партиципиенти во современата настава. Она што го прави уникатно ова дело е што авторот несебично споделува како тој ја осовременува наставата што ја реализира со своите ученици. Тој користи нови, современи техники, но не запоставувајќи ги традиционалните форми. И покрај употребата на новите алатки, тој не ја запоставува улогата на наставникот – во тоа е значењето на ова дело – рече проф. д-р Мирасчиева.
Дефектологот м-р Дејан Здравков смета: – Авторот многу успешно става акцент на пристапот кон образовниот процес на лицата со попреченост и со посебни образовни потреби. Убеден сум дека ова ќе претставува одличен водич за наставниците и ќе ја најде својата практична улога во планирањето и реализирањето и на образовниот процес. Книгава ќе биде одлична алатка за наставниците и ќе им даде одговор на низа неодговорени прашања.
Проф. Шпенд Латифи истакна дека, читајќи ја книгата, дошол до заклучок оти таа ќе биде од голема корист за сите наставници без оглед на нивното работно искуство, бидејќи тука се поместени насоки и совети во кои авторот го користи своето богато искуство во професијата.
Од Калифорнија, во разговорот се вклучи Мет Мури, авторот на книгата „Што ако...“, на чиешто македонско издание, објавено од „Арс Ламина“, Киро Јорданов се јавува како соработник. Тој со пофални зборови се обрати кон авторот и делото.
– Драго ми е што Киро ја реализира оваа книга, во која користи знаења собрани од семинари и обуки од целиот свет. Книгата има интернационална перспектива. Таа е значајна не само за авторот туку и за Македонија. Јорданов се истакнува по тоа што се грижи – не само за тоа што ќе научат учениците туку и за тоа што ќе искусат во процесот на учење. Тој ја сознава поврзаноста меѓу училницата и заедницата (во училиштето и надвор од него) и тоа е навистина посебно – рече Мури.
М-р Киро Јорданов e наставник по англиски јазик, едукативен иноватор и автор. Магистер e по англиска книжевност. Три години по ред прогласуван е за истакнат наставник на годината. Дипломира и магистрира на УКИМ: на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, алумнус на Универзитетот во Орегон во САД, алумнус на Универзитетот „Кент стејт“ во Охајо – САД, алумнус на ЈАД Вашем – програмата во Ерусалим, Израел. Посетувал обуки во Велика Британија – во Девон, Бугарија, Грција и други. Автор е на повеќе од 30 трудови за образованието и автор и раководител на проекти поврзани со образованието. Автор е на „Граматика на англискиот јазик за македонски говорители“, „Дезинтеграција на праволиниското раскажување“, издавач на „Сите се смееме со иста насмевка“ – збирка на мултиетничка поезија, соработник на македонското издание на „Што ако...“ од Мет Мури (издание на „Арс Ламина“).
Книгата „Од компетентност до комплетност“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на www.literatura.mk.
Целата промоција на книгата „Од компетентност до комплетност“ можете да ја погледнете на следниот линк: https://bit.ly/3kmASCH
* ПР - објава