Ќе започне скрининг во училиштата: Ќе опфати на 8000 деца, ама за тестирањето ќе биде потребна согласност од родителите
„Целта на скринингот е да се откријат, ако има, асимптоматските случаи“, рече денеска на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче и додаде дека тестирањето на децата во училиштата ширум државава ќе се одвива со согласност од родителите. Оние ученици чии родители нема да се согласат, нема да бидат тестирани
Тој рече дека учениците ќе се бираат по случаен избор од регистерот на Е-дневник и така ќе се пристапи кон барање согласност од родителите.
„Овој процес би требало да заврши оваа недела, најдоцна на почетокот на следната недела и во текот на следната недела да почне тестирањето на учениците“, истакна ресорниот министер.
Според него, тешко е да се утврди дали има трансмисија во училиштата, бидејќи како што рече, децата се дружат и по часовите, но не се забележува зголемен број позитивни случаи меѓу нив.
„Во однос на хоспиталниот третман, во континуитет има мал број хоспитализирани деца – 20 претходно, сега 15. Се хоспитализираат исклучиво во болницата во Козле. Има мал број на заразени и хоспитализирани деца, а и од хоспитализираните има деца чија клиничка слика не е тешка. Не очекувам отпор, се надевам дека ќе ја поддржат. Очекуваме да го завршиме во временски период од десетина дена до две недели“, додаде Филипче.