Книгата „Од компетентност до комплетност“ од Kиро Јорданов е водич за преживување на наставниците
Новата книга во издание на „Арс Ламина“, „Од компетентност до комплетност: водич за преживување на наставници“ од Kиро Јорданов, ќе биде промовирана онлајн, на 24 август (вторник), со почеток во 19 часот. Онлајн-разговорот со авторот ќе го води уредникот на изданието Филип Видиновски, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.
Дека станува збор за книга што треба да ја прочита секој наставник зборуваат и многуте препораки и анализи на повеќе стручни лица инволвирани во образовниот процес: професори, доктори, магистри, наставници, како и од Здружението „Ајнштајн“.
За проф. м-р Александра Поповски Голубовиќ, претседателка на ЕЛТАМ МК, „книгата на Киро Јорданов е основна литература за секој наставник и секој што сака да дознае и да разбере што значи да се биде наставник“.
„Оваа книга е синтеза на поучувањето и учењето, со голем акцент на учењето, што ја прави верен следбеник на насоките на активно учење како интенција на современата настава. Од тие причини, книгата ’Од компетентност до комплетност: Водич за преживување за/на наставници‘ на авторот м-р Киро Јорданов е модел на современ наставен практикум, а хрестоматскиот пристап што е застапен во книгата со право дава можност за силна препорака на сите што сакаат да бидат активни и иновативни партиципиенти во современата настава“, вели проф. д-р Снежана Мирасчиева.
„Oваа книга на еден лесен и разбирлив начин на наставниците им нуди знаење за суштината на дислексијата и како да ја препознаат кај своите ученици. Најважно од сè, во книгата се интегрирани и начините за тоа како наставниците можат да им помогнат на овие ученици да ги остварат своите вистински потенцијали. Оваа книга треба да биде задолжителна литература за секој наставник“, вели Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија „Ајнштајн“.
„Од насловот до крајот, книгата претставува водич, прирачник и советник корисен за сите едукатори вклучени во образовниот процес, почнувајќи од приправниците, па сè до искусните практичари...“, вели Весела Богдановиќ, наставничка.
„Авторот многу успешно става акцент на пристапот кон образовниот процес на лицата со попреченост и со посебни образовни потреби. Убеден сум дека ова ќе претставува одличен водич за наставниците и ќе ја најде својата практична улога во планирањето и реализирањето и на образовниот процес. Книгава ќе биде одлична алатка за наставниците и ќе им даде одговор на низа неодговорени прашања...“ – се вели во анализата на м-р Дејан Здравков, дефектолог.
„Читајќи ја книгата ’Од компетентност до комплетност‘ на Киро Јорданов, дојдов до заклучок дека таа ќе биде од голема корист за сите наставници без оглед на нивното работно искуство, бидејќи тука се поместени насоки и совети во кои авторот го користи своето богато искуство во професијата...“, заклучува проф. Шпенд Латифи.
М-р Киро Јорданов e наставник по англиски јазик, едукативен иноватор и автор. Магистер e по англиска книжевност. Три години по ред прогласуван за истакнат наставник на годината. Дипломира и магистрира на УКИМ: на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, алумнус на Универзитетот во Орегон во САД, алумнус на Универзитетот „Кент Стејт“ во Охајо – САД, алумнус на ЈАД Вашем – програмата во Ерусалим, Израел. Посетувал обуки во Велика Британија – во Девон, Бугарија, Грција и други. Автор е на повеќе од 30 трудови за образованието и автор и раководител на проекти поврзани со образованието. Автор е на „Граматика на англискиот јазик за македонски говорители“, „Дезинтеграција на праволиниското раскажување“, издавач на „Сите се смееме со иста насмевка“ – збирка на мултиетничка поезија, соработник на македонското издание на „Што ако...“ од Мет Мури (издание на „Арс Ламина“).
Книгата „Од компетентност до комплетност“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на www.literatura.mk