Компромисот ќе биде најдобро решение за сите: Претседателот на Сојуз на средношколци за државната матура

Компромисот ќе биде најдобро решение за сите: Претседателот на Сојуз на средношколци за државната матура

Објавена во: Совети // School zone

Деновиве повторно образовниот процес е во центарот на вниманието. Бојкотот на наставата и протестите на овогодинешните матуранти, по повод државната матура се една од најдискутираните теми.

Сојузот на средношколци важи за една од највлијателните организации кога се во прашање правата на средношколците, но тие вчера со Фејсбук статус дадоа до знаење дека се повлекуваат од оваа акција, а во истиот го образложија ваквиот став.


По тој повод претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи ја објасни за Хаштаг нивната страна на приказната, поточно посочувајќи дека до оваа одлука дошле по консултацијата со локалните организации.

„Всушност ретерирањето од декларацијата која бараше да се укине државната матура е производ на нашето соочување со реалноста. Како што образложивме во последното соопштение, многу држави немаат донесено одлуки за нивните државни испити, некои дури имаат закажано тестирања за јануари. Исто така, декларацијата содржеше и други поенти, како скратувањето на програмите и поздравување на новата концепција за проектна задача, нешта на коишто сè уште стоиме. Одлуката се донесе на почетокот на декември, а секако дека нашите младински амбасадори ги консултираа средношколците во нивните градови. Дополнително, нашите локални огранизации ни испратија предлози за менување на државната матура, а од тие Сојузот го создаде својот став.“ – посочи лидерот на Сојузот на средношколци, кој се осврна и на негативните, односно навредливите коментари со кои се соочи Сојузот по објавата на Фејсбук:

„Коментарите се пожелни и потребни, но кога се конструктивни, а не навредливи. На пример, јас се соочив со говор на омраза врз основа на мојата етничка припадност. Сепак, редум: нашето мислење не е променето, туку по детално истражувања и анализи, особено следејќи ги примерите на другите држави, сфативме дека некои барања имаат мала веројатност да се остварат. Токму затоа треба сите да разберат дека државна матура мора да има - за да се валидира знаењето на средношколците - но, исто така таа треба да биде променета во поглед на сегашната ситуација. Навистина треба да размислуваме за намалување на бројот на предмети, програми, прашања… Во однос на тоа околу релевантноста, ние сме организација добро позната на чинителите во државава, Западниот Балкан, како и Европа. Има изградено соработка со многу организации, како и редовна заедничка работа со меѓународни организации и делегации. Покрај т.н. „прозивање“, јасно е дека средношколците се поделени по ова прашање - ова е вистинската ситуација. Ако не ми верувате, слободно погледнете ја статијата на Радио МОФ. Како организација, навикнати сме да се носиме со многу товари. Да ве потсетам на борбата околу комбинираниот модел на настава и колку беше тешка таа. Така што, ќе издржиме!“

Бленди, претседателот на Сојузот на средношколци посочи и дека како Сојуз нема да ги поддржат претстојните протести и бојкот на наставата, но дека во ниту еден случај нема да направат ништо за спречат да се слушне гласот и на средношколците кои сѐ уште се против полагањето на државна матура.

„Преку нашите канали во училиштата и градовите, бевме известени за протестите и бојкот. Ние комуницираме со овие средношколци и секако дека нивните ставови се земени предвид кога ги креираме нашите. Апсолутна вистина е дека и нивниот глас треба да биде слушнат. Им порачавме дека ние како Сојуз нема да ги поддржиме нивните протести и бојкот, но го поддржуваме нивното право на мирен протест и бојкот. Нејсе, остануваме во контакт со нив и знаеме дека и тие треба да бидат вклучени во градењето на компромисот околу ова прашање, затоа црно-белите ставови треба да се избегнуваат.“

Личниот став исто така е многу важен во оваа ситуација, но рационалноста е онаа која моментално треба да биде присутна, за крај ни посочи Ходаи.

„Знаете и јас сум матурант во оваа учебна година. И јас многу посакувам да не полагам државна матура, но сметам дека тоа скоро да не може да се изведе. Дополнително, мислам дека нејзиното укинување ќе има лошо влијание врз оваа генерација матуранти, како и нашиот образовен систем. Затоа своите желби и емоции ги ставам на страна, а рационалноста ми кажува дека компромисот ќе биде најдобро решение за сите.“

И. Мисајловска

фото: Фејсбук

Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: