Кони Маркова: „Имав 12 години кога за прв пат почувствував страв и згрозеност“!
Кони Маркова е 16 годишна средношколка. Таа е втора година во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, а оваа година за прв пат се појави на ораторската вечер, која ја организира ораторскиот клуб од ова училиште.
Таа говореше на темата феминизам, за тоа како жената е третирана во нашето општество и иако не освои награда, таа ги освои сите присутни со своите зборови. Во продолжение прочитајте го говорот на младата ораторка.
„Феминизам — хетероген поим од социјални теории, политички движења и морална филозофија што се стремат кон остварување еднаквост меѓу половите.
Убава замисла, нели? Интересен концепт – еднаквост меѓу половите. Но и многу апстрактен поим. Не сакам да зборувам за феминизмот по дефиниција, туку за вистинската и моментална ситуација. Не во Америка ниту во Индија, и не пред 100 или 50 години, туку овде, и сега. За положбата на жената во нашето општество, и односот спрема неа. А со тоа би започнала од самиот почеток.
Имав 6 години кога во градинка едно момче, без никаква причина, ми удри шлаканица. Негувателките ми објаснија дека момчињата се такви, секогаш биле и ќе останат. Ми беше посочено дека кога момче те повредува, тоа значи дека му се допаѓаш. Не разбирав зошто. И се уште не разбирам зошто од мали сме убедувани да го поврземе насилството со љубов, зошто е тоа претставено како нормално однесување. Но, сега знам од каде доаѓа премолчувањето и претрпувањето на семејното насилство.
Имав 12 години кога за прв пат почувствував страв и згрозеност, кога возрасен маж од своето возило свиреше и низ својот прозорец довикуваше одвратни работи, работи што мојот сеуште детски ум не можеше да ги разбере. Сега имам 16 години и сеуште не разбирам, но се навикнав. Се научив да го сокријам бесот, да останам рамнодушна, бидејќи што ако ја запре колата? Сега тоа стана секојдневие, за мене и за сите мои врснички. Но не можам да останам рамнодушна кога ќе помислам на сите 12 годишни девојчиња што за прв пат го чувствуваат тоа.
Немојте да помислите дека само машкиот пол се виновни за нарушување на женскиот интегритет. Тоа можете да го видите во вашата другарка, што со цел повеќе да му се допадне на момче, ве омаловажува и понижува. Тоа е вашата професорка што кога зборувате за своите амбиции и планови, ве потсетува “каде ви е местото”, тоа се сите девојчиња во автобус што се кикотеле и шепотеле за тоа како сте облечени. Зошто е волку лесно да се шири омраза? Дали е ова реалност што ја сакате за вашите ќерки, внуки и сестри?
Времето за размислување и зборување е поминато. Сега е време да ја сносите одговорноста за останувањето рамнодушен и вртењето на погледот на страна. Решавањето на овој проблем повикува на општествена промена. Сите треба да започнеме од самите себе и од нашите најблиски. Машките и женските деца се еднакви – не ги воспитувајте различно. Братот и сестрата меѓу себе нека растат во взаемна љубов и хармонија,во учење на вистинските вредности, негувањето на амбициите. Тоа би било почетокот на нов менталитет, почеток на нова ера. Ајде да бидеме лидери на новата генерација која ќе инспирира многу млади умови. Тој лидер може да биде било кој од нас. Да означиме почеток на ново општество во кое апстрактното ќе стане реалност. Општество на почит и еднаквост.“