Крушата под круша паѓа: Децата на познати музичари се пробиваат на естрадата
На македонското естрадно небо постојано се впишуваат нови имиња. Пејачи, пејачки колку сакаш и сите се борат за своето место. Има такви кои преку музичките натпреварувања сакаат да и се наметнат на публиката, а има и такви кои самостојно и со напорна работа го прават. Но, никако не смееме да ги заборавиме оние кои имаат отскочна даска кога е во прашање популарно, поради веќе популарните родители.
Еден од нив е младиот Иван Кукуќ. Скромно момче, кој е неверојатен талент кога е музиката во прашање. Тој е син на Ленче и Горан Кукиќ, а може да се пофали дека освен пеење, тој свири повеќе инструменти. Често настапува со реномираниот Влатко Стефановски, а минатата година за Хаштаг раскажа како се случила нивната соработка.
„Со Влатко стапивме во контакт преку еден наш заеднички пријател и така после некое време Влатко дојде до идеја да ме покани да бидам гостин на неговиот концерт во Нови Сад. Тоа за мене е едно прекрасно искуство и голема чест што имав прилика да свирам заедно со маестро Влатко Стефановски. Среќен сум што таа соработка продолжува.“
Освен Иван, овие денови на македонското естрадно небо се впишаа уште две млади имиња. Николче Тасев и Толга Мазгар - Тоби.
Николче талентот го наследил од својот татко, кој свири хармоника, а музиката е дел од неговиот живот уште од најраното детство.
„Со музика почнав да се занимавам на пет годишна возраст. Прво почнав да свирам на мала тарабука, а по неколку години и на сет тапани и мала хармоника. Кога почнав да учам во средното музичко училиште, почнав да свирам на клавијатури. Често го слушав мојот татко дома кога свири на хармоника, или кога вежбаше со неговата група. Тогаш сфатив дека музиката ќе биде дел од мојот живот“ – открива Николче.
Тој го промовираше својот деби албум „Ѕвездо моја“, кој е во фолк стил. На албумот има 9 песни, на кои работеа неколку звучни имиња: Тони Биоритам, Огнен Неделковски, Славко Ристески, Миле Барбаровски и Љупчо Соколовски.
„Во 2013 година почнав да свирам во група со мојот татко Тоше. Ја нарековме „Генерација 2“, бидејќи е продолжение на првата група на татко ми „Бенд генерација“ која опстојуваше околу 14 години. Се решив за фолк музиката, затоа што таа е изворно и исконско што тече во нашата крв. Таа е аманет од нашите прадедовци. Препознатливи сме на Балканот токму по фолк музиката што ја гали нашата душа“ – вели Николче.
За разлика од Николче, Тоби својот талент го има наследено подеднакво и од двајцата родители. Негов татко е популарниот пејач Каан Мазхар, а неговата мајка, Мерсиха освоја печат на средата со неколку песни и исто така и беше придружен вокал на Калиопи.
Неговиот албум, „Confessions of a Lonely Mind“ е нешто сосема поразлично и помодерно од она што го создаде Николче. На истиот има 9 композиции, од кои повеќето се негово авторско дело, а за дел од нив имал и мала помош.
„Создадов околу 200 композиции, а само 9 решив да има на изданието. Сите се мое авторско дело. На темата „Love again“ аранжманот го работевме заедно со Раде Дикоски, а мастерингот го направи Валентино Скендеровски. На неколку песни аранжманите ги правев со Виктор Драганов“ - вели Тоби.
Интересно е тоа што љубителите на музиката, песните може да ги слушнат и преку дигиталните Spotify и Tunes, а наскоро албумот ќе биде пуштен и во продажба.
„Во нашата земја има многу талентирани млади луѓе, кои за жал не се поддржани. Затоа апелирам да се даде важност на музиката која се создава во земјава“ - посочи младиот пејач.
Без разлика на тоа дека овие млади момци потекнуваат од музички семејства и што можеби им е полесно да се пробијат на естрадата, нивните дела зборуваат за нивниот талент и тоа е нешто што не смееме да го занемариме.
И.М.