Луѓето не разбираат дека ова се донации за ученици: Мики Цветанов за неговата хумана мисија

Луѓето не разбираат дека ова се донации за ученици: Мики Цветанов за неговата хумана мисија

Објавена во: Stars // Интервјуа

„Чичко Мики веќе некое време спие на тросед зошто спалната си ја претвори во работилница. Склопува конфигурации кои ги подарува на деца кои што не можат да си дозволат компјутер“ - пишуваше во описот на фотографиите, кои со брзина на светлината се проширија на социјалните мрежи.


Во време кога родителите патуваат по 200 километри за да купат ИТ уред за нивното дете ја следи наставата или во време кога дечињата од социјално загрозените семејства не може никако да ја следат наставата, Мики Цветанов се откажа од својот социјален живот и конфигурира компјутери кои подоцна ги подарува на децата на кои им се најпотребни. 

Наутро на работа, попладне со компјутерите, а некогаш заглавува заборава и да јаде. Неговото мото гласи: Додека сите продаваат јас донирам“, а ни откри дека склопувањето на конфигурации за неговите две деца е на некој начин инспирација за оваа негова хуманитарна работа.

# Од каде испирацијата за да поправате компјутери за учениците кои се од социјално загрозени семејства? Што ве поттикна за да го направите тоа?

Инспирацијата дојде сосема случајно. Склопував конфигурации за моите две деца за да можат да следат онлајн настава. Ми се наоѓаа делови за конфигурации по дома,  па решив да ги искористам. Сето она што остана висак одлучив да го подарам таму каде навистина е потребно од причина што знам каква е ситуацијава во земјава. Тргнав од помислата како се снаоѓаат другите родители кои имаат дете или повеќе деца кои треба да следат настава, а немаат можност тоа да им го овозмозат. Немаат сите родители познавање од ИТ технологијата, ниту делови по дома за да направат компјутери, а немаат ни сретства истите да ги набават. Замислете колку е тешко за еден родител да му каже на своето дете дека нема. Да му кажете дека не може да следи настава затоа што држава не ги согледува реално работите и сите деца не се рамноправни. 

# Колку време ви е потребно за да склопите една конфигурација?

Временски никогаш не можам точно да одредам колку е потребно за да се склопи една конфигурација. Доколку би ги имал сите потребни делови и истите би биле исправни би можел за 15 минути да составам, но ако треба да растурам неколку стари компјутери и од нив да одберам што е исправно, а што не, може склопувањето да потрае и повеќе од 8 часа.   

# Имате ли направено листа на чија адреса ќе завршат компјутерите? 

До сега имам донирано повеке од 8 конфигурации и 4 лап топа. Со оглед на тоа што немав простор каде што би можел непречено да работам, мислам дека бројката е сосема солидна.

# По кој принцип одлучувате да ги донирате компјутерите? Се пријавуваат ли сами или пак вие самите одредувате?

# Секојдневно добивам пораки од родители на кои навистина им е потребна оваа помош. Си ги записувам во тефтерче со телефонски број и нормално гледам да ги исполнам барањата по ред. Би сакал на сите да им помогнам и би сакал да можам истовремено по неколку конфигурации да склопувам како би ги доставувал сѐ побрзо до учениците. 

На почетокот мислев да правам компјутери за деца на познаници или нивни познаници за кои сум сигурен дека им треба помош, но како тргна работава почнав списокот да го дополнувам со оние кои ми испраќаат пораки со молба за помош, а верувам дека навистина им треба. 

# Како успевате да најдете време за сево ова?

Не ме прашувајте како наоѓам време. Има денови и кога заборавам да јадам или пак  воопшто око не склопувам ако се погоди ситуација да треба нешто дополнително да поправам. 

# Дали некој ја има злоупотребено вашата хумана акција. Да добие компјутер, а да нема потреба од него?

Она што луѓето не го разбираат е дека ова се донации за ученици, за деца кои немаат можност да следат настава. Дека јас не го трошам моето време и сретства за некој тоа после да го препродава по огласи. За мене тоа се луѓе без срце и душа! Се надевам дека во иднина нема да добивам такви себични побарувачки и дека сите заедно ќе им отстапиме предност на уцениците . 

# На крајот од денот, колку ве исполнува сево ова, дали ве прави среќен?

Ако  не ме исполнува сето ова и ако не го работам од срце тогаш зосто би го правел? Јас немам никаква полза, ниту корист од сето ова. Единствено нешто што добивам е искрено благодарам, а тоа ми е доволно за да продолжам понатаму.


И. Мисајловска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: