„Макарена“ на ромски јазик: Над 40 млади лица од Македонија, Белгија и Шпанија ќе изведуваат Флеш моб за Денот на вљубените
14-ти февруари, денот кога се прославуваат љубовта и виното, кога сите грижи, непријатности и лоши моменти сакаме да ги ставиме некаде настрана.
Ќе се согласите дека споделувањето убава енергија е неминовна кога зборуваме за љубов.
Веројатно веќе си направивте план како ќе го прославите Денот на вљубените или Денот на виното, но ние ви носиме уште една интересна причина за збогатување на вашиот денешен распоред.
Имено, на Плоштад Македонија, поточно пред влезот на Гратскиот трговски центар, во 16 часот повеќе од 40 млади, Роми и не-Роми, од Македонија, Белгија и Шпанија, ќе изведат Флеш моб - краток перформанс кој ќе ве освои на прва.
Флеш моб претставува група на луѓе кои се среќаваат на одредено место во одредено време презентирајќи јавен настап со некаква цел. Најчесто, учесниците немаат многу време за подготовка, но нивните настапи изгледаат складно и синхронизирано.
Пораката која учесниците во овој Флеш моб сакаат да ја пренесат токму на Денот на вљубените е дека треба повеќе да се зближиме едни со други, да се сакаме и почитуваме.
Овој перформанс ќе ве насмее, ќе ве замисли и истовремено ќе направи да ви заигра секоја клетка од вашето тело - слушајќи ја познатата „Макарена“, на ромски јазик.
Европската невладина организација „Мадам фортуна“ е организаторот на Флеш мобот, во партнерство со македонската невладина организација „МИР“ и „Tide de Music“, од Шпанија.
Голем удел во реализирање на целата културолошка размена имаат и „Рома Театар“, а дел од учесниците во Флеш мобот се ученици од средното училиште „Шаип Јусуф“ од Скопје.
Ако патот ве води накај центарот на главниот град, пред да започнете со вечерните планови за прославување на Денот на љубовта - не ја пропуштајте „Макарена“ пред влезот на ГТЦ од 16ч.