Мамо, добив: Ана Бунтеска, мајка на тинејџерка која не се срами од својата менструација
Во моето семејство женско дете било благослов. Јас, за мајка ми и татко ми, Аргентина за мене. Нема ништо поубаво од посакувано дете. Не ми паѓаше на памет да раѓам до мојата скоро 35-та година. Тогаш посакав да имам дете, ќерка. Велат, дека кога нешто многу сакаш, кога го посакуваш со сето срце и душа, ќе се оствари. На 6-ти август 2006 година се роди мојата лавица, со цели 4 кг. и 50 см. Предвидениот термин за породување ми беше на 27-ми јули, но сите што си имате по некој лав дома (хороскопски знак) знаете дека кај нив не оди ништо по планираното. Веќе како надносено дете, закажавме термин за породување на 7-ми август (демек на мојот именден), ама таа реши да се роди токму кога нејзе и’ се сакаше. Од првиот момент кога ми ја ставија во раце, а тоа беше за неполни 3 минути откако се роди, ме измерка сериозно (дури и педијатарот беше фасциниран од нејзината фокусираност во погледот) како да сакаше да ми каже “ахам, ти си таа што ме износи”.
Аргентина, или Нина како што ја нарекуваме растеше како по учебник. Отсекогаш сме имале рамноправен однос, дури и кога беше многу мала за да разбере што значи тоа. Како двочлено семејство, функционираме на ниво мајка-ќерка-другарки. Иако не зборуваше скоро до својата 3-та година, сега е невидена дрдорка која не само што сака да раскажува, туку и прашува се’ што ја интересира. Во семејството немаме табу теми, почнувајќи од разводот со нејзиниот татко, па се’ до оние теми како што се: како се прават деца или што е хомосексуалност. Една од најважните заложби ми беше (и ми е) да одраснам човек кој ќе биде без предрасуди, информиран и да мисли со своја глава.
Некаде лани, ова време кај неа почнаа промени на телото за кои често зборувавме. Растење на градите, влакна и од сето она што го гледав кај неа ми стана јасно дека нејзиното тело полека се спрема за она што следи, МЕНСТРУАЦИЈА. Воедно, токму тогаш почнаа и промените во нејзиното однесување, расположенија кои се менуваа, грчеви во стомакот. Интересно, ама тоа ме врати и мене во оние години кога почнав и јас кај себе да приметувам промени кои беа психофизички. Нина имаше доволно информации за тоа што е менструација, кога настапува, што значи и што може да очекува.
Но, едно е теоретското знаење, а сосем друго кога лани летото се случи ТОА. “Мамооооооооооооооооооо, добив менструација”.
А мајката....па како да ви кажам. Измешани чувства дека детето ми порасна, а од друга страна таа за мене секогаш ќе биде она мало детуле кое пред заспивање велеше “ајде со прстот цртај ме по лицето”. Се разбира дека бевме спремни, веќе имавме вежбано како се става улошка. Ама малку е тажен моментот кога си го гледате девојчето кое за вас е уште бебе како со сериозност ја мести улошката и ве прашува “ок е вака?”. Башка, уште се сеќавам на моментот кога ми влета во тоалетот додека јас ставав улошка и кога остана подзината од глетката, па на мајка ми по телефон и’ раскажа дека “мама носи пене (пелена)”.
Иако зборувавме за менструалниот циклус, кога доби мензис повторивме уште еднаш. Дека во просек, менструација се добива на 28 дена и трае 2-7 дена. Дека не треба да се плаши, дека треба редовно да менува улошки и дека хигиената е особено важна во тие денови. Откако го направивме муабетот, си го гледам детето малку подзагрижено. Ја прашувам што и’ е, а таа како од пушка “како тоа мислиш 28 дена? Па јас ќе умрам ако крварам толку време”. За смеење, ама и не беше баш за смеење. Па едвај се разбравме дека процесот е обратен, дека ќе крвари 2 до 7 дена, а не цели 28. Сега веќе после една година, сама си ги препознава знаците. Знае да каже дека чувствува грчеви во стомакот и си се преиспитува (гледајќи во календарчето) за колку време треба да добие мензис. Научи дека физичката активност треба да и’ биде поумерена и дека не треба да се срами од нешто што е сосем природно.
Е сега, како и секое дете се обидува некогаш да манипулира со пубертетот и мензисот, демек треба да и’ попуштам за нешто затоа што има добиено или е во пубертет. Со сета своја либералност, имам одлучено дека во животот ќе бидам објективна во однос на неа и нејзините барања. Па на секоја таква манипулација и’ велам дека јас влегувам во климактериум и дека треба таа мене да ми попушта. Со ококорени очи ме праша “што ти е па сега тоа климактериум?!” и искрено беше емпатична кога и’ објаснив дека тоа е како нејзиниот пубертет, ама малку полошо.
Искрено ме зачуди фактот дека девојчињата на нејзина возраст кои имаат мензис го кријат тоа од околината и своите другарчиња. Дека е тоа “пстттттттт, не се зборува за тоа”. А моево дете е учено дека секоја телесна функција и течност е сосем нормална. Дека да се зборува за мрсули или мочкање е исто што и да се зборува за менструација. Веќе сама си става улошки во ташната за на училиште и се грижи за сопственото тело. Основата која децата ја добиваат од дома е основа за нивниот третман кон телото. Да, од тука се мочка. Не, од таму не се раѓаат деца. Да, менструацијата доаѓа од истото место од кое се раѓаат деца и не, не мочкаш крв.
Ќерка ми е учена дека не е добро да се лаже, краде, манипулира и осудува. Знае да препознае што е добро, а што не е и има сопствен став за сите работи кои и’ се случуваат во животот. Таа е одрасната без чувство на срам дека треба да ги разбере оние кои се различни од неа и кои живеат поинаку. Таа нема срам дека добива менструација и знае дека е тоа сосем нормална и природна работа. Знае како се зачнуваат деца и секој дел од телото каква функција има.
Мојата работа како родител е да ја спремам за животот кој ќе го живее. А тоа го можам само со давање информации и разговор. Ќерка ми има скоро 13 години и заедно купуваме улошки исто како што заедно купуваме се’ што ни треба за дома.
Јас сум Ана Бунтеска, мајка на тинејџерка која има МЕНСТРУАЦИЈА и која не се срами од тоа.