Марија е многу строга како ментор: Интервју со Ангела Котуровиќ, струмичанката која издоминира во „Ѕвездите на Гранд“
Ангела Котуровиќ, 22-годишната струмичка, која скромно излезе на големата сцена во шоуто „Ѕвездите на Гранд“, уште при првите испеани стихови ги освои членовите на жирито. Нејзиниот настап го оценија со највисока оценка, а сега, откако спласнаа емоциите по нејзиното појавување, за Хаштаг откри дали очекувала толку позитивни реакции.
„Очекував секакви реакции, очекував и добри и лоши коментари и критики (кои се секогаш добредојдени кај мене) бидејќи како кажуваат од грешките најмногу се учи, но сѐ помина во најдобар ред и благодарна сум за тоа.“
Дека се претстави и подобро од одлично, говори и фактот што ги освои сите 8 гласови од жирито, по што како од пушка ја одбра Марија Шерифовиќ за ментор. Како што ни посочи, оваа одлука ја донела уште пред да застане на сцената и е многу среќна што има можност да учи токму со оваа пејачка.
„Марија Шерифовиќ е една од моите најголеми идоли и најголем пример како треба да изгледа една звезда.Од мали нози ги слушам нејзините песни и сонував за моментот да се сретнам со неа.Така што знаев дека ја сакам неа уште кога застанав на сцената, тоа се случи и многу сум среќна што ќе соработувам со звезда како неа.“
Како што е познато, во првиот круг, кандидатите сами ги одбираат песните со кои ќе се претстават, а во ова на младата струмичанка од голема помош ѝ бил нејзиниот сопруг.
„Во изборот на песните ми помогна мојот сопруг, бидејќи тој ги знае што пеам и во кои песни сум најдобра и не згрешив што го послушав.“ – ни кажа Ангела, по што ни откри дека веќе започнала да вежба со менторката.
„Да почнавме со вежбање, Марија е многу строга како ментор. Строга е за сѐ - од пеење до изгледот на сцена, но тоа го прави за сѐ да биде во најдобар ред, да изгледаме културно и скромно и да го покажеме најдоброто од нас.“
Иако е рано, Котуровиќ ни ги откри и своите очекувања
поврзани со натпреварувањето:
„Сѐ уште е рано да го кажем тоа, но со ментор како Марија Шерифовиќ мислам дека ќе стигнем до финале, иако има и многу добри изведувачи. Се надевам дека ќе стигнам, но останува времето да ќе покаже. #стискамепалци“
За извонредните вокални способностите е виновна нејзината мајка, а големата самодоверба, но и сигурните движења на сцена се препишуваат на претходно искуство кое го стекнала преку учеството на разни фестивали, како и настапи во локални кафулиња.
„Па можам да кажам дека талентот ми е наследен од мајка ми, но повеќе дека е Божји дар. Имам настапувано на повеќе натпревари кога бев во средно под менторство на мојата професорка Анита Станковска и имам земено бројни први награди. На концерти организирани од училиштето имам настапувано два пати на Струмица Опен Фестивал во 2015 и 2020 година и имам освено второ место на ниво на Македонија во 2019 година на шоуто Звезда број 1, имам настапувано во многу кафулиња во Струмица пред бројна публика, така што тремата пред публика ми е совладена многу оддамна. Се надевам дека во иднина ќе имам уште многу настапи и пеење во еден глас со публиката, што воедно е и еден од моите сонови.“
Веќе се наближува и крајот на годината, па неминовно беше и
прашањето како ќе ги прослави празниците, на кое даде одговор за кој веруваме
дека ќе ве насмее.
„Па ние сме едно мало и скромно семејство од тројца членови. Празниците ги поминуваме традиционално заедно во нашиот дом, но и во најлуда атмосфера со познатиот плачко нашиот син Ноах. Многу ни е забавно (хахаха)“
За крај, младата и талентира Ангела испрати и моќна
новогодишна честитка до сите, посочувајќи дека „животот е еден и нема реприза“.
„Верувајте во себе и оставете времето да си го направи своето, сакајте се, почитувајте се и уживајте во животот бидејќи е еден и нема реприза. Ви посакувам среќни новогодишни и божиќни празници.“
И. Мисајловска