„Mетодот на повлекување“ е сè уште најпопуларна метода на контрацепција кај младите: Финансиите и неинформираноста причина за ниска свест
Момчињата одбиваат да користат контрацепција, бидејќи им е кажано дека „на вистинските мажи тоа не им е потребно“, а девојчињата пак, се срамат да разговараат на оваа тема со нивните партнери мислејќи дека ќе остават погрешен впечаток.Младите сè уште сметаат дека чувството на задоволството е намалено кај машкото ако носи кондом, дека „контрацептивите ќе ме здебелат“ , дека влијаат на зголемена влакнетост кај девојките, дека „мажот ме штити“ е начин на планирање семејство, а „методот на повлекување“ е сè уште најпопуларна метода на контрацепција бидејќи младите не се доволно информирани за контрацепцијата и нејзината важност како средство за превенција од болести и несакана бременост.
Но, не само младите, вистината е и дека голем дел од повозрасното население, не е доволно едуцирано.
Индексот за Македонија, со кој е изразена „Потребата за семејно планирање, задоволена со модерни методи“ во рамки на матриксот на 14 компоненти на генералниот национален „Индекс на универзална здравствена покриеност“, е оценет со 25, при што во светски рамки полош индекс од ова имаат само Албанија, Јужен Судан, Сомалија и Чад.
Како една од пречките за постигнување повисок степен на употреба на модерна контрацепција се финансиите – покажува сеопфатната анализа „Пристап до средства за контрацепција и здравствени услуги за семејно планирање“ од ХЕРА.
За да користат некое од достапните модерни контрацептивни средства, жените и/или нивните партнери мора да го платат со полна сума, што претставува посебна бариера за младите и за лицата со понизок социо-економски статус. А и покрај ветувањата на Владата, во Македонија ниту едно контрацептивно средство не е на Позитивната листа на лекови кои се покриени од Фондот.
Денес, 26-ти септември е Светски ден на контрацепцијата, а доцент д-р Даниела Иванова Панова, раководител на оддел за репродуктивна ендокринологија со детска и адолесцента гинекологија, која има 27-годишно искуство на Универзитектска клиника за гинекологија и акушерство ГАК Скопје, вели дека контрацепцијата е еден вид „заборавена“ во државава.
- Контрацепцијата е еден вид „заборавена“ работа, не само од корисниците туку и од стручните лица - од професионалците се смета за секундарана работа, не е примарна, особено откако започна ковид пандемијата, контрацепцијата е ставена под тепих и е во слободен пад – вели д-р Иванова Панова.
Во 2020 година е регистриран преполовен број на совети за планирање на семејството во примарната здравствена заштита. Регистрирани се за 67,7 % помалку посети за планирање смејство во однос на 2019 година. Бројот на регистрирани ординирани контрацептивни средства во 2020 г. е исто така значајно намален во однос на 2019 г. и изнесува 1.246, а бил 8.923 во 2019 г.
Овој сериозен пад во голема мера се должи на пандемијата со КОВИД-19 и на објективните нарушувања во давањето здравствена заштита на примарно ниво и пренасочување на капацитетите.
Според Иванова Панова причините за мала свест за употреба на контрацептиви можат да лежат од недоволната информираност на корисниците и недоволна популаризација, односно недоволно јасно кои се не само контрацептивните бенифити, туку и неконтрацептивните бенефити од одредени типови на контрацепција, а од друга страна, докторката смета дека неедуцираноста не само на населението, туку и на здраствениот кадар, е голем пропуст.
-Пред некое време колешка докторка која завршила факултет, и е на специјализација, ме прашува за нејзина братучетка која имала незаштитен секс, како да се заштити, имала две деца, па да не остане трудна со трето... значи таа завршила факултет, е на специјализиација, и - не слушнала за контрацепција?! Ова вака прилично ме изненади, сметам дека е застрашувачки и фрапантно.
Одовде ја гледам и потребата едукацијата за контрацепција да влезе во курикуломот на студентите по медицина, во образованието, во предмет биологија или сексуално образование. Познавањето на сопственото тело и како функционира, е нешто на коешто треба да се работи.
Дека младите не се доволно информирани за потребата од користење на контрацепција, покажало и испитувањето на кое работела д-р Даниела, каде млади студенти, идни академски граѓани и интелектуалци, како што вели таа, не се доволно едуцирани.
- Имав катастрофални одговори од млади студенти кои не знаат, не се доволно информирани за контрацепцијата и важноста. Младите сè уште сметаат дека „методот на повлекување“ е метода на контрацепција, тие сè уште мислат дека „мажот ме штити“ е начин на планирање семејство.
Несоодветен и погрешен е и начинот на кој младите ги добиваат овие важни информации, а многубројни анализи покажале дека воглавно социјалните мрежи, Инстаграм, Тикток, Гугл - се изворите од кои се „едуцираат“, тоа го потврдило и истражувањето со главен фокус на болна менструација, на д-р Иванова Панова.
- Младите најмалку имаат информации од стручно лице, а во однос на тоа со кого се консултираат, најголемо влијание има семејството, односно мајката и другарките, но и социјалните медиуми, а само 15% добиле информација од доктор, од здраствена служба.
Социјалните медиуми, особено оние помодерните имаат најмногу влијание во добивање основни знаења и предзнаења.
Фејсбук изгледа е веќе за старите, па од Инстаграм, Тикток, со кратки видеа, со кратки пораки, се стига токму до таа млада популација, тинејџери – возрасти во којшто младите почнуваат да се интересираат за сексуална активност, а ако го имаме тоа како табу, за нив ќе биде како забранетото овошје коешто скришно се конзумира, а информацијата ќе биде од погрешен извор.
Од друга страна, како битен фактор се јавува и финансискиот аспект, контрацептивните средства не може секој да си ги дозволи, особено не ранливите, сиромашни групи на граѓани, па иако Владата на РСМ пред пет години (во својата 4-годишна програма за периодот 2017 – 2021 г.) вети дека барем еден вид на орална контрацепција ќе биде ставен на Позитивната листа на лекови кои паѓаат на товар на ФЗОМ, реалноста е дека во Македонија сè уште нема ниту едно модерно средство за контрацепција на Позитивната листа.
Достапни во земјата во аптеките се контрацептивни средства за кои треба да се плати полна сума. Износот се движи од 165 до 827 денари. А како најевтини се јавуваат кондомите кои во зависност од брендот можат да се најдат и по цена помала од 100 денари.
Од контрацептиви со подолго дејство, во аптеките достапни се интраутерин инсерт (спирала) со хормони (околу 6.800 денари), како и долгоделувачки контрацептив во форма на инјекција (270 денари), како и орална комбинација која може да се користи и како итна контрацепција (околу 260 денари). Во поглед на итната контрацепција, регистрирани се 3 препарати со активна супстанција levonorgestrel, од кои достапен во аптеките е само еден (околу 500 денари за 1 таблета). Оралната итна контрацепција е регистрирана да се издава без лекарски рецепт.
- Што се однесува до проширување на употребата на контрацептивни средства, неопходно е финансиски достапно контрацептивно средство. Младите најчесто не располагаат со големи финансиски средства и тоа ги обесхрабрува од набавка на контрацептиви, што подоцна, за жал, го плаќаат со своето здравје. Во нашата држава сè уште не е обезбедено бесплатно контрацептивно средство или средство финансирано од ФЗОМ за кое со години апелираме. Неодамна, тоа го направивме преку креирање на документ изработен од страна на повеќе членки, меѓу кои и ХЕРА, по име ‘Младите бараат: Пристапна и достапна контрацепција’, кој е бесплатен и достапен за симнување на интернет, а повеќе информации поврзани со контрацепција се достапни на сајтот - вели Ангела Илоска - доктор по општа медицина и сениор едукатор по сеопфатно сексуално образование и младински претставник при Управен одбор на ХЕРА.
Д-р Илиоска вели дека финансиската состојба игра голема улога при изборот на контрацептивен метод. Кондомот е најевтино и најдостапно средство, а воедно штити и од сексуално преносливи инфекции, потоа следат контрацептивните таблети, спермицидните креми, други видови на хормонска терапија и на крај, како најскапа е спиралата, но од друга страна нуди најдолготрајна заштита, до 5 години. Фемидом и дијафрагмални капи, за жал не се достапни на нашиот пазар.
За да се подигне свеста за важноста од употреба на контрацепција, Илиоска посочува дека државата има најголема улога во овој процес. Со воведување на оваа тема во формалниот образовен систем, ќе се обезбеди универзален пристап до веродостојни и современи информации, а воедно ќе доведе и до дестигматизација, со која значително ќе се подобри физичкото и психичкото здравје на младите. Ако се земе предвид фактот дека сè поголем е бројот на млади со сексуално преносливи инфекции и млади кои се соочуваат со неплодност предизвикана од СПИ, овој чекор е повеќе од неопходен - вели таа.
А како што д-р Даниела посочува, пред сè важно е да се разбере дека контрацепцијата не е само средство за несакана бременост. Контрацепцијата влијае на сексуалното и репродуктивно здравје и кај мажите и кај жените.
-Не е контрацепцијата само за „антибејби“, односно различните контрацептивни средства имаат и други контрацептивни бенефити во однос на секусалното и репродуктивното здравје.
На пример кондомот освен како контрацепција штити и од пренесување на сексуално преносливи болести од ХИВ до ХПВ, меѓутоа кондомот кој е правилно употребен и правилно поставен, во правилниот момент.
Кондомот штити на долги стази бидејќи кога станува збор за ХПВ инфекцијата, што е особено со високо ризичен тип кој на долги стази доведува до премалигни, малигни промени на грлото на матката, што значи кондомот на долги стази штити од рак на грлото на матката.
Оралната контрацепција од своја страна пак, освен што е контрацептив односно спречува несакана бременост, влијае на хормоналниот статус на корисничката и ги става нејзините јајници во мирување. Истовремено некои од оралните контрацептиви се регистрирани и за терапија на благи форми на акни, намалување на појачена влакнатост, делуваат кај предменструално пореметување - значи тоа се неконтрацептивните бенефиции кои на долги стази имаат позитивни ефекти кај корисничката.
Потоа спиралата којашто има лек – леоноргестрил, пак влијае за истенчување на ендометриумот на матката и автоматски менструалното крварење ќе биде многу помало, се користи и за лекување на тешки менструални крварења во перименупауза кога жените губат крв, анемизираат, и се среќаваат со страшни последици - не само долготрајно крварење, туку и последиците на слабокрвноста, анемијата, намалена работоспособност, итн.
Д-р Панова Иванова објаснува дека модерната контрацепција која се користи е онаа која што е риврзебал, односно повратна контрацепција - во моментот кога ќе престанете со употребата, се враќа и фертилноста, значи се враќа репродуктивната способност.
Од друга страна, како младински едукатор, д-р Илиоска вели дека среќна е што сè повеќе млади луѓе го препознаваат поимот контрацепција- поточно методи за спречување на непланирана бременост, но и воедно стануваат свесни дека незаштитениот сексуален однос подразбира и ризици не само од непланирана бременост туку и од сексуално преносливи инфекциии штетни последици по здравјето.
Но, вели дека сепак, бројките се сеуште незадоволителни. А од искуството на терен, таа вели дека најчести прашања од младите на оваа тема, се поврзани со изборот и достапноста на контрацептивни средства, како правилно да се употребуваат и слично.
-Многу често се поставува прашањето како да се разговара на оваа тема со партнерот, на кое секогаш го имам истиот одговор - секој сексуален однос, без разлика дали е со ист или друг партнер е донесување на одлука. Пред секоја одлука потребен е разговор, и ако се чувствуваме подготвени за сексуален однос, треба да се чувствуваме безбедно и да разговараме на оваа тема и да побараме помош ако се чувствуваме несигурно. На крај, и одговорноста и последиците ги делат и двете страни. Најефикасно е кога партнерите се чувствуваат безбедно и охрабрено, па заедно доаѓаат на консултација. За покомплексни прашања надвор од нашиот домен, се трудиме да ги поврземе со соодветно стручно медицинско лице.
Често се случува проблем кога младите навистина се заинтересирани да дознаат околу методите на контрацепција, но чувствуваат срам и страв од осудување да побараат помош од стручно лице, па најчесто пребаруваат на социјалните мрежи и интернет форуми. Ова воопшто не е препорачано, бидејќи честопати добиените „совети“ од непроверени извори знаат да бидат не само неточни, туку и потенцијално опасни. Затоа секогаш ги потсетуваме да се обратат на стручно лице (матичен лекар, гинеколог, уролог, Младински центар- Сакам да знам), идеално, пред да започнат со сексуални односи од било каков вид, за да ги имаат сите информации во предвид и да изберат средство кое одговара на нивните лични потреби и можности.
Како што истакнува д-р Илиоска, покрај стигматизацијата на контрацепцијата која владее во нашата околина, социјалните притисоци играат голема улога.
- На пример, неретко се сретнуваме со примери кога момчиња одбиваат да користат контрацепција, бидејќи им е кажано дека ‘на вистинските мажи тоа не им е потребно ‘, а девојчињата, пак се срамат да разговараат на оваа тема со нивните партнери/ки мислејќи дека ќе остават погрешен впечаток, несвесни дека со ова го ризикуваат своето гинеколошко и репродуктивно здравје.
Следен проблем е ниското ниво на образование поврзано со употребата на контрацептивни методи. Постојат многубројни митови кои ги обесхрабруваат младите од употреба на контрацепција, а би наброила само неколку од нив: дека оралната контрацепција е штетна и предизвикува трајни промени, дека спиралата предизвикува неплодност, дека употреба на два кондоми истовремено штити повеќе од еден кондом и слично. Овие митови може да се обелоденат само со универзален пристап до точни и up- to date информации, што може да се постигне само преку формалното образование.
Со гинеколог д-р Даниела Панова Иванова ги разбиваме некои од најраспространетите митови за контрацепција:- Време е да се надживеат митовите за контрацепцијата, како оној мит дека чувството на задоволството е намалено кај машкото ако носи кондом - тоа е мит и секоја девојка треба да го знае и да го спречи, едноставно да не дозволи партнерот да ѝ ја пренесе целата негова флора. Еден незаштитен секс значи како да спиела со сите негови претходни, и на тие партнерите, затоа и ХПВ е толку многу проширено и распространето, затоа што доволно е еднаш да се случи незаштитен однос, за да се пренесе.
На сексуалното задоволство, на возбудата и на доживувањето, не влијаат ниту оралните котрацептиви, особено не овие модерните кои немаат нус ефекти како што ги имале контрацептивите во 50-тите години.
Можете да замислете, овие митови влечат корени од пред 70-години.
Уште еден мит е дека контрацептивите ќе ве здебелат , и тоа не е точно, токму модерните контрацептиви имаат во составот материја којашто ги намалува отоците, напротив слабее и делува позитивно на кожата, на косата. Понатаму влакнатост е исто така мит поврзан со контрацепција - а вистината е дека контрацептивите се даваат некаде токму во ситуации заради нивниот неконтрацептивен ефект - намалување на влакнатоста, односно во некои случаи на појачена влакнатост.
Постоеше и мит и дека газиран сок е контрацептивно средство – односно миење на гениталии со него после однос... некој го правел тоа, верувал во тоа.
По повод Светскиот ден на контрацепцијата, д-р Даниела посочува младите да не се плашат од контрацепцијата, да бараат стручен совет во секој момент, од стручни лица кои се желни да им одговораат на сите прашања. Дали тоа ќе биде преку младинските центри на невладините организации, дали ќе биде кај матичните гинеколози, или на ГАК каде што постои оддел за детска и адолесцентна гинекологија - значи постојат гинеколози којшто се бават токму со адолесцентната популација и со нивните проблеми.
Младите да не одлучуваат врз база на муабети, туѓи искуства, социјални медиуми, каде што се распространети и многу митови.
Според д-р Даниела, повидлива треба да стане работата на невладините младински центри како и на Здружението на гинеколози, бидејќи како што вели таа младите се како сунѓери, примаат информации меѓутоа само треба да се најде правилниот начин како да се допре до нив, младите денес не се како порано, вели таа, тие сега помалку почитуваат авторитети а повеќе се „ready to go“.
-Важно е младите да знаат дека за да се стапи во сексуален однос треба да има предуслови, дека треба да има вљубеност, дека заљубеност не е доволна, дека треба да има заемно почитување, разбирање, воспоставување на однос па потоа ако дојде до таа физичка активност.
Љубица Иванова